Брајан Харолд Меј (англиски: Brian Harold May) ЦБЕ (роден на 19 јули 1947) е англиски музичар, пејач, текстописец и астрофизичар кој постигнал светска слава како гитарист на групата Квин. Како гитарист, тој ја користи својата домашно-изработена гитара, Red Special. Албумите на Квин содржат многубројни композиции на Меј, вклучувајќи ги „Tie Your Mother Down“, „I Want It All“, „We Will Rock You“, „Fat Bottomed Girls“ и „Who Wants to Live Forever“.

Брајан Меј
Брајан Меј во 2010
Животописни податоци
Родено имеБрајан Харолд Меј
Роден(а)19 јули 1947(1947-07-19)(77 г.)
Хемптон, Велика Британија
ЖанровиРок, хард рок, хеви метал, поп рок, прогресивен рок
ЗанимањаМузичар, текстописец, продуцент, астрофизичар, автор, придонес (The Sky at Night)
ИнструментиГитара, вокал, клавијатури
Период на активност1963–сѐ уште
ИздавачиХоливуд, Парлофон
СоработнициСмајл, Квин, Феномена, Г3, Квин + Пол Роџерс, Кери Елис, Адам Ламберт
Мреж. местоbrianmay.com
Значајни инструменти

Тој бил назначен за командант на највисокиот ред на Британската Империја во 2005 година за „заслуги во музичката индустрија и за неговата добротворна работа“ (ЦБЕ). Меј ја стекнал титулата доктор на науки во астрофизиката од Кралскиот колеџ во 2007 година и работи како четврти канцелар на Универзитетот Џон Мурс во Ливерпул. Тој живее во Сури.

Во 2005 година, според анкета на Планет Рок, Меј е изгласан за седми најдобар гитарист на сите времиња. Тој бил рангиран на 26-то место на списокот на магазинот Ролинг Стоун за 100-те најдобри гитаристи на сите времиња. Во 2012 година, Меј бил рангиран како втор најдобар гитарист на сите времиња во анкета на читатели на магазинот Гитар Ворлд.

Ран живот

уреди

Брајан Меј, единствено дете на Харолд и Рут Меј е роден во Хемптон, Лондон и го посетувал училиштето за граматика Hampton Gramar School (сегашно Hampton School). За време на овој период, го формирал неговиот прв бенд со пејачот и басист Тим Стафел наречен „1984“ по истоимениот роман на Џорџ Орвел.

Тој го напуштил училиштето во Хемптон со десет оцени на О – основно ниво и три оцени на А – напредно ниво по физика, математика и применета математика. Тој студирал математика и физика во кралскиот колеџ во Лондон и се стекнал со почесна диплома за завршено високо образование.

Кариера

уреди

Смајл

уреди

Брајан Меј го основал бендот Смајл во 1968 година. Во групата е вклучен и Тим Стафел како пејач и басист, а подоцна и тапанарот Роџер Тејлор кој исто продолжил да свири за Квин. Бендот траел само две години од 1968 до 1970 година, откако Стафел си заминал во 1970 година, оставајќи го бендот со репертоар од само девет песни. Смајл ќе се обединат за неколку песни на 22 декември 1992 година. Групата на Тејлор, Д Крос, биле ѕвезди и тој ги донел Меј и Стафел да ја отсвират „Earth“ и „If I Were a Carpenter“. Меј исто така исполнил неколку други песни таа вечер.

Квин

уреди

Во вокалните хармонии на Квин составени од три дела, Меј обично го пеел понискиот придружен вокал. На некои од неговите песни, тој го пее главниот вокал, особено во првата строфа на „Who wants to live forever“, преминот на „I Want It All“ и темата од Флеш, и целосните главни вокали на „Some Day One Day“, „She Makes Me (Stormtrooper in Stilettoes)“, „'39“, „Good Company“, „Long Away“, „All Dead, All Dead“, „Sleeping on the Sidewalk“, „Leaving Home Ain't Easy“ и „Sail Away Sweet Sister“.

