Варовник

вид седиментна карпа
(Пренасочено од Варовници)

Варовникседиментна карпа составена претежно од калцит и арагонит, кои претставуваат различни кристални облици на калциум карбонат (CaCO3). Често варовниците се составени од парченца тврд материјал морски организми како корали и дупконосци.

Варовник
Седиментна карпа
Каменолом за варовник кај Орозеи, Сицилија
Состав
калциум карбонат: неоргански кристален калцит и/или органски калциумов материјал
Ѕидините на Самуиловата тврдина во Охрид, направени од варовник
Варовничките карпи на планината Јакупица со врвот Солунска Глава

Овој вид на карпи сочинува 10% од седиментните карпи на светот. Растворливоста на варовникот во вода и благи кисели раствори доведува до образување на карстни предели, каде водата ги раствора варовничките карпи во период од илјадници до милиони години. Многу од пештерите во светот се наоѓаат во варовнички средини.

Варовникот има разни намени: како градежен материјал, во изградбата на патишта, како бел пигмент или пополнувач во производи (паста за заби или бои) и како хемиска суровина.

Во Македонија, варовникот e најзастапен на Жеден, Сува Планина, Караџица и Галичица,[1] а најмногу се експлоатира во Бањани[2], Говрлево[3] и Краста.

Опис

уреди
Реакција на јаглерод диоксид со варова вода.

Како и другите седиментни карпи, најголемиот број варовници се составени од зрнест материјал. Зрнцата најчесто се скелетни парченца од морски организми како корали или дупконосци (Foraminifera). Во составот може да учествуваат и други карбонатни зрнца како ооиди, пелоиди, интракласти и екстракласти, добиени од лушпи на организмите.

Варовникот често содржи разни количества на силициум во облик на рожнец (калцедон, кремен, јаспис итн.) или силициумови скелетни парченца (од сунѓери, силикатни алги, радиоларии), како и мешавина од глина, мил и песок (земјен детрит) што ги носат реките.

Некои видови варовници воопшто не се состојат од зрнца, туку настануваат исклучиво со хемиско таложење на калцит или арагонит. Вторичниот калцит може да се наслои со презаситени подземни води што таложат материјал во пештерите. Со ова се создаваат пештерски образби како сталактити и сталагмити. Калцитот може да биде и во облик на оолитски варовник, што се распознава по округлите зрнца.

Главен извор на калцит кај варовникот се морските организми. Некои од нив создаваат карпести гребени што ги надоградуваат со секое поколение. На длабочина под 3.000 метри, притисокот на водата и температурата предизвикуваат значајно поголемо растворање на калцитот, што значи дека варовникот не се создава на поголеми длабочини. Варовникот може да настане како со езерско, така и со испарно наслојување.[4]

Калцитот може да биде растворен или наталожен од подземната вода, во зависност од неколку чинители како температурата на водата, киселоста и концентрацијата на растворени јони. Необична одлика на калцитот е т.н. обратна растворливост — со зголемувањето на температурата, тој станува сè помалку растворлив.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Основи на петрологијата[мртва врска] (македонски)
  2. сепариран Архивирано на 25 јули 2013 г. и микронизиран Архивирано на 25 јули 2013 г. варовник — Рудници „Бањани“
  3. „Титан — Цементарница „Усје". Архивирано од изворникот на 2013-04-27. Посетено на 2013-11-06.
  4. Trewin, N. H.; Davidson, R. G. (1999). „Lake-level changes, sedimentation and faunas in a Middle Devonian basin-margin fish bed“. Journal of the Geological Society. 156 (3): 535–548. doi:10.1144/gsjgs.156.3.0535.

Надворешни врски

уреди