Баронот на дрво
„Баронот на дрво“ (италијански: Il barone rampante) е роман од италијанскиот писател Итало Калвино од 1957 година. Романот е дел од трилогијата „Нашите предци“.
Содржина
уреди1 глава
уредиНа 15 јуни 1767 година, Козимо Пјоваско ди Рондо, последен пат седнал да руча со семејството, кое на пладне се собрало во трпезаријата во семејната куќата во Омброза. На чело на масата седел баронот Арминио Пјоваско ди Рондо, а го придружувале сопругата Корадина, неговиот полубрат, витезот-адвокат Енеја Силвио Карега, свештеникот Флошлафлер и трите деца - Козимо, Батиста и Бјаџо (кој го раскажува дејството на книгата). Пред неколку дена, адвокатот Енеја донел во куќата полжави, кои двајцата браќа се обиделе да ги спасат, но не успеале. Во знак на протест, за време на ручекот, Козимо одбил да ги јаде полжавите и поради тоа, татко му го избркал од трпезаријата. Тогаш, дванаесетгодишниот Козимо излегол во дворот и се качил на муренката.[1]
2 глава
уредиДвижејќи се по гранките, Козимо се префрлил на соседното дрво (брест), кое се надвиснало во дворот на соседното семејство Д’Ондарива со кое неговиот татко бил во непријателски односи. Таму, Козимо го видел убавото девојче Виола како се ниша на нишалка. Козимо се претставил како водач на разбојниците, но Виола му се потсмевала и тогаш таа измислила едно правило: Дрвјата го претставуваат кралството на Козимо, но ако стапне на земјата, тој ќе изгуби сè и ќе се претвори во негов роб. Така, Козимо се заколнал дека никогаш нема да слезе на земјата.[2]
3-5 глава
уредиКозимо останал на дрвото цел ден, а кога паднала ноќта, тој не се вратил дома. Утредента, тој почнал да се движи по дрвата и заминал надвор од семејниот двор. Кога стигнал во еден овоштарник, таму ги видел децата-разбојници, кои краделе овошје и им се придружил, па дури им помогнал да избегаат од сопствениците на овоштарниците, кои ги опколиле разбојниците со намера да им се одмаздат за бројните кражби. Тогаш, тој дознал дека на децата-разбојници им помага едно девојче на бел коњ, кое ја викале Синфороза, а таа била Виола.[3]
6-9 глава
уредиПостепено, Козимо се навикнал на живото на дрвјата и одел сè подалеку во шумата. Таму, еден ден, видел дива мачка која го нападнала, но тој успеал да ја убие. Со нејзината кожа дошол во дворот на Виола и видел дека таа се подготвува да отпатува некаде. Потоа, Козимо си направил куќа на едно дрво, па иако и понатаму не разговарал со својот татко, тој го продолжил школувањето така што опатот Фошлафлер се качувал на дрво за да му држи часови. Гласот за Козимо се прочул насекаде низ околината, а тој се спријателил со сиромашните луѓе кои живееле во шумата, пренесувајќи ги нивните пораки од едно до друго место.[4]
10-12 глава
уредиЕден ден, Козимо си нашол куче од сортата јазовичар, кого го нарекол Отимо Масимо и кој оттогаш бил неговиот најдобар пријател. Исто така, Козимо се спријателил со неговиот стрико, витезот-адвокат со кого подготвувале разни проекти за наводнување. Еднаш, во шумата, Козимо го сретнал познатиот разбојник Џан деј Бруги со кого се спријателил и редовно му набавувал книги. Имено, Бруги станал толку зависен од книгите што целосно го запоставил крадењето и Козимо морал да му носи сè повеќе книги. Дури и кога Бруги бил заробен од полицијата и осуден на смрт со бесење, Козимо му ја читал книгата којашто Бруги не успеал да ја дочита.[5]
13-15 глава
уредиДружејќи се со Бруги, Козимо читал многу книги и започнал да се допишува со најголемите умови во Европа. Исто така, тој почнал да им помага на земјоделците, така што тие го засакале и многу го почитувале. Заедно со нив, Козимо успеал да направи систем за заштита од пожарите, кои биле чести во шумата. Еден ден, Козимо открил дека стрико му соработува со Берберите-гусари. Козимо им помогнал на жителите на селото да се спасат од гусарите, а по борбата, неговиот стрико избегал со гусарите, повторувајќи го името Заира. Кога стигнал кај нив, гусарите му ја пресекле главата, а Козимо ја скрил вистината за предавството на стрико му и на селаните им раскажал дека тој загинал во борбата со гусарите.[6]
16-18 глава
уредиПо смртта на витезот-адвокат, татко му на Козимо станал малодушен, се разболел и најпосле умрел, а Козимо, како негов најстар син, станал Баронот ди Рондо. Истовремено, веќе пораснат, Козимо почнал да чувствува желба за љубов. Еден ден, тој разбрал дека во местото Оливабаса има луѓе кои, исто како него, живеат на дрвјата. Се работело за шпански благородници кои му се спротивставиле на кралот Карлос III, по што тој ги протерал. Радосен, тој им се придружил, па дури си нашол и девојка, убавата Урсула, која му била ќерка на водачот на прогонетите Шпанци. Кога кралот им дозволил да се вратат во Шпанија, тие го поканиле да им се придружи, но Козимо не сакал да слезе на земјата и ја одбил поканата.[7]
19-23 глава
уредиКозимо станал славен низ Европа, каде бил познат како „дивиот човек“. Еден ден, умрела мајка му, а во нејзините последни мигови, Козимо бил постојано крај неа. Пресвртот во животот на Козимо настапил кога во Омброза се вратила Виола, како вдовица на еден стар војвода. Козимо И кажал дека го одржал ветувањето и дека никогаш не стапнал на земјата, цело врме чекајќи ја да се врати. Меѓу нив започнала страсна љубовна врска, повремено прекинувана од патувањата на Виола во Париз. Истовремено, Козимо бил љубоморен на неа, така што постојано се расправале меѓу себе. Еднаш, сосема ненајавено, Виола ја напуштила Омброза и никогаш не се вратила. Најпрвин, таа заминала во Франција, а оттаму во Лондон, каде се омажила за некој лорд со кого заминала во Калкута. По нејзиното заминување, Козимо полудел и целосно се променил.[8]
24-30 глава
уредиКозимо ја изгубил волјата за живот и почнал да пишува луди книги за некоја измислена земја во која луѓето ќе живеат заедно со птиците. Истовремено, тој им се придружил на масоните. Подоцна, за време на Француската револуција, Козимо ги организирал жителите на Омброза во борбата против благородништвото, а потоа ѝ помагал на Француската армија во војната против Австроунгарија. Еднаш, дури остварил средба со Наполеон Бонапарт. Постепено, Козимо остарел. Кога наполнил 65 години се разболел, но никако не сакал да слезе на земјата. Еден ден, жителите на Омброза викнале свештеник за да го причести пред смртта, но токму тогаш над дрвото на кое живеел прелетал балон. Козимо се фатил за јажето кое висело од балонот и, кога тој бил над морето, се пуштил, исчезнувајќи. Така, Козимо го одржал ветувањето и никогаш до крајот на животот не слегол на земјата. На семејниот гроб поставиле плоча на која пишувало: „Козимо Пјоваско ди Рондо - Живееше на дрво - Секогаш ја сакаше земјата - Се вознесе на небото“.[9]
Наводи
уреди- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 75-84.
- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 75-94.
- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 95-115.
- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 116-139.
- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 140-167.
- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 168-186.
- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 187-204.
- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 205-243.
- ↑ Italo Kalvino, „Baron na drvetu“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 244-280.