Буша[1][2] — автохтоно мало краткорого планинско домашно говедо, кое во својот зенит било распространето на поширокото подрачје на Балканскиот Полуостров. Од раниот среден век до средината на 20 век била преовладувачка пасмина говеда во ридско-планинските предели на Балканот. Во текот на 20 век со оплеменувањето со други пасмини, била доведена до работ на опстанокот.

Буша

Потекло уреди

 
Еднобојни мали волови влечат рало. Дел од композицијата Принесување жртва на Каин и Авел, Дечански манастир, средновековна Србија, околу 1343 година.[3]
 
Волови влечат коли во околината на Бања Лука кон крајот на 19 век.

Од најраните времиња, дивото говедо тур (Bos primigenius) го населувало Балканот, Европа, Средна Азија, Индија и Северна Африка. Од говедото тур се развило домашното говедо (Bos taurus) кое се одгледувало на балканските простори. Дивите говеда опстанале се до времето на Римското Царство. Во времето на Римјаните биле одгледувани домашна говеда повеќето од брахицерен вид (Bos taurus brachyceros), кој продолжил да се одгледува од Словените по нивното пристигнување на Балканот во раниот среден век. Интересно, дивиот европски бизон (Bison europeus), преживеал до средниот век на Балканот, и последен пат бил споменат во анонимниот Опис на Европа од 14 век. Врз основа на археозоолошките истражувања во Србија, во културниот слој од римскиот период се откриени коски од тур и бизон. Во истиот културен слој се откриени и коски од домашно ситно говедо, што месното население го одгледувало во железното време, како и коски од поголема раса на домашен добиток што биле увезени на Балканот од Апенините. Бушите спаѓаат на единствена пасмина бидејќи генетски се едни од најстарите говеда во Европа. Исто така, тие имаат хаплогрупа што обично се среќава само кај говедата од неолитот.[4]

 
Буша

Преку изучувањето на фрескосликарството, во средновековна Србија се одгледувала неоплеменета буша. За време на османлискиот период, продолжило одгледувањето на краткорого домашно говедо. За време на австриската окупација на Босна кон крајот на 19 век, д-р Леополд Адамец, во своите проучувања спроведени со цел да се увиди во можностите за искористување на месниот сточарски фонд, го класифицирал планинското говедо под посебна „илирска раса“. Милан Ѓуриќ во монографија за домашното планинско говедсо објавена во Крагуевац во 1909 година ги забележал народните имиња на овие грла, буџуља, буџани, биџани или камењари, а во западните краеви под имињата бушани и бушанци.

Изглед и особини уреди

 
Буши

Оваа пасмина е ситна и помалку развиена од другите европски говеда, додека има слична структура со другите видови краткороги говеда во Карпатите, Блискиот Исток и Мала Азија (говеда од Анадолија). Висината на гребенот кај кравите е од 90 до 110 см, кај биковите гребенот е 10-15 см повисок од оној на кравите. Просечната телесна тежина на една крава во народното сточарство се движи од 150 до 200 кг, додека добро одгледуваните би можеле да достигнат 250-300 кг. За 3 до 4 години, бикот ја достигнува целосната тежина, која е за 100 килограми поголема од тежината на кравите. Телињата се исклучително мали, по отелувањето тежат околу 15 кг, на еден месец 30 кг, на шест месеци 80-90 кг, а на 1 година 100-150 кг. За приплод може да се користи и до 12 години и за тоа време отелуваат 8-10 телиња. Биковите почнуваат да се користат за приплод на возраст од 18 месеци и обично се користат 7-8 години. Растот на бушата завршува на 3-5 години. Животниот век и е околу 20 години. Дава релативно малку млеко, во народното сточарство во просек 600 - 700 литри по лактација, со до 6% млечна маст. Лактацијата трае релативно кратко, од 5 до 7 месеци, што овозможува висока плодност.

 
Буши во штала.
 
Сива буша.

Бушата спаѓа во групата еднобојни говеда. Бојата може да биде црна, сива, зеленикаво-дива, црвена, бела, крем, сина и тигреста. Чистата буша нема јасно изразени шари никаде на телото. Може да се јават премини на бојата, но постепено, најмногу на колковите, рамената и бутовите. Со текот на времето, одредени вариетети се развиле на одредено географско подрачје, па се зборува за соеви. Меѓу најважните видови на буши се: сивата српска, црвената метохиска, сината повардарска, жолтата полимска и црната косовска и тетовска. Најретки биле тигрестите и албината без пигмент со розова муцка и бели очи. Мукозните мембрани се темно пигментирани, како и копитата и роговите. Околу муцката имаат круна од светли влакна, таканаречена еленска муцка. Понекогаш по должината на 'рбетот се појавува посветла боја наречена јагулина линија, опашката е секогаш темна, освен кај албино примероците. Главата е долга клинеста, роговите се кратки, тенки и венчести или закржлавени, постојат или постоеле и шути примероци. Кај биковите роговите не секогаш се виткаат во венчест облик, туку можат да бидат исправени, односно одат само на страна. Вратот им е долг, рамен и слабо поврзан со гребенот. Должината на трупот е од 100 до 105% од висината на гребенот. Грбот е со средна должина и слабо мускулест. Длабочините на трупот и градите се добро изразени, додека ширините се слабо изразени. Карлицата е тесна и долга, во облик на покрив, телињата се раѓаат мали и нема никакви проблеми при породувањето. Предните нозе имаат правилен став, а задните нозе во повеќето случаи имаат „иксест“ став (кравји). Мускулите се суви, кожата е еластична, тенка и фина, поради неисхранетост кожата станува груба и задебелува. Вимето е кратко, плитко, мало, има правилен облик, понекогаш пигментирано, понекогаш не. Добро се приспособува на условите на околината и е отпорна на заразни и паразитски болести.

Распространетост уреди

 
Буша

Бушата до средината на 20-тите години била главно говедо на жителите на поширокото подрачје на Балканот и се ширела јужно од реките Сава и Дунав, од Авала до Олимп и од Родопите до Велебит. На 20 век се губи интересот за одгледување на нископродуктивни соеви, како и вкрстување на бушата со високопродуктивни благородни соеви говеда, што сето заедно доведува до масовно депопулација и ставање на списокот на домашни загрозени животински видови. Денес, чистокрвната буша може да се најде само меѓу жителите на изолираните планински области на Балканот, како и кај современите органски сточари, кои ја одгледуваат во помали или поголеми крдари на слободно (традиционално) пасење.

Одгледување уреди

 
Стогови сено. Сеното е основна зимска храна за говедате, коњите, овците и козите.
 
Буши
 
Стогови сено. Сеното е основна зимска храна за говедате, коњите, овците и козите.

Надворешните и производните особини на бушата се одраз на лошите услови под кои говедото се одгледувало низ вековите во ридско-планинските предели со екстензивно (примитивно) сточарство. Исхраната во текот на зимата била многу оскудна, па напролет бушите биле во лоша состојба, што лошо се одразувало на растот на телињата. Раното одбивање на телињата, предвременото оплодување на младите грла, лошата исхрана и сместувањето влијаеле на морфолошките и физиолошките особини на бушата. Од средниот век па се до средината на 19 век, покрај домашното производство и занаетчиството, главна стопанска гранка на жителите на Балканот било сточарството, од кога земјоделството постепено го добива приматот. Сточарите кои живееле во повеќечлени задружни семејства каде што се вршела поделба на трудот според полот и возраста, со својата работа успевале да ги обезбедат основните животни потреби. Системот за сточарство (овци, кози и говеда) значел летно пасење на планинските пасишта и спуштање пред зимата во постојани населби на помали надморски височини. Главни суровини во производството на храна кај сточарите биле млекото и месото, односно правење путер, сирење и суво месо (Технологија на правење кравјо бело сирење). Ваков систем на одгледувањет стока преовладувал до средината на 20 век кога заради урбанизација, индустрајализација и преселбата на населението од село во град, успеал да се одржи во траги во изолираните планински предели на Балканскиот Полуостров и на почетокот на 21 век. Сирењето се правело од кравјо и овчо млеко. Бушата дава квалитетно полномасно млеко. Бушите биле одгледувани заедно со овците во планинските предели на екстензивен начин. Околу нив имало помалку работа и грижа отколку околу овците. Бушите се држеле на пасење и брстење, а во некои области се чувале на слободно пасење и во зима и во лето. Бушите поднесувале лоша храна и лошо сместување. Ги чувале во непокриени кошари, а во зима на места заштитени од ветар.

Наводи уреди

  1. „буша“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „буша“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. Средњевековни налази раоника и прикази рала на дечанским фрескама Архивски примерок на Семрежниот архив (англиски) , Весна Р. Манојловић Николић, Филозофски факултет – Одсек за историју, Универзитет у Новом Саду, 2011.
  4. Hristov, Peter; Sirakova, Daniela; Mitkov, Ivan; Spassov, Nikolai; Radoslavov, Georgi (2018). „Balkan brachicerous cattle – the first domesticated cattle in Europe“. Mitochondrial DNA Part A. 29 (1): 56–61. doi:10.1080/24701394.2016.1238901. PMID 27931135.

Надворешни врски уреди