Григориј Пецанов
Григориј Пецанов — истакнат македонски иконописец и зограф од времето на Македонската преродба во XIX век[1][2] Се смета за мошне надарен и школуван мајстор, „голем стилизатор на формата и добар техничар“.[1] Во своето творештво Пецанов претпочита темни, силни и заситени бои.[1] Неговите дела во Струмичко се вклучени меѓу движното културно наследство на Општина Струмица.[3]
Григориј Пецанов | |
---|---|
Роден(а) | Струмица, Османлиско Царство |
Националност | Македонец |
Занимање | иконописец |
Познат(а) по | цркви и манастири |
Значајни дела | во текстот |
Живот и дела
уредиРоден е во градот Струмица. Родот на татко му Пецо потекнува од блиското село Дабиље.[4] Творел во многу цркви во Струмичко и на други места.[5]
Од 1863 до 1866 г. изработил серија икони за иконостасот на црквата „Св. Димитриј“ во Драчевица.[6] Во 1873 г. ја насликал црквата „Св. Димитриј“ во Градец, за што сведочи двојазичниот натпис на грчки и црковнословенски на северната страна оаднадвор во композицијата „Страшниот суд“. Датумот на натписот е 28 август 1873 г., а насликаниот простор е долг 11 метри и се протега од левата и десната страна на вратата.[7]
Во 1868 г. ги изработил иконите за „Св. Троица“ во Дабиље — Петар и Павле, Архангел Михаил, Константин и Елена, Троица, Богородица, Христос, Јован Крстител и други. Иконата на Света Троица е натпишана: „Δια χειρος Γρηγοριου ά Ζογραφου υῖου Πετζα του ἐκ Στρωμνιτσης ουαριου, α αωξἠ (=1868)“. Освен иконите, Пецанов ги насликал и таванските фрески на храмот во Дабиље и ги украсил столбовите со растителни и геометриски мотиви на темна позадина, успевајќи да постигне уметничко единство.[1]
Во 1871 г. Пецанов го насликал Свети Ѓорѓи во полн раст над јужната иконостасна врата на „Успение на пресв. Богородица“ во Смојмирово. Потписот гласи „Из рука Григоріа зѡграфа синъ Пецановичъ ѿ Струміца 1871 іаннуаріа 10: ыи“. Свети Ѓорѓи е со долга мантија, со долго копје и крст во десната рака и палмино гранче во левата. Главата е одлично искомопирана и насликана во ориентален изглед — темен, со црна кадрава коса и големи очи.[1]
Пецанов е автор на целивалната икона „Успение на Пресвета Богородица“ во беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“, изработена во 1878 г.[8] Негово дело се и престолните икони во цркватата „Св. Архангел Михаил“ во Драмче.[9]
Иконите во црквата „Успение на пресв. Богородица“ во Делчево се дело на Димитар Андонов Папрадишки, Григориј Пецанов и други автори.[10] Пецанов е автор на икони од XIX век во црквата „Св. Константин и Елена“ (1850) во Разловци заедно со Васил Зограф.[11] Иконите во црквата „Св. Никола“ (1857) во Стар Истевник исто така се дело на Пецанов.[12]
По 1878 г. Григориј се преселил во новонастанатото Кнежевство Бугарија. Негови творби има во црквата „Св. Никола“ во Берковица. На иконата на Успението на Пресвета Богородица има натпис: „іулій 15-ый 1878 из рука Г. П. Струмица“.[13] Негови творби има и во црквата „Воскресение Христово“ во софиското село Челопечене. На иконата на Богородица има потпис: „сіѧ икона ѡбдарисе ѿ Гіор... Петковъ, съ собругомъ, и чедомъ за душевно ихъ спасеніе, и тѣлесно, здравіе. Из рук Григоріа иконопісца Македонецъ от Струміца 1879 март 16-ый“.[13]
Во 1897 г. работел во црквата „Св. Троица“ во Смолари[1]. На западната врата на храмот има натпис: „Изобразисѧ сей бжественій храмъ стыѧ трцы во времето на свѧщникъ Пантелиѧ и на феткио епитропъ дедо Митре Теповъ, купно съ новый епитропъ Келю Теновъ и сосъ настоѧтелите и надзирателите черковни г-да Раггелъ Гѡоргиевъ Геѡрге Стоиловъ, въ лѣто 1897 г. Въ месецъ аѵгустъ 9-ый чресъ руки на зографа Григорїа Пецановічъ ѿ градъ Струмица сос настоѧніето же на кмета Андонъ Манчовъ“.[13]
Григориј Пецанов заедно со зографите Гаврил Атанасов и Димитар Андонов Папрадишки е автор на иконописот во струмичката катедрала „Св. Кирил и Методиј“, изградена во 1911 г.[14]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Василиев, Асен (1965). Български възрожденски майстори: живописци, резбари, строители. София: Наука и изкуство. стр. 286.
- ↑ Енциклопедия. Българската възрожденска интелигенция. Учители, свещеници, монаси, висши духовници, художници, лекари, аптекари, писатели, издатели, книжари, търговци, военни... София: ДИ „Д-р Петър Берон“. 1988. стр. 164.
- ↑ „Движно културно наследство“. Општина Струмица. Посетено на 14 јануари 2022.
- ↑ Николовски, Антоние (1989). Сликарството на XIX век во Струмичкиот крај. – Во: Зборник на трудови. Струмица. стр. 150. no-break space character во
|title=
во положба 45 (help) - ↑ Пандевски, Манол, Ѓорѓи Стоев – Трнката (1969). Струмица и Струмичко низ историјата. Струмица: Општински одбор на Сојузот на здружението на борците од НОБ – Струмица. стр. 158. Посетено на 12 јануари 2015. no-break space character во
|first=
во положба 19 (help) - ↑ „Демиркаписка парохија“. Повардарска епархија. 3 јуни 2008. Посетено на 20 февруари 2014.
- ↑ „Цркви во Валандовско“. Повардарска епархија. 2 јуни 2008. Посетено на 21 февруари 2014.
- ↑ „Берово – манастир Свети Архангел Михаил“. Македонска православна црква. Посетено на 27 април 2014. no-break space character во
|title=
во положба 7 (help) - ↑ „Св. Архангел Михаил“. Убавините на Делчево. Архивирано од изворникот на 2014-04-07. Посетено на 31 март 2014.
- ↑ „Делчевско архиерејско намесништво“. Брегалничка епархија. Архивирано од изворникот на 2022-01-24. Посетено на 31 март 2014.
- ↑ „Трботивишка парохија“. Брегалничка епархија. Архивирано од изворникот на 2014-03-27. Посетено на 27 март 2014.
- ↑ „Трботивишка парохија“. Брегалничка епархија. Архивирано од изворникот на 2014-03-27. Посетено на 28 март 2014.
- ↑ 13,0 13,1 13,2 Василиев, Асен (1965). Български възрожденски майстори: живописци, резбари, строители. София: Наука и изкуство. стр. 287.
- ↑ „Соборна црква „Свети Кирил и Методиј" – сите убавини и обележја на Струмица“. Strumica City. Архивирано од изворникот на 2014-04-27. Посетено на 27 април 2014.