Некрстени денови — календарски период во христијанската религија, од Божик до Водици. Познати се и како Погани или Ристосови денови. Иако Исус Христос е крстен на триесетгодишна возраст, во народното верување периодот од раѓањето до крштевањето се смета за опасен период за животот и здравјето, не само на детето, туку и на мајката. Затоа периодот од раѓањето до крштевањето на Исус се смета за период опасен за луѓето, време кога се во движење разни „нечисти“ сили и кога починатите се во близина на своите домови. Тие денови се одликуваат со религиозен страв и разни магиски заштити. Заради заштита, не се работат некои потешки работи, а се изведуваат разни дејства за бркање на демоните и болестите, како што се бабарските и русалиските обичаи. Со крштевањето (осветувањето) на водата на Водици се верува дека се парализирани нивните активности. Очигледно е дека се работи за претхристијански обичаи и верувања.[1]

Обичаи во Македонија

уреди
 
Русалии во Скопје во 1930-тите

Како мерки на заштита во овој период не се работат некои потешки работи, не се крштеваат деца, не се оди на печалба и сл. Марко Цепенков забележал дека во овој период „навечер не бидувало да шијат терзиите, ниту жените бидувало да предат и друга работа да работат од Божик до Водици, чунки не била крстена водата и леунка била Богородица.” Но по Водици откако ќе се крстела водата можело да се оди на туѓина и секакви други работи да се работат...

Верувајќи во моќта на овие демони и живеејќи во религиозен страв човекот прибегнувал кон разни магиски заштити. Со разни гозби настојувал да ги смилостиви, но и со некои обичаи да ги избрка од својата средина. Такви се василичарските обичаи познати и како бабарски, џамаларски и сл. но и русалиските обичаи и ора. Василичарите познати уште и под името бабари, џамалари, ешкари и сл. со маскирање, но и со правење врева со ѕвонци, клопотарци, со свирки на гајди, со тапани, со песни и ора, со тропање на тенеќиња и сл. ги бркале лошите духови, но и болестите, за кои всушност се верува дека се демони во телото на болниот. На сличен начин и русалиите најпрвин со строго придржување кон одредени правила, а потоа и со свирки и најмногу со замавнување со сабјите ги бркаат негативните демони и болестите. Затоа русалиите играјќи ги русалиските ора замавнуваат со сабјите низ воздухот, се затрчуват кон некој болен и замавнуваат со сабјите кон него, затоа болно дете држат во рацете додека играат и сл. Припадниците на овие русалиски дружини со задоволство биле примани во секој дом и биле дарувани со разни подароци: грав, месо, вино, волна и др. А подароците никогаш не ги земале за себе туку со јавно наддавање ги претворале во пари и ги дарувале за изградба на црква, училиште, пат и сл. Затоа кога по дванаесетте дена изморени се враќале дома биле среќни што учествувале во хумана мисија. За нив останувале само личната среќа и задоволство и добриот глас кај пошироката околина.

Како што пишуваат истражувачите на овие обичаи русалиската дружина најпрвин одела во црквата каде што земала причесна и благослов од свештеникот, а потоа тој ги прскал со светена вода, и дури потоа излегувале пред црквата каде што заигрувале три ора, пред да тргнат на дванаесетдневно патување и изведување на овие обичаи.

По пристигнувањето во некое село русалиите најпрвин го посетувале попот или кметот каде што барале одобрение да играат соопштувајќи ги своите цели. Откако ќе добиеле одобрение тргнувале по ред по куќите. Се верувало дека секоја куќа во која што ќе играат русалиите ќе биде заштитена од болест, ќе има среќна година и богат бериќет. Затоа во селото во кое ќе дојделе русалии никој не работел туку сите се труделе да им угодат на играчите. Ако некои играчи биле заморени од повеќедневното континуирано играње се јавувале некои лица од селото кои ги заменувале без надомест. Над секоја врата зарежувале крст, а ако во куќата имало болен тројца играчи се затрчувале кон неговата постела замавнувале со сабјите вкрстувајќи ги и верувале дека со тоа ја плашат и ја бркаат болеста. Ако пак имало болно дете го земале во рацете и играле со него, исто така верувајќи дека од тоа болеста ќе го напушти. За тоа биле богато дарувани. Ако русалиската дружина подолго време се задржела во селото тука останувала и на спиење, а за секоја куќа се сметало за голема чест да прими на конак еден или двајца русалии.

Се внимавало да не се сретнат две русалиски дружини. Во такви случаи требало едната дружина да ѝ признае надмоќ на другата и да помине под сабјите на играчите од посилната дружина. Бидејќи никој не сакал да покаже слабост доаѓало до тепачки со смртни последици, а загинатите ги погребувале на самото место на настаните поради што многу топоними се познати како русалиски гробишта. Стефан Верковиќ запишувајќи дека: „Да се сретнат една чета сус друга, са истепуват. Оште суштествуваат ду денеска гробишта по п'тишта и друмове, што са велат Русалијцки”, во забелешка додал дека „На едно село Оризарци, Воденцка епархија, б’а са убиле четворица пред 4 години.“ Од овие причини како што запишал Шапкарев секој учесник во овие обичаи пред да тргне се простувал со домашните и со сите роднини со прегрнување и бакнежи како да оди на војна зашто не се знаело дали назад ќе се врати здрав и жив. Во поново време ваквите средби се решавале со договор. Помалубројната чета минувала под сабјите на помногубројната и на тој начин не се сметала за навредена, а и инцидентите се избегнувале.

Членовите на една русалиска дружина се придржувале кон повеќе строги правила. Така на пр. во текот на сите 12 дена молчеле, не смееле да се поздравуваат ниту да се крстат, ниту да благословуваат, не смееле да се вртат назад, не смееле да газат вода, не смееле да спијат со жените, ниту да пијат вино итн. Русалиите не влегувале во куќа во која знаеле дека има леунка, а и самата леунка кога ќе ги видела бегала и се криела сметајќи се уште за нечиста.

Русалиите ги завршувале своите игри еден ден пред Водици, на Нејатка или Водокрст во очи на Богојавление. Враќајќи се во селото прво оделе во црквата каде што свештеникот пеел молитва. Се верувало дека оној русалија кој по дванаесет дена играње нема ваква молитва ќе полуди. Оваа молитва се изведувала по строги правила и над секој играч посебно. Во црквата влегувале со сабјите нагоре, а излегувале по молитвата откако ќе бакнеле икона и ќе биле попрскани со светена вода и со сабјите свртени со врвот надолу како поклон и прифаќање на новата вера. По овој чин како вистински христијани се крстат, држат свеќи во рацете и бакнуваат икони.[2]

Наводи

уреди
  1. „Некрстени денови“. Дигитална македонска енциклопедија. Архивирано од изворникот на 2022-11-29. Посетено на 29 ноември 2022.
  2. „Некрстените денови во Македонија (7-19.I)“. Македонска нација. Посетено на 29 ноември 2022.