Во текот на кариерата на Квин, Меј често пишувал песни за бендот и компонирал многу важни песни како светскиот хит „We Will Rock You“ како и „Tie Your Mother Down“, „Who Wants to Live Forever“, „Hammer to Fall“, „Save Me“, „Fat Bottomed Girls“ и „I Want It All“. Обично поголемиот број од песните на секој албум на Квин ги имаат напишано или Фреди Меркјури или Меј. По познатиот концерт Лајв Еид во летото 1985 година, Меркјури ги побарал своите пријатели од бендот и им предложил да напишат заедно песна. Резултатот била песната „One vision“, која музички во основа била на Меј (документарецот „Магични години“ покажува како тој го смислил воведниот дел и основните гитарски рифови) и Роџер Тејлор кој го напишал текстот, заедно со Фреди Меркјури кој е повеќе продуцент и аранжер отколку својствен текстописец и Џон Дикон кој бил во главно отсутен.

За нивниот албум The Miracle издаден во 1989 година, бендот одлучил сите нивни песни да бидат препишани на целиот бенд без разлика кој бил главниот автор. Сепак, интервјуата и музичките анализи биле насочени да помогнат да се препознае придонесот на секој член од секоја песна. Меј ја компонирал „I Want It All“ за тој албум како и „Scandal“ (заснован на неговите лични проблеми со Британскиот печат). За остатокот од албумот, тој не учествувал толку креативно иако помогнал во создавањето на основата на „Party“ и „Was It All Worth It“ (двете претежно на Меркјури) и го создал рифот на „Chinese Torture“.

Следниот албум на Квин бил Innuendo со кој придонесот на Меј се зголемил иако во повеќето случаи повеќе во аранжман отколку во пишување текст; за насловната песна тој направил дел од аранжманот за тешкото соло, потоа ги додал вокалните хармонии за „I'm Going Slightly Mad“ и го компонирал солото на „These Are the Days of Our Lives“, песна за која што сите четворица ги одбрале деловите на клавијатурите заедно. Тој го сменил темпото и тоналитетот на песната на Меркјури „The Hitman“ и ја земал во свои раце, дури и го пеел придружниот вокал на демото. Меј исто така и помогнал во пишувањето на некои од гитарските линии на „Bijou“.

Две песни кои Меј ги компонирал за неговиот прв соло албум, „Headlong“ и „I Can't Live With You“, на крај завршиле на проектот на Квин. Друга негова композиција била „The Show Must Go On“, заеднички труд во кој тој бил координатор и главен композитор, но во кој сите имале придонес, Дикон и Тејлор со својот познат акордски дел. Во последниве години, тој ги надгледувал римастерингот на албумите на Квин и различните ДВД изданија и издавањето на најголеми хитови. Во 2004 година објавил дека тој и неговиот тапанар Роџер Тејлор ќе одат на турнеја за првпат по 18 години како Квин заедно со пејачот на Фри/Бед Компани, Пол Роџерс. Именувани како „Квин + Пол Роџерс“, бендот во текот на 2005 и 2006 година настапувал во Јужна Африка, Европа, Аруба, Јапонија и Северна Америка и го издал новиот албум со Пол Роџерс во 2008 година насловен како The Cosmos Rock. Албумот бил пропратен со огромна турнеја.

Соло работа и бендот на Брајан Меј

уреди
 
Меј свирејќи ја својата гитара Red Special

Во текот на 1983 година, неколку членови од Квин работеле и на други проекти. На 21 и 22 април во Лос Анџелес Меј го снимил својот прв самостоен проект, својот мини-албум насловен како Star Fleet Project на кој тој соработувал со Еди ван Хален. Меј учествувал на албумот Фидбек 86 на поранешниот гитарист на групата Џенезис, Стив Хакет свирејќи ја гитарата на песната „Cassandra“ и исполнувајќи ја гитарата и вокалите за „Slot Machine“. Во пишувањто на „Slot Machine“ исто помогнал и Меј.

