Јордан Стојанов Шурков (Велес, 1878Софија, 27 октомври 1929) — македонски револуционер, новинар и социјалист од Велес. Деец во Македонската револуционерна организација и меѓу најстарите социјалисти во Македонија. Близок соработник со Алексо Мартулков и македонската емиграција во Бугарија.

Јордан Шурков
Делегати од првиот конгрес на народната федеративна партија, меѓу нив е Јордан Шурков
Роден(а)Јордан Стојанов Шурков
1878
Велес, Отоманско Царство
Починал(а)27 октомври, 1929
Софија, Царство Бугарија
ОбразованиеСолунска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“
РодниниАндон Шурков

Животопис

уреди

Роден во Велес. Во млади години Шурков емигрирал во Кнежевството Бугарија. Се запишал како ученик во Пловдив, околу тој период Шурков се приклучил во Македонскиот таен револуционерен комитет. После се преселил во Солун. Убеден социјалист, во 1897 година тој почна да ги пропагира социјалистичките идеи во солунската машка гимназија. Таму се сретнал со неговиот близок другар и анархист Слави Мерџанов, со когошто ја формира групата на Гемиџии.[1] Подоцна почнал да соработува со МРО.[2]

После турско-грчката војна во 1897 година тој се преселил во Скопје заедно со Петар Манџуков. При неговиот престој во студенскиот дом до Скопското педагошко училиште се сретнал со истакнатиот македонски социјалист и револуционер Алексо Мартулков. Шурков и Мартулков се познавале од млади години бидејќи двајцата биле велешани, Шурков му дадол неколку примероци од женевскиот весник „Одмазда“ од Михаил Герџиков. Според Мартулков, Шурков бил восхитен кон мудрите дела на Александар Херцен.[3]

Отворил книжарница во Велес и се занимавал со издаваштво и пишување. Во летото 1903 година, група револуционери од Велешката околија, во која Јордан Шурков имал водечка улога, планирале да извршат атентат врз српскиот крал Александар Обреновиќ, кого го сметале за главен виновник за српската пропаганда во регионот. Во таа средба бил присутен и Алексо Мартулков, кој пробал да го спречи нивнот план бидејќи го сметал како неадекватен одговор кон српската пропаганда во Македонија. Но планот не успеал поради убиството на кралот од страна на српски офицери приврзаници на Петар Караѓорѓевиќ.[2]

Јордан Шурков потоа емигрирал во Русија, каде што учествувал во Јануарската револуција во 1905 година (јануари 1905 – јуни 1907). Потоа заминал за Бугарија каде се приклучил на левото крило на Македонската револуционерна организација, поддржувајќи ги санданистите. Пишува текстови за весникот „Камбана“ (1907 – 1935), кој е близок на санданистите.[2]

 
„Остварен Сон“, (стар македонски правопис: Постигнатъ Блѣнъ) 1926 година. Меѓу позначајните дела на Шурков, делото е за Илинденското востание.

По Младотурската револуција во 1908 година, се вратил во Отоманската империја и учествувал во активностите на Народната федеративна партија. Шурков заедно со Ф. Бајрактаров бил делегат од Скопје на основачкиот конгрес на партијата одржан во август 1909 година во Солун.[4] Со учество во дискусиите, покрај Јане Сандански, Димитар Влахов, Ангел Томов, Добри Даскалов и Димитар Коштанов се истакнал и Јордан Шурков. На конгресот Шурков бил избран за член на партискиот совет.  Најпрвин бил активен во Одринско, а потоа се преселил во Македонија.

Во враќањето, Шурков учествува во Комитетот за јавна безбедност во Велес, таа била составена од 12 члена, 6 Македонци и 6 Турци, меѓу тие членови бил и Александар Мартулков.[5] Нејзината главна цела била да ги предводел цивилните и воените власти во регионот. По избувнувањето на Првата светска војна, тој заедно со Алексо Мартулков го формираат Комитетот на дезертери, тие заедно го формирале во 1914 година со цел да го кординира трансферот на оние Македонци кои дезертирале од српската армија.[6][2]

По Првата светска војна, Шурков кој се повлекол во Бугарија бил истакната личност во тамошната македонска емиграција. Бил претставник на велешкото братство на Основачкото собрание на Сојузот на македонските иселенички организации, одржано во Софија од 22 до 25 ноември 1918 година.[2]

Во 1919 година го издавал весникот „Македонска солза“ во Горна Џумаја.[7] Во 1921 година, Шурков се населил да живее со семејството во Петрич, каде што активно учествувал во општествениот и културниот живот на градот. Учествувал како делегат од Петричкото македонско братство на обединувачкиот конгрес на Македонската федеративна организација и Сојузот на македонските иселенички организации од јануари 1923 година.[8] За време на инцидентот во Петрич во октомври 1925 година, кога грчката армија навлезе во Пиринскиот дел на Македонија, тој успешно го организирал снабдувањето со прехранбени продукти на борците од првата линија.[9][2]

Јордан Шурков се јавува како драматург и напишал голем број драми. Автор е на следните дела: „Остварен сон“  („Постигнат блян“, 1926) – драма, „До бунт“ („Към бунт“) – драма, „Одмазда“ („Отмъщение“) – драма, „Неразумна шега“ – трагедија.[10][2]

Јордан Шурков починал на 27 октомври 1929 година во Софија.[11][2]

Видете исто

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. Илинденско-Преображенското въстание 1903—196, Отг. редактори: Дино Кьосев и Ламби Данаилов, стр. 25.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 К., Т. (6 септември 2023). „Јордан Шурков“. Македонска Нација.
  3. МУвРБнМ, ПV
  4. Народна воля, брой 1, 22 август 1909 година.
  5. Аврамов, Стефан Н. „Революционни борби в Азоть (Велешко) и Поречието“, Материали за историята на македонското освободително движение, книга X, Македонски научен институтъ, София 1929, с. 174-175.
  6. Гоцев, Димитър. Национално-освободителната борба в Македония 1912 – 1915, Издателство на БАН, София, 1981, стр. 60, 152.
  7. Куманов, Милен. „Македония. Кратък исторически справочник“, София, 1993, стр. 149.
  8. НБКМ-БИА C VIII 38
  9. Тараков, Тодор. „Петричкият инцидент“ и участието на местното население в защитата на българската територия. Списание „Македонски преглед“, кн. 4, София, 2015, стр. 26.
  10. Шурковъ, Й. Постигнатъ блѣнъ. София, 1926.
  11. Пелтеков, Александър Г (2014). Революционни дейци от Македония и Одринско (Второ допълнено издание. изд.). София: Орбел. стр. 543. ISBN 9789544961022.