Дипломец
„Дипломец“ (англиски: The Graduate) е роман на американскиот писател Чарлс Веб од 1963 година.
Содржина
уредиРоманот се состои од осум глави, распоредени во три дела:
- Прв дел: Еден јунски ден, Бенџамин Бредок дипломирал како еден од најдобрите студенти на универзитетот. По тој повод, неговото семејство организира забава на која присуствуваат најблиските пријатели, а за награда Бен добива нов автомобил. Но, тој одбива да излезе од својата соба под изговор дека му треба време и мир за размислување. За време на забавата, во неговата соба влегува госпоѓата Робинсон, жена на еден од најблиските деловни соработници на татко му на Бен. Таа го замолува да ја однесе дома, а таму се соблекува гола, сакајќи да водат љубов. Бен останува збунет и сака да побегне од нејзиниот дом, но токму тогаш се враќа господинот Робинсон. Следната недела, на неговиот 21. роденден, Бен ги известува родителите дека го напушта домот, дека нема да го продолжи образованието и дека ќе скита низ светот.[1]
- Втор дел: По тринеделно патување, Бенџамин се враќа дома. Во меѓувреме, тој работел разни работи, среќавал различни луѓе, се дружел со проститутки, но сепак, тој се враќа разочаран од својата авантура. Два дена подоцна, тој закажува средба со госпоѓата Робинсон во хотелот „Тафт“, а потоа продолжува да се среќава со неа во текот на целата есен. За време на една средба, госпоѓата Робинсон му кажува дека воопшто не го сака сопругот и дека се омажила со него само затоа што останала бремена. Притоа, таа му забранува на Бенџамин да се гледа со нејзината ќерка Елејн. Меѓутоа, кога родителите му ја соопштуваат намерата да ги повикаат Робинсонови на вечера, Бенџамин се согласува да излезе со Елејн. Тие одат во еден клуб, каде присуствуваат на стриптиз, по што Елејн се расплакува, а Бенџамин се извинува за своето лошо однесување. Потоа, тие одат во хотелот „Тафт“ и таму Елејн дознава дека вработените го познаваат Бенџамин и тој ѝ признава дека има врска со постара жена. Утредента, Бенџамин оди во домот на Елејн, но го пречекува госпоѓата Робинсон која повторно му забранува да се гледа со ќерка ѝ, заканувајќи се дека ќе ја открие нивната врска. По кавгата со неа, Бенџамин оди кај Робинсонови и на Елејн ѝ признава дека се гледа со нејзината мајка. Следниот месец, тој ги поминува дома во безделничење.[2]
- Трет дел: Бен им соопштува на родителите дека сака да се ожени со Елејн Робинсон и заминува за Беркли, каде изнајмува соба, надевајќи се дека ќе ја сретне Елејн. Кога најпосле ја здогледува, таа е лута на него и не сака да го види, бидејќи нејзината мајка ѝ раскажала дека тој ја силувал. Бенџамин ѝ ја кажува вистината на Елејн. Таа е растргната меѓу љубовта кон него и врската со нејзиното момче Карл Смит: од една страна, таа бара од Бенџамин веднаш да го напушти Беркли, а од друга страна, му признава дека го сака. Бенџамин ѝ ја соопштува својата намера да се венчаат, но Елејн се колеба. Во Беркли пристигнува господинот Робинсон, кој во меѓувреме одлучил да се разведе и да ја раскине деловната соработка со татко му на Бен. Бен се обидува да ја пронајде Елејн, но безуспешно: таа веќе заминала со татко ѝ. Потоа, во Беркли пристигнува и гопсодинот Бредок, кој сака да го однесе Бен на психијатриски преглед. Бен се враќа дома и тајно влегува во станот на Робинсонови, но Елејн не е таму, а Робинсонови повикуваат полиција. Потоа, тој оди во Сан Франциско, барајќи го Карл Смит и од едно негово писмо дознава дека за утредента е закажана венчавката на Карл и Елејн. Тој веднаш оди во Санта Барбара, влегува во црквата токму во мигот кога свештеникот треба да ги прогласи Карл и Елејн за маж и жена, ја грабнува Елејн и двајцата влегуваат во еден автобус.[3]
Осврт кон делото
уредиОбјавен во 1963 година, романот претставува совршен рез во американското општество и портрет на отуѓеноста и разочарувањето на младите во однос на вредностите што владееле во таа ера. Книгата обилува со луциден, прецизен и ироничен дијалог којшто го отсликува ликовите во нивната болна осаменост. Уште на почетокот од романот, главнот лик, Бенџамин гледа во огромна празнина која ги голта неговите младешки илузии. Соочен со апатијата на секојдневието, тој е во конфликт со околината додека ги открива потресните детаљи од животот. Наспроти него, госпоѓата Робинсон, која е легендарен лик во популарната култура, ја дели истата пасивна душевна состојба како Бенџамин, но со јасно портретираниот лик на средовечна привлечна жена, совршено ја дополнува сликата на реалноста, правејќи прецизен пресек под кој се открива целината на книгата. Книгата зрачи со универзалност и безвременост која лесно може да се примени и актуелизира и во денешнината. „Дипломец“ самоуверено и иронична фрла остар поглед врз современото општество, врз материјализмот на средната класа и врз социјалните норми, а притоа, преку брзиот дијалог, не дозволува читателот да ги загуби ритамот на делото и основната порака што се крие под текстот.[4]
Чарлс Веб го напишал романот на возраст од 24 година, по завршувањето на колеџот „Вилијамс“. Веројатно, книгата е напишана според вистинска приказна, зашто авторот во една телевизиска емисија изјавил дека инспирацијата за ликот на госпоѓата Робинсон ја добил од Џејн Ериксон, жена на некој пријател на неговиот татко, иако негирал дека тој имал сексуална врска со неа, како што се случува во романот. Врз основа на книгата се снимени неколку филмови од кои најпознат е истоимениот филм од 1967 година, во режија на Мајк Николс, со Дастин Хофман во главната улога. Всушност, филмот станал пославен од книгата, а самиот Веб никогаш не се чувствувал пријатно поради тоа, зашто, според сопственото признание, филмот го одвлекол вниманието од него како сериозен писател. Притоа, иако филмот постигнал огромен успех, тој никогаш не бил директно поврзан со романот на Веб, а сценаристите ја приграбиле целата слава, иако речиси буквално го презеле дијалогот од книгата.[5]
Изданија на македонски јазик
уредиНа македонски јазик, книгата е објавена во 2012 година во издание на „Темплум“, како 103 книга во рамките на едицијата „Магма“. Преводот од англиски јазик е дело на Алек Кузмановски. Книгата е печатена во мал формат (17 сантиметри), во мек повез и има 272 страници. Таа е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4658-12-2. Графичкото уредување и дизајн е дело на фирмата „Кома“.[6]
Наводи
уреди- ↑ Чарлс Веб, Дипломец, Темплум, Скопје, 2012, стр. 5-56.
- ↑ Чарлс Веб, Дипломец, Темплум, Скопје, 2012, стр. 59-157.
- ↑ Чарлс Веб, Дипломец, Темплум, Скопје, 2012, стр. 159-262.
- ↑ „Поговор“, во: Чарлс Веб, Дипломец, Темплум, Скопје, 2012, стр. 265-266.
- ↑ „Поговор“, во: Чарлс Веб, Дипломец, Темплум, Скопје, 2012, стр. 266-267.
- ↑ Чарлс Веб, Дипломец, Темплум, Скопје, 2012.