Меј работел со неговата втора жена Анита Добсон на нејзиниот прв албум на кој таа ги пее вокалите на мелодијата во темата на EastEnders. Во оваа форма, мелодијата преминала во песната „Anyone Can Fall in Love“. Меј сам ја продуцирал песната која достигнала местото број четири на сингл листата во Велика Британија во август 1986 година. Во 1989 година Меј придонел со гитарските сола за песната „When Death Calls“ на 14-тиот албум на Блек Сабат, Headless Cross и за песната „Blow The House Down“ на бендот Living In A Box од албумот Gatecrashing.

По трагичното распаѓање на било кој бенд невозможно е да се продолжи, но навистина ми беше мило што Брајан започна соло кариера. Тој има толку многу музика во него и уште многу може да понуди.

Џо Сатријани

По смртта на Фреди Меркјури во ноември 1991 година, Меј одлучил да се справи со својата тага со тоа што се посветил колку што може повеќе на работата, најпрво со завршување на својот соло албум Back to the Light, а потоа и со турнеи низ целиот свет за негово промовирање. Тој често потенцирал во новинарските интервјуа дека ова била единствената форма на само-препишана терапија која би можел да ја замисли. Според Џо Елиот, пејачот на Деф Лепард, „Несомнено е огромен и ужасен удар да изгубиш некој со кој си бил толку близок. Лично, знам дека тоа му го скрши срцето на Брајан, но тој изгледаше одлично откако албумот беше завршен.“

Во доцната 1992 година, официјално бил формиран Бендот на Брајан Меј. Раната верзија на бендот била неофицијално формирана на 19 октомври 1991 година кога Меј учествувал на гитарскиот фестивал Легенди Гитаристи во Севиља, Шпанија. Составот на неговиот настап го сочинувале Меј (главен вокал и главна гитара), Кози Пауел (тапани и перкуси), Мајк Моран (клавијатура), Рик Вејкман (клавијатура), Меги Рајдер (придружни вокали), Мириам Стокли (придружни вокали) и Крис Томпсон (придружни вокали). Првобитниот состав бил Меј (главен вокал и главна гитара), Пауел (тапани и перкуси), Мајкл Кесвел (гитара), Нил Мареј (бас гитара), Рајдер (придружни вокали), Стокли (придружни вокали) и Томпсон (придружни вокали). Оваа постава на бендот постоела само за време на турнејата за поддршка во Јужна Америка (поддржувајќи го бендот Б-52 и Џо Кокер) само на пет датуми.

Подоцна Меј направил значајни промени бидејќи сметал дека групата не ги исполнила неговите очекувања.

Понатамошна соло кариера

уреди

По неговиот соло албум од 1998 година, Меј настапувал како соло артист, како дел од ансамбл, и поретко како Квин заедно со Роџер Тејлор. На 22 октомври 2000 година, Брајан Меј се појавил како гостин на Моторхед на 25-тото јубилејно шоу на Брикстон Акаедмијата заедно со Еди Кларк (поранешен гитарист на Моторхед) на повторената песна на барање на публиката „Overkill“. Во списокот на почесни одликувања по повод роденденот на Кралицата за 2005 година, се здобил со титулата Командант на Редот на Британската Империја за „придонес во музичката индустрија”. Како пријател со пејачот и музичарот Фил Колинс, Меј во 2007 година се појавил како гостин на концертот за повторно обединување на Џенезис на стадионот Твикенхам. На 17 ноември 2007 година, Брајан Меј бил назначен за Канцелар на универзитетот Џон Мур во Ливерпул, преземајки ја функцијата од Чери Блер, а бил поставен на должност во 2008 година. По дадената улога од страна на Меј на театарската глумица и пејачка Кери Елис во мјузиклот We Will Rock You, неговата соработка со неа се интезивирала. Тој го продуцирал и аранжирал нејзиниот деби албум Anthems (2010) кој бил продолжение на нејзината проширена претстава Wicked in Rock (2008), а настапувал и како гитарист заедно со неа на многу јавни настани. Придонел многу со своите гитарски солажи на албумот на Meat Loaf - Hang Cool, Teddy Bear, а за возврат добил можност да го искористи неговиот тапанар Џон Мичели. Во 2009 година Брајан Меј заедно со Елена Видал ја издале историската книга со наслов „A Village Lost and Found: Scenes in Our Village“.

