Душан Цекиќ (Лесковац, Србија, 28 февруари 1879 - Скопје, 5 јануари 1939) бил еден од најистакнатите водачи на македонското социјалистичко движење во периодот помеѓу Младотурската револуција од 1908 и 1920-1921.

Душан Цекиќ
Роден 28 февруари 1879
Лесковац, Србија
Починал 5 јануари 1939
Скопје
Познат Социјалист

На Вториот конгрес на Работничкиот сојуз на Србија во 1904 година Цекиќ е избран за член на Управниот одбор. Во српското работничко движење делува до 1908 година, а потоа, преселувајќи се во Скопје, работи на организирањето и развојот на македонското социјалистичко движење.

Во 1909 година Цекиќ е еден од основачите на Скопската социјалдемократска организација и нејзин секретар. Заедно со Васил Главинов, Стојан Дивлев и Михаил Цоков, Цекиќ како претставник на социјалдемократските организации од Македонија, во јануари 1910 година во Белград зема учество на Првата балканска социјалдемократска конференција. По обновувањето на Скопската социјалдемократска организација по Балканските војни, во април 1914 е избрано ново раководство, при што Цекиќ е избран за нејзин претседател.

По крајот на Првата светска војна и по формирањето на Кралството СХС, Скопската социјалдемократска организација е обновена на 9 февруари 1919 година, а за претседател е избран Цекиќ. Во април истата година тој е дел од 20-члената делегација од Македонија на Основачкиот конгрес на Комунистичката партија на Југославија. На Конгресот е избран за член на 10-члениот Извршен одбор на партијата. Во 1920 година учествува и на Вториот конгрес на КПЈ и е реизбран во Извршниот одбор. Во 1920 година ја врши и функцијата секретар на Обласниот комитет на КПЈ за Македонија. Како делегат на КПЈ, во јуни-јули 1921 година Цекиќ зема учество и во работата на Третиот конгрес на Комунистичката интернационала.[1]

На општинските избори за Скопје, одржани на 22 август 1920 година, Цекиќ е кандидиран за претседател на општината, но не е избран. Во ноември истата година ја предводи и списокот на кандидати на КПЈ за скопскиот округ на изборите за Уставотворното собрание и е избран за пратеник.[2]

Под влијание на зголемената идеолошка униформност на комунистичкото движење, Цекиќ, кој не се согласува со тој тренд на развој, кон крајот на 1921 година е исклучен од КПЈ. Сепак, наскоро повторно е примен во Партијата и во јули 1922 година учествува како делегат на Првата земска конференција на КПЈ во Виена. Таму инклинира кон левата фракција која бара осуда на Сима Марковиќ. На конференцијата доаѓа со сериозен судир помеѓу левата и десната фракција, при што претставниците на левата фракција, меѓу кои и Цекиќ, пред време ја напуштаат конференцијата.

Во текот на 1923 година Цекиќ го издава весникот „Работничка зора“. На парламентарните избори од 18 март 1923 година е кандидиран за пратеник на списокот на Независната работничка партија на Југославија, која е легален облик на дејствување на забранетата КПЈ, но не успева да добие мандат.

Несогласиците на Цекиќ со партиското раководство се зголемуваат и тој предаден е на партиски суд, кој го исклучен од КПЈ, овој пат за секогаш.

По исклучувањето Цекиќ се повлекува од политиката и останатиот дел од животот го поминува во приватност во Скопје.

Наводи

уреди
  1. “Hronologija radničkog pokreta i SKJ 1919-1979”, “Narodna knjiga” и “Institut za savremenu istoriju”, Beograd, 1980, 1 tom, 113, 268 str.
  2. Велимир Брезовски и др. „Деведесет денови на Скопската црвена општина“, Историски архив Скопје, Скопје, 1970, 59 стр.