Атанас Катиновски - Гоче
Атанас Лазар Катиновски - Гоче (10 мај 1925 во Баница (Леринско), Егејска Македонија, Грција – починал во 7 октомври 2008 во Скопје) ― организатор на младинското ослободително движење во реонот на Баница. Учесник во Втората светска војна, политички инструктор на Вториот баталјон на првата македонско-егејска бригада.[1]
Животопис
уредиПотекнувал од селско печалбарско семејство. Внук на легендарниот илинденски војвода Наце Ѕоле Катин - Бабунски и второ дете на Лазар и Марија кои имале уште две деца, Богоја и Хрисанда. Основно шестогодишно училиште завршил во Баница на грчки јазик во учебната 1937-1938 година, а во периодот 1942-1943 година во Битола го завршил првиот клас од гимназијата. Поради големиот притисок и терор од грчките власти, неговиот татко бил принуден да емигрира во Канада во 1928 година. Растел под заштита на неговата баба Мара и мајка му Марија. Бидејќи постариот брат заминал да учи шивачки занает во Сорович, тој останал да се грижи за домаќинството. Со помош на својот вујко Ристо Малинов ги извршувал сите земјоделски работи и го пасел добитокот.[1]
Втора светска војна
уредиПо капитулацијата на Грција во април 1941 година, во мај истата година стапил во редовите на ОКНЕ (Организација на комунистичката младина на Грција) и бил избран за заменик-секретар на Општинскиот комитет во Баница, а потоа и за негов секретар. Бил еден од организаторите на младинското движење регионот на општината. Организирал и самиот учествувал во голем број воени акции. Почнал да дејствува во илегала на 1 јуни 1943 година поради опасноста да биде уапсен, а потоа бил именуван за политички младински инструктор на Окружниот комитет на ОКНЕ (ЕПОН).[1]
По настанатиот судир меѓу раководството на КПГ и ЕЛАС и раководството на македонските партизански единици, во октомври 1944 rодина, преминал во редовите на Македонскиот партизански баталјон и бил назначен за младински раководител на четата на Атанас Коровешов со која преминал во Македонија. Во новоформираната Прва македонско-егејска народноослободителна ударна бригада на 17 ноември 1944 година во Битола бил назначен за политички инструктор на вториот баталјон. Во тој период со други офицери посетувал политичко училиште при ЦК на КПМ во Скопје и се здобил со чинот капетан. Одликуван е со Орден за заслуга за народ со сребрени знаци во 1945 година.[1]
Периодот после Втората светска војна
уредиПо расформирањето на Првата македонско-егејска народноослободителна ударна бригада бил распореден во осмата дивизија на КНОЈ на Првата македонско-ударна бригада во Кичево. Додека служел во ЈНА, тој извршувал одговорни политички должности. Бил политички комесар на чета од баталјон, а имал други должности во штабот. Унапреден бил во чин мајор на ЈНА. Исто така, завршил вишо специјално воено училиште во Генералштабот на ЈНА. За време на војната на НОВ бил ранет, поради што имал статус на воен инвалид. Со решение на Владата на Република Македонија, признаено му е правото и утврдено својство на носител на одговорни должности од особено значење. Одликуван е со Орден на трудот со златен венец за посебни заслуги за унапредување на општеството и земјата. По демобилизацијата на ЈНА во декември 1946 година, вршел повеќе одговорни функции во стопанството, државните установи, во органите на државната власт и општествените организаци. Како дипломиран економист, повеќе од 19 години работел во Собранието на СРМ како виш советник во Секторот за економски прашања и секретар на службата за соработка со Собранието на СФРЈ. На ова работно место и се пензионирал во 1987 година.
Пензионерски период
уредиПо пензионирањето тој остана активен во општествено-политичките организации, во органите на месната заедница и бил делегат во собранието на општина Центар. По пензионирањето тој продолжил да пишува поезија, проза и историски книги.[1]