Наша реч
Наша реч (Скопје, 5.2.1939 – 6.5.1941) – единствениот легален весник (како неофицијален орган на КПЈ) во Вардарскиот дел на Македонија што, и покрај сите тешкотии и забрани, го афирмираше македонскиот културно-национален идентитет. Во текот на речиси две години се објавени вкупно 24 броја под насловот „Наша реч“ и по два броја под наслов „Наш глас“ и „Наш лист“.
По одлука на ПК на КПЈ за Македонија, во првата Редакција влегуваат: правникот Милош Мацура (сопственик и издавач), правникот Дејан Алексиќ (главен и одговорен уредник), правничката Нада Богданова, студентот Бошко Шилеговиќ, дипломираниот филозоф Душко Поповиќ, професорот Радован Лалиќ и техничкиот уредник и лектор Александар Аксиќ. Иако во почетокот меѓу редакторите има само еден Македонец, весникот успешно ги собра речиси сите поистакнати македонски интелектуалци и побудни работници, широко го одрази животот и состојбите во Македонија и со бројни поетски и прозни литературни прилози го афирмира македонскиот јазик. Меѓу соработниците се не само идните видни борци и политичари (Кузман Јосифовски, Васил Антески, Страхил Гигов, Мирче Ацев, Борко Талески, Крсте Црвенковски, Исак Леви, Стеван Наумов, Кирил Миљовски, Димката Ангелов-Габерот, Ванчо Бурзевски, Јосиф Јосифовски, Страшо Пинџур, Боро Мокров, Ристо Дуковски, Цветан Димов, Орце Николов, Милева Сабо, Маргарита Софијанова, Боро Чушкар, Панче Пешев и мнозина други), туку и литературните творци во тоа време (Кочо Рацин, Волче Наумчески, Мите Богоевски, Кире Димов, Гојчо Стевковски, Бранко Заревски, Ристо Лазески, Кузман Јосифовски, Александар Градачки и др.). Тоа беше генерацијата што масовно се вклучи во НОБ, голем дел од нив и загинаа во таа борба, а живите активно учествуваа во изградбата на современата македонска држава. На 16.7.1939 г. Редакцијата го објави и посебното издание „150 година Француске Револуције“, а првпат во овој дел на Македонија е објавен и „Крушевскиот манифест“.