Оваа книга е збирка со белешки на стереоскопски фотографии сликани од Т.Р. Вилијамс, фотограф од викторијанската ера, и била продавана заедно со стереоскоп за фокусирање. Ентузијазмот на Меј за стереоскопските фотографии се јавил во неговото детство, а на фотографиите на Вилијамс налетал во доцните 60-ти. Во 2003 година Меј најавил потрага со цел да го идентификува местото каде се сликани фотографиите на „Scenes in Our Village“. Во 2004 година, Меј јавил дека ја идентификувал локацијата - селото Хинтон Волдрист во Оксфордшир.

На 20 мај 2009 година, Брајан Меј заедно со колегата од бендот Квин, Роџер Тејлор, ја извеле во живо песната „We Are the Champions“ на финалето на Американскиот Идол заедно со победникот Крис Ален и вицешампионот Адам Ламберт кои пееле во дует. Во ноември 2009 година, Меј и Тејлор се појавиле и на британскиот серијал на Фактор Х, каде како Квин ги советувале натпреварувачите, а подоцна во шоуто ја извеле и „Bohemian Rhapsody“. Меј во април 2010 година го основал проектот „Спаси ме“. Проект со кој се борел против секој предлог за укинување на забраната за лов на Британската лисица, а во исто време ги промовирал правата на животните во Британија. Во Февруари 2011 година било најавено дека Меј во мај 2011 година ќе оди на турнеја со Кери Елис и ќе одржи 12 настапи низ Британија.

На 18 април 2011 година Лејди Гага потврдила дека Меј ќе ја свири гитарата на нејзината песна „You and I“, песна од нејзиниот последен албум Born This Way, издаден на 23 мај 2011 година. На 26 август на фестивалот Ридинг, Меј заедно со американскиот рок бенд My Chemical Romance ги извел песните „We Will Rock You“ и „Welcome To The Black Parade“. На 28 август 2011 година на Видео Музичките Награди на Ем-ти-ви во Нокиа Театарот во Лос Анџелес, Меј заедно со Лејди Гага ја извеле во живо песната „You and I“. На 16 септември 2012 година Меј се појавил на добротворниот концерт Sunflower Jam во салата Ројал Алберт, каде настапил заедно со басистот Џон Пол Џонс (од Лед Цепелин), тапанарот Јан Пајс (од Дип Парпл), и вокалистите Брус Дикинсон (од Ајрон Мејден) и Алис Купер.

Квин + Пол Роџерс

уреди

На крајот на 2004 година, Меј и Тејлор објавиле дека повторно ќе се соединат и ќе ја продолжат турнејата во 2005 година со Пол Роџерс (основач и поранешен главен пејач на Фри и Бед Компани). На мрежната страница на Меј била поставена информација дека Роџерс ќе биде „додаден“ на Квин како Квин + Пол Роџерс, незаменувајќи го починатиот Фреди Меркјури. Пензонираниот Џон Дикон немало да учествува.

Помеѓу 2005 и 2006 година, Квин и Пол Роџерс отишле на светска турнеја најпрво во Европа а подоцна и во Јапонија и САД во текот 2006 година. На 25 мај 2006 година, Квин се здобил со Свечените рок почести на Ви-ејч-1 во Mandalay Bay Events Center во Лас Вегас, Невада, и Меј и Тејлор се придружиле на сцената заедно со Фу Фајтерс за да изведат избрани песни од Квин. На 15 август 2006 година, Меј преку неговото мрежно место и обожавателски клуб потврдил дека Квин + Пол Роџерс од Октомври ќе започнат со изработка на нивниот прв студиски албум, кој ќе биде снимен на „тајна локација“. Албумот насловен како The Cosmos Rocks бил издаден во Европа на 12 септември 2008 година и во САД на 28 октомври 2008 година. По албумот, бендот повторно заминал на турнеја низ Европа и делови од САД почнувајќи од настапот на „Плоштадот на Слободата“ во Харков пред 350,000 украински обожаватели. Шоуто од Украина подоцна било објавено на ДВД. Квин и Пол Роџерс официјално се разделиле на 12 мај 2009 година. Роџерс не ја отфрлил можноста за повторно соработка.

