Бугарски ослободителни братства
Бугарски ослободителни братства (бугарски: Български освободителни братства), скратеница БОБ, популарно Тајни офицерски братства (бугарски: Тайни офицерски братства) — конспиративна организација во Бугарската армија која дејствувала за помагање на македонско-одринското ослободително движење, слично на грчката Етники етерија која ја предизвикува Грчко-турската војна во 1897 година. Братствата со прекини постојат во периодот од 1897 до 1912 година.
Првото друштво е основано во јуни 1897 година во Трново, второто се појавува во Русе, а потоа се формираат и во Сливен, Разград, Враца, Добрич, Варна и други места. Организацијата со манифест ги повикува сите офицери родум од Македонија и Одринска Тракија да пристапат во нејзините редови. Братствата првично се раководат од централен комитет, а подоцна од друштвото во Софија, создадено во април 1898 година. Друштвата преку членарина собираат финансиски средства кои потоа се распределуваат за ослободителното движење во Македонија и Одринска Тракија, за потребите на Македонската организација предводена од Врховниот македонски комитет и на Тајната македонско-одринска револуционерна организација. Има случаи кога вооружување тајно се изнесува од касарна и се предава на дејци на ослободителните организации. БОБ ја помага бомболеарницата на ТМОРО во Сабљар, создадена и раководена од Гоце Делчев.
Основни покровители на дејноста на БОБ се задграничните претставници на ТМОРО во Софија Гоце Делчев и Ѓорче Петров, генералите Рачо Петров, Иван Цончев и други. Попознати дејци на братствата се Борис Сарафов, Александар Протогеров, Димитар Думбалаков, Христо Саракинов, Владислав Ковачев, Тодор Саев, Климент Бојаџиев, Стамат Икономов, Јордан Венедиков, Тома Давидов, Антон Бузуков, Петар Дрвингов, Анастас Јанков, Стефан Николов и други.
До 1900 година организацијата брои повеќе од 1.000 членови. Во ова време офицери застануваат на чело на Врховниот македонски комитет и друштвата неофицијално се претопуваат во оваа организација, учествувајќи во градењето на нејзините вооружени сили. БОБ има главна улога во формирањето на народните стрелачки друштва. Но, по судирот меѓу Сарафов и Цончев во 1901 година друштвата започнуваат да ја возбоновуваат својата дејност. Мнозина офицери, членови на Тајните офицерски братства, учествуваат во Илинденското востание во 1903 година. Врховниот комитет повторно ги возобновува друштвата по востанието. Во 1905 година Врховниот комитет е забранет од бугарските власти и дејноста на БОБ замрува. Последното повторно возобновување на дејноста на Тајните офицерски братства се случува во предвечерието на Балканските војни, кога офицери се обидуваат да повлијаат на владата да се започне војна со Османлиската империја.
Литература
уреди- Елдъров, Светлозар (2002). Тайните офицерски братства в освободителните борби на Македония и Одринско 1897 – 1912. София: Военно издателство. ISBN 954-509-235-1.