Гаврил Атанасов

македонски уметник

Гаврил Атанасов Христов (1863 - 1951) — истакнат македонски зограф, иконописец и фотограф. Бил исклучително плоден творец, создавајќи иконостаси, самостојни икони и фрески во Малешевијата и Пијанец, во Кочанско, Штипско, Радовишко и Струмичко, но работел и во светогорските манастири на икони за извоз. Управата за заштита на културното наследство на Македонија има заведено 300 негови икони само од црквите во Малешевијата и Пијанец, од кои 41 се припишуваат на неговиот син Борис Гаврилов.[1] Вкупниот број на негови дела е несомнено доста поголем. Бил и деец на ВМОРО.

Гаврил Атанасов
Гаврил Атанасов
Роден(а)1863
Берово, Османлиско Царство
Починал(а)1951
Берово, НР Македонија
НационалностМакедонец
Занимањезограф, иконописец, фотограф
Познат(а) поцркви и манастири
Значајни делаво текстот
СопружникМарија Поп Буровска
ДецаБорис Гаврилов и седум други

Животопис

уреди
 
Свети Јован Златоуст од јужната олтарна врата на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово, потпишана „Иконописецъ Гавриилъ Атан. Македонецъ отъ село Берово Малешъ 1897 год.

Роден е во 1862[1] или 1863 година[2] во Берово, во семејството на Влав преселник од Крушево и мајка Македонка од Ратево.[1] Во 1870 – 1871 г. Атанасов го посетувал бугарското училиште во Берово. Работел како аргат бидејќи семејството било сиромашно.[2]

На возраст од околу 18 години заминал на Света Гора кај брат му Христо, кој тогаш работел како слуга во рускиот манастир „Св. Пантелејмон“. Таму се сретнал со работата на зографите и самиот посакал да стане зограф. Брат му уплатил 20 лири за Гавриловото обучување. Во 1881 ја отпочнал обуката кај Григориј Шкурт во Кареја, но во 1885 г. го напуштил бидејќи бил незадоволен од него. Во текот на следните две години се обучувал кај негушанецот Христодулос Матеу, исто така во Кареја, по што станал негов помошник. Нивната заедничка работа траела 13 години, сето време изработувајќи икони исклучиво за извоз во Русија. Во 1898 г. Атанасов се разделил од мајсторот и година и половина престојувал во рускиот конак во Кареја, при што рускиот иконописец Поликарп му го предал првенството бидејќи веќе бил стар.[1][2]

 
„Свети Пантелејмон воскреснува мртовец“ изработена во Берово, 1893 г.

Во 1901 г.се вратил во Берово[2] и се оженил за Марија Поп Буровска.[1] Во тој период се занимавал и со револуционерна дејност; есента 1903 г. бил принуден да пребега во Ќустендил, заедно со уште 50 - 60 лица. Во Ќустендил се задржал една година и насликал некои мали икони за тамошните цркви „Св. Мина“ и „Св. Димитриј“,[2] меѓу кои е иконата на св. Димитрија.

Од Ќустендил Атанасов се упатил во Софија,[2] каде ги насликал малите апостолски икони во грчката црква „Св. Ѓорѓи“.[2]

Во 1905 г. заминаал во Кареја на Света Гора, каде изучил фотографија од Васил Тарарачков, кого пак тој го учел иконопис. По две години на Света Гора трајно се вратил во Берово.[2]

Атанасов работел во манастирската црква „Св. Архангел Михаил“ во Берово од 1899 до 1920 г. и негов потпис носат 13 икони во храмот.[1][2] Заедно со зографите Григориј Пецанов и Димитар Андонов Папрадишки е автор на иконописот во струмичката катедрала „Св. Кирил и Методиј“, изградена во 1911 г.[3] Во 1913 – 1914 г. ги насликал иконите во црквата „Св. Спас“ во Раздол и „Св. Троица“ во Добри Лаки, обете во Пиринска Македонија.[2][4]

Со почетокот на војните Атанасов ја сопрел ликовната дејност, продолжувајќи ја во 1920 г. Во 1921 – 1922 г. творел во црквата „Вознесение Христово“ во Погулево.[5] Во 1919 г. ги насликал иконите за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Воиславци.[5] Меѓу од најубавите негови икони се наоѓаат во храмот „Св. Димитриј“ во Смиланци.[1]

Во периодот од 1924 до 1925 г. ги изработил сите икони за црквата „Рождество на пресв. Богородица“ во Тренчовци, Беровско. Во истиот период Атанасов ги насликал иконите за црквите „Св. Ѓорѓи“ во Град, „Рождество на пресв. Богородица“ во Ракитец, „Св. Атанасиј“ во Мачево, Беровско, во беровските цркви „Рождество на пресв. Богородица“ и „Успение на пресв. Богородица“ (1920 – 1922). Автор е на фреските во црквата „Пресв. Богородица“ во Двориште, Беровско, на иконите во црквата „Св. Ѓорѓи“ (1932 – 1933) во Сушица, Струмичко. Негово дело е живописот во средната купола и Света Варвара на ѕидот во црквата „Св. Архангел Михаил“ во Ваксево, Ќустендилско.[2]

Ги изработил иконите во „Св. Атанасиј“ во Нов Истевник, изградена во 1936 г.[6]

 
Убиениот Даме Груев — фотографија на Атанасов.

Освен со живописот, Атанасов се занимавал и со фотографија, и се смета за првиот фотограф во Малешево. Негова е фотографијата на Даме Груев од 1906 г. како лежи убиен кај Русиново. Во 1934 г. неговото ателје изгорело во пожар, при што е уништен и голем дел од делата.[1]

Починал во Берово во 1951 г.[1] Имал осум деца со неговата сопруга. Синот Борис Гаврилов исто така бил зограф.[1]

Техника

уреди

По кажување на самиот Атанасов, неговата сликарска техника вклучува исклучително внимателно цртање со јаглен на подготвена даска, со цел да не се оштети мазната површина на подготвениот слој. Врз тоа исцртувал втори линии со молив, го чистел јагленот и почнувал да работи со боите. Мешал малку од нив на палетата, освен за поспецијалните тонови. Обично ги нанесувал вапсилата, па со округла четка со кратки влакна почнувал да чука по нив додека не почнат да се прелеваат едно во друго. На овој начин добивал фини полутонови и преоди. Со оваа техника тие идеално се измазнувале, без да има било какви траки од четка. Иконата ја лакирал откако ќе се исуши бојата. Оваа техника влијае и врз стилот на творецот. Формите покажуваат мошне голема склоност кон неокласицизмот. Во тоа време ова било својствено на многу од иконописците во Русија, како и на повеќето мајстори од Света Гора.[2]

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 „Гаврил Атанасов – Зограф“. За луѓето од Малешевијата. Посетено на 25 август 2016. no-break space character во |title= во положба 16 (help)
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 Василиев, Асен (1965). Български възрожденски майстори: живописци, резбари, строители. София: Наука и изкуство. стр. 295–297.
  3. „Соборна црква „Свети Кирил и Методиј" – сите убавини и обележја на Струмица“. Strumica City. Архивирано од изворникот на 2014-04-27. Посетено на 27 април 2014.
  4. Енциклопедия „Пирински край“, том I. Благоевград: Редакция „Енциклопедия“. 1995. стр. 360. ISBN 954-90006-1-3.
  5. 5,0 5,1 „Ораовичко-воиславска парохија“. Брегалничка епархија. Архивирано од изворникот на 2014-03-28. Посетено на 29 март 2014.
  6. „Трботивишка парохија“. Брегалничка епархија. Архивирано од изворникот на 2014-03-27. Посетено на 28 март 2014.

Надворешни врски

уреди