Водици во Битуше се празнични обичаи за Водици и се изведуваат поголем број на обичајни дејствија, како од црковно-евангелиски, така и од народен карактер, главно поврзани со древниот култ кон водата и нејзината голема очистителна сила и се предаваат од генерација на генерација. Во пазувите на планината Крчин се наоѓа мијачкото село Битуше,во општина Ростуше, и е едно од ретките населени места во Република Македонија, каде што до денес живо се практикуваат Селото Битуше заедно со соседните села Ростуше, Велебрдо, Требиште, Жировница, Видуше, Болетин, Аџиевци, Јанче и Скудриње припаѓа на долнореканскиот етнички предел од Дебарско-мијачката етнографска целина. Тоа е единственото меѓу 23-те села од десната страна на р. Радика кое не е исламизирано во текот на османлиското владеење и со векови егзистира како чиста православна христијанска населба, задржувајќи ги своите етно-религиозни и социо-културни карактеристики кои најмногу доаѓаат до израз преку празнувањето на водичарскиот обичајно- обреден комплекс.

Опис на доброто

уреди
  • Празнувањето на Водици во Битуше започнува На 31 јануари на празникот Св. Атанасиј/Танасовден, кога новите кумови пред Царските двери на црквата „Св. Архангел Михаил“ даваат збор дека наредната година ќе го земаат крстот“, односно ќе бидат носители на селското кумство. Во таа улога се јавуваат две домаќинства, според редоследот на куќите во селото, и тоа почнувајќи од Ранчевци па до крајот на селото, до куќата на Синџировци.
  • Званичниот почеток на празнувањето е вечерта спроти празникот Василица, на 14 јануари, кога се оди на честитање на кумство кај новите кумови на богато поставена трпеза. Точно на полноќ, и новите и старите кумови, распоредени по роднинска и пријателска врска, одат да полнат вода од селските чешми. Откако ќе ги наполнат ѓумовите со вода и откако во нив ќе стават по „лив“ непарен број на дренови гранки „за здравје“, се враќаат во куќите каде што со пеење на песната „Добре ми дојде свети Јоване“ и „Еребичице, препеличице“ ги замесуваат првите пет обредни лебови, и пијат топла дренова ракија.
  • Утрото на самиот празник, две девојки од кај новите кумови, променети во долама (девојачка народна носија), со карта вино, одат по сите куќи во селото да „зоват“ - канат за кумстарки. Кумстарки се жените и девојките кои учествуваат во кревањето на лебовите, кои се нарекуваат „кумство“, на празникот Богојавление.
  • На 17 јануари, пак, возрасни жени и девојчиња, но сега од старите кумови, исто така, облечени во празнично „руво“ и со карта вино, одат по куќите да „зоват“ за „сучење на врвца“ и „на праќање на кумови“. Приквечерината, кај старите кумови, се собираат гостите на „софра“, а над нив две жени во спротивен, дијагонален правец во двата агли од просторијата, сучат врвца - мартинка од бел и црвен конец, пришто едната жена ги пушта конците на лево, а другата ги мота на десно. Истовремено над кумовите домаќинката фрла костење, леблебии, шеќерчиња, а жените ја пеат песната „Јадете, пите, веселите се!“
  • На софрата е поставен и крстот од кого, најпрво, се „опростува“ главниот кум - домаќинот, главата на куќата. Се прекрстува три пати, го бакнува и го дарува со пари. По него, на ист начин се опростуваат сите членови на куќата, а потоа и останатите роднини и пријатели. По изведувањето на овој обичај, главниот кум го зема бакарното котле, полно со вода, го става сребрениот крст со босилекот, и со торбата полна со јадење и пиење ги предводи останатите кумови кон манастирот „Св. Јован Бигорски“. Кумовите ги испраќаат „попраќалените“, обично жени и девојки до месноста „Лајкоец“ со песната „Збогум создравје свети Јоване". Истото дејствие се одвива и во двете куќи на старите кумови. Откако ќе стигнат во манастирот, крстовите ги оставаат во големиот бакарен котел, полн со вода, заедно со крстовите од другите соседни села Ростуше, Требиште, Велебрдо и Јанче, а до скоро време и од Сенце. По сеноќното бдеење, во текот на свечената богослужба, свештените лица ги врзуваат крстовите и босилекот со сучената врвца и ја осветуваат свети јовановата вода - ајазмото.
  • По овој црковен чин, во раните утрински часови, пред изгрејсонце, на 18 јануари - Водопост, кумовите со врзаните крстови и со светената вода тргнуваат кон Битуше пеејќи ја црковната песна „Во Јордање крештајусја Тебја Господи“. Битушаните ги пречекуваат кумовите на Лајкоец со „маштрапи“ (лончиња) за да земат од „ајазмото“ за кое се смета дека има голема исцелителска моќ. Откако ќе појадуваат посни питулици, старите кумови, со крстовите и светената вода шетаат по куќите од селото, каде што ја сечат обредната погача, ги попрскуваат со светената вода одаите и во огништето фрлаат сол, ја запретуваат жарта со стап за да фрла искри и нарекуваат благословувајќи: „Да се роѓает мошки деца, женски телиња, јагниња и јариња. Да е куќата силна и весела". Домаќините ги даруваат со грав, шеќерчиња, разни овошја, а на излегување кумовите се попрскуваат со светената вода за да биде летото врнежливо, а годината родна и бериќетна. Цело време ја пеат, веќе споменатата, песна „Во Јордање крештајусја Тебја Господи“. Штом завршат со обредната обиколка во последната куќа од селото, старите кумови со насолзени очи се разделуваат од крстовите, оставајќи ги да преноќат во црквата „Св. Архангел Михаил".
  • Вечерта, во куќите на новите кумови, се оди „по костење“ при што жените, кои утредента ќе бидат кумстарки, носат „табли“ (кошници) во кои се ставаат обредните лебови за кревање на кумството. Откако ќе седнат на богато поставената софра, домаќинката со табла полна со костени ги послужува дојдените, кои земаат по толку костени колку што имаат членови BO семејството, за куќата и за добитокот и внимаваат нивниот број да биде „лив“ - непарен. Жените ја пеат песната „Добре ми дојде свети Јоване“. Ноќта, и во двете куќи од новите кумови, се распоредуваат таблите, односно се формира колоната на кумстарките според строго утврден ред врз роднинска, старосна и пријателска основа, со што во првиот дел се возрасните и омажените жени, а во вториот дел девојките и најмалите девојчиња.
  • Најважниот ден од водичарскиот обичајно-обреден комплекс е празникот Богојавление или Во Јордање кој се празнува на 19 јануари. Утрото се оди на свечена божествена литургија во црквата „Св. Архангел Михаил“, а откако ќе заврши се земаат крстовите, иконите и црковните бајраци за „по крсти“.

