Hangar 18 (песна)
- За други значења на поимот Hangar 18 видете на појаснителната страница
Hangar 18 е песна на Мегадет од нивниