Атила Јожеф
Атила Јожеф (унг. József Attila, 11 април 1905 - 3 декември 1937) — еден од најголемите унгарски поети на XX век.
Животопис
уредиСин е на Арон Јожеф, полуромански работник во фабрика за сапуни и унгарската селанка Барбара Пошче и роден е во населбата Ференцварош во Будимпешта. Има две постари сестри: Ета и Јолан. Неговиот татко го напушта семејството кога Јожеф има само три години. Живеат во огромна сиромаштија: мајка му одвај може да ги издржува трите деца и да плати ќирија за малиот стан. така Јожеф е посовоен од семејство во Очгод, каде работи на фарма. Условите на фармата биле толку лоши, што Атила избегал и се вратил кај својата мајка во Будимпешта.
Мајка му умира во 1919 г., на возраст од само 43 години. По ова, за него се грижи Одон Макај, неговиот зет, кој е доста богат и може да му го плати школувањето во сосема солидно средно училиште. Атила аплицира и на Универзитетот во Сегед - сонот му е да стане професор во средно училиште - но набрзо е исфрлен оттаму поради една своја провокативна поема.
Од овој момент понатаму, се обидува да се издржува со малкуте пари кои ги заработува преку издавањето на своите песни. Почнува да покажува и знаци на шизофренија, поради што мора да оди и на психијатар. Никогаш не се венча и има неколку кратки врски, а најчесто се заљубува во жените кои му помагаат.
На 3 декември 1937 г., додека престојува на куќата на неговиот зет и неговата сестра, се фрла под тркалата на еден товарен воз. Умира на возраст од 32 години. Постои споменик посветен на него недалеку од местото каде се самоубива.
Поезија
уредиТака земјата ја најдов своја, |
Атила Јожеф е меѓународно најпознатиот модерен унгарски поет. Неговите песни се преведени на многу јазици, а неговиот живот и дело се изучуваат во многу земји. Сметан од комунистичката власт во Унгарија за "голем пролетерски поет", неговиот тажен живот и незаборавните љубовни стихови (дел од кои се посветени на неговата мајка) ќе изградат култ од неговата личност.
Својата прва стихозбирка A szépség koldusa (Питачот на убавината) ја објавува во 1922 г.; тогаш Атила има 17 години и сѐ уште оди на училиште. Јожеф учи приватно една година, а потоа и во Сегед, каде студира унгарска и француска литература. Со помошта на својот мецена, Лајош Хатвани, се здобива со солидно образование во Австрија (1925) и Париз (1926-27), каде ја открива поезијата на Франсоа Вијон, познатиот поет-боем од петнаесеттиот век.
Во 1925 г. Јожеф ја издава својата втора стихозбирка, Nem én kiáltok (Не сум јас тој што вриска). Избркан е од факултетот поради својата револуционерна песна, Tiszta szívvel. Со своите ракописи патува во Виена, каде преживува продавајќи весници и чистејќи хотелски соби, а потоа во Париз, каде студира на Сорбона. Во овој период ги чита Хегел и Карл Маркс, чиј револуционерен повик особено ќе го привлече.
Во 1927 г. неколку француски списанија ги објавуваат песните на Јожеф.
Неговата трета збирка поезија, Nincsen apám se anyám (1929), го покажува влијанието на француските надреалисти, како и на големите унгарски поети Ендре Ади, Ѓула Јухас и Лајош Кашак. Следната година Јожеф станува дел од илегалната унгарска комунистичка партија.
Külvárosi éj, неговата следна стихозбирка излегува од печат во 1932 г. Неговата најпозната љубовна поема, Óda (Ода), која потекнува од 1933 г., го зема читателот на патувањето околу и низ телото на неговата љубена. Последните две книги на Јожеф се Medvetánc (1934) и Nagyon fáj (1936). Тука, Атила Јожеф достигнува една од врвните точки на својата поезија: поетската игра е совршена, мелодијата му служи само на текстот, малку се споредбите, атрибутите и сликите. Со овие книги тој привлекува големо внимание меѓу светските литературни критичари.
Посмртно, од страна на неколку француски поети (Елијар, Арагон и други), кандидиран е за Нобеловата награда.[1]
Изданија
уредиОригинални стихозбирки
уреди- A szépség koldusa, 1922
- Nem én kiáltok, 1925
- Nincsen apám se anyám, 1929
- Döntsd a tőkét, ne siránkozz, 1931
- Külvárosi éj, 1932
- Medvetánc, 1934
- Nagyon fáj, 1936
Посмртно издадени
уреди- Собрани стихови и записи, 1938
- Собрани стихови и преводи, 1940
- Собрани дела, 1958
- Собрани дела, 1967
- Јожеф Атила: Собрани песни и текстови, 1973
Наводи
уреди- ↑ Паскал Гилевски, Антологија на унгарската поезија, Матица Македонска, Скопје, 2005.
Надворешни врски
уреди- Запознајте го Атила Јожеф
- Вовед кон Атила Јожеф Архивирано на 11 мај 2003 г.
- Избрани песни на англиски (1) Архивирано на 24 јуни 2005 г.
- Избрани песни на англиски (2) Архивирано на 9 март 2005 г.
- Пет песни на Атила Јожеф Архивирано на 5 октомври 2007 г.
- Песни на англиски
- Атила Јожеф на Find-A-Grave