Свештеникот, кој ги носи врзаните крстови во бакарното котле, и останатите машки членови од поворката ја пеат црковната војордањска песна, а жените и девојките ја пеат народната песна „Крсти носиме бога молиме“.

  • Ритуалното фрлање на крстовите се одвива на месноста „на јаз“, на мостот од Битушката река. Откако свештеното лице (монах од манастирот „Св. Јован Бигорски) ќе го обави чинот на големиот водосвет, ги фрла врзаните крстови во реката, а машките деца скокаат за да го фатат. По фаќањето на крстовите, сите присутни ги целиваат и по строго одредена патека, низ селските сокаци, со попрскување и светење на водата на селските чешми, колоната се враќа во црквата, каде се одвива ритуалното одврзување на крстовите, во олтарот, од страна на свештеното лице.
  • Жените и девојките, стокмени во најубавата празнична носија, накитени со безброј игли, парички, низалки и пафти, одат во куќите на новите кумови и се подготвуваат за „по крстот“ со „кревање кумство“. Секоја си ја зема својата табла и застанува во редот, онака како што се наредени таблите на масите. На чело на колоната оди домаќинката, чија табла е најголема, зашто во неа има три лебови, врз кои се прободени три дренови прачки и одозгора покриени со „бандерка“ - бела шамија. До „пред црков“ кумстарките ја пеат песната „Добре ми дојде свети Јоване", пред дворната порта застануваат и ја пеат, Пролетал ми сиви сокол[1]“ и „Заспала ми је бела Марија[1]“(се пее пред влезот на дворот на црквата). Потоа, една по една, влегуваат во црковниот двор, каде што е собрано целото село. Во круг го формираат Свети јовановото оро и низ игра пеат: „Петор и Павле две ора водет“, внимавајќи да завртат најмалку 11 кругови, што значи да бидат непарни. Ако не се стигне до "ливиот" број се изигрува т.н. „немо“ оро. По изигрувањето на орото кумстарките, од куќата на првиот кум, одат во културниот дом, каде што го носат кумството, односно го оставаат лебот, кој се сечи и се раздава на присутните со сирење, урда/изварка и кашкавал. За ова време, пред црквата, доаѓаат кумстарките од куќата на вториот кум, пришто се повторува истото обредно дејствие. По разделувањето на кумството во културниот дом, има општа веселба придружена од звуците на дебарските зурли и тапани. И додека кумстарките играат, домаќините од двете куќи на идните кумови, во придружба на најблиските роднини, одат во црквата за да го земе секој својот крст. Свештеното лице со благослов им ги предава на домаќинките, кои ѓи завиткуваат во бела „риза“ - крпа и со десната рака ги ставаат на челото, така носејќи ги до домашната икона каде ќе стојат сè до наредната година на 17 јануари.

За цело време ја пеат песната „Добре ми дојде свети Јоване[1]“. Кумстарките, заедно со своите семејства, се враќаат во куќата на новите кумови каде „кревале“ кумство за да го честитаат носењето на крстот дома. Домаќините приредуваат богат обреден ручек на кој присуствува и свештеното лице. Пред да се послужи ручекот се пее песната „Јадете, пијте, веселите се“. Вечерта се оди во првата куќа од старите кумови за да им се честита испраќањето на кумството, со леб завиткан во шамија. Потоа се оди на именден кај сите оние кои се викаат Јордан, а се оди и во домовите каде што помеѓу двете Водици е склучен брак, односно има млада невеста „На бакрданик“. Младата, невеста, со тепсија ситно издробена пченичен бакрданик, го послужува секој гостин кој благословува: „Колку тровчиња, толку дечиња. Дечиња како мечиња!“. Жените, пак, ја пеат песната:„Варет се печет бакрдан".

  • Празнувањето на Водици завршува на 20 јануари, со прославата на празникот Св. Јован Крстител. На овој ден се оди,,с поклон“, со леб кај вториот стар кум што го „попратил“ крстот во новата куќа, а се посетуваат и домовите каде се слави името Јован.

Посебни карактеристики

уреди
  • Празнувањето на Водици во с. Битуше има свои посебни карактеристики кои се јавуваат исклучително како локално обележје со изворното негување на верувањата, сродството, традиционалните носии, обредните песни, ора и зачуваноста на обредните реквизити кои се користат, пред сѐ литискиот крст во секое од кумствата.
  • Обредни лица се кумстарките, односно женската популација од селото, а кумовите (мажите) оваа улога ја имаат само вечерта на 17-ти, кога го носат крстот во манастирот “Св. Јован Бигорски“ и на 18-ти (Водопост), кога со светената вода и крстот ги обиколуваат домаќинствата во селото.
  • Празнично-обредниот комплекс вклучува седум дена (13-14, 17-20, 31 јануари), што не е случај со празнувањето на Водици во другите населени места во Македонија, каде најчесто се празнува два, односно еден ден.
  • Кумстарките (околу 160-170 на број), од највозрасната до најмалата (девојче, девојка, невеста, омажена жена во зрело и поодминато доба), се облечени во комплетна празнична народна носија со сите украсни елементи (која потекнува од крајот на 19 до средината на 20 век).
  • Репертоарот на водичарски песни е богат и се состои од вкупно девет песни со различна тематска насоченост.
  • Се изведува едно водичарско оро и едно т.н. „немо“ оро (по потреба) во дворот на црквата на 19 јануари.
  • Обредни реквизити - два сребрени крста (кои најверојатно се изработени кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век), котлиња за светена вода, карти за вино, сучени врвци мартинки од бел и црвен конец, стап (бастун), „табли“/кошници.

Потекло на обичаите за Водици во с.Битуше

уреди
  • Црковните празници Богојавление (19/6 јануари) и Собор на Свети Јован Крстител (20/7 јануари) кај народот се познати како Водици, односно Машки и Женски Водици. Тие претставуваат дел од божиќно-новогодишниот празничен обреден комплекс и со нив завршуваат не само дванаесетте т.н. некрстени денови, туку и циклусот на зимските празнувања.

Со тоа стануваат дел на календарскиот премин од старата во новата година, период кој е полн со митолошка натовареност и кој има за цел достигнување на првопочетната космичка рамнотежа. Во периодите на премин, кои се карактеризираат со дисхармоничност на природата меѓу сончевите и подземните сили, меѓу човекот и боговите, се јавува потреба од повторно воспоставување на космичкиот ред, односно периодично враќање кон првичното, чистото време од моментот на Создавањето, кое е директно поврзано со стопанството и со местото на човекот во општеството. Тоа може да се постигне само со исполнување на обредно-магиски практики, поради што во празниците се вклучени магиски дејства за прочистување, гатање, лечење, иницијации кои директно се насочени кон стопанската дејност и кон социјалната положба на секој член од општеството.

Нематеријално културно наследство

уреди

Владата на Република Македонија нематеријалното културно добро "Водици во с.Битуше" е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење Службен В. на Р.М. бр:247/2019 од 02.12.2019

Литература

уреди
  • Поповски, Аритон 1975: Водичарските обичаи и песни во с. Битуше. Во: Македонски фолклор бр. 15-16, Скопје: Институт за фолклор, 243-252.
  • Атанасовска Фима, Боцев Владимир 1992: Некои магиски елементи во изведувањето на обичајот Водици во селото Битуше. Во: Етнолог, год. 1, бр. 1, Скопје: Здружение на етнолозите на Македонија, 98-107.
  • Современата состојба на празнувањето на Водици во селото Битуше, Изработила Искра Геразова, Ментор Доц. д-р Мирјана П. Мирчевска, одбранета на Институт за етнологија и антропологија, ПМФ, Ун. „Св. Кирил и Методиј“

Надворешни врски

уреди

Песни за Водици

Песни што се пееле за Водици во селото Битуше

Наводи

уреди