На доделувањето на Европските музички награди во 2011 година на 6 ноември, Квин ја примиле наградата за светска икона, која Кети Пери му ја врачила на Брајан Меј. Квин ја затвориле церемонијата на наградите со Адам Ламберт, изведувајќи ги „The Show Must Go On“, „We Will Rock You“ и „We Are the Champions“. Соработката собрала позитивни реакции од обожавателите и од критичарите, која била проследена со шпекулации за заеднички идни проекти. Квин и Адам Ламберт на 11 и 12 јули 2012 година оствариле два настапи во Хамерсмит Аполо, Лондон, .

Други инструменти

уреди

Првиот инструмент кој Брајан Меј научил да го свири било банџолелето, кој воедно го свирел во живо и во студио на песната „Bring Back That Leroy Brown“ на Квин. За песната „Good Company“, тој користел нормално баритонско укулеле кое го купил кога бил на одмор на Хаваите. Повремено, Меј за снимање користел и други жичени инструменти како што е на пример харфата (се снима еден акорд кој потоа аранжерот со негово копирање и прилепување создава ефект на продолжено свирење), како и басот (на некои демо снимки и на многу песни во неговата соло кариера како и на албумот на Квин + Пол Роџерс).

Како дете исто така учел да свири и на класично пијано. Иако Фреди Меркјури бил главниот пијанист во бендот, повремено свирел и Брајан (на песната „Save Me“). Од 1979 година па наваму, тој свири и на синтисајзер, оргули („Wedding March“), и програмирал тапан-машини за Квин, но и за многу надворешни проекти (како што е продуцирањето за други артисти и неговите соло албуми).

Меј исто така е и докажан пејач. Од албумот Queen II па сè до албумот The Game на бендот Квин, Меј ги исполнил главните вокали на најмалку една песна од секој албум. Тој е и текстописец/композитор на мини операта Il Colosso заедно со Ли Холдриџ, која била наменета за филмот од 1966 година, „Авантурите на Пинокио“ на Стив Барон. Меј ја изведува операта заедно со Џери Хедли, Сисел Киркјебо и Џаст Вилијам. На екраните операта била изведена исклучиво со марионети.

Приватен живот

уреди

Од 1974 до 1988 година, Меј бил во брак со Криси Мулен, која е мајка на неговите три деца: Џими, кој е роден на 15 јуни 1978 година, Луиза која е родена на 22 мај 1981 година и Емили Рут која е родена на 17 февруари 1987 година. Криси и Брајан се разделиле во 1988 година. За нивната разделба и конечен развод било многу пишувано во Британскиот популарен печат и било проследено со многу прилози дека тој имал афера со глумицата Анита Добсон од EastEnders која ја запознал во 1986 година и која се здобила со слава во 80-тите како Енџи Вотс. По многуте години поминати заедно, тие се земале на 18 ноември 2000 година.

Тој во интервјуа изјавувал дека во доцните 80-ти и раните 90-ти години страдал од тешка депресија дури и до таа точка размислувајќи за самоубиство поради неговиот прв нестабилен брак, неговиот очигледен неуспех како сопруг и татко, смртта на неговиот татко Харолд и болеста на Фреди Меркјури и неговата конечна смрт.

Таткото на Меј, Харолд, работел како проектант во Министерството за Авијација и бил долгогодишен пушач на цигари. Поради тоа, Меј не поднесувал пушење до таму што забранувал пушење внатре на повеќето негови скорешни концерти. Неговиот татко бил разочаран што тој се откажал од неговото научно образование за да стане рок-музичар но откако тој ги донел своите родители во Њујорк да присуствуваат на првиот концерт на Квин во Медисон Сквер Гарден, неговиот татко кажал „дека го разбира“. Според списокот на најбогати за 2011 година на весникот Д Сандеј Тајмс, неговиот имот се проценува на 85 милиони фунти или околу 135 милиони американски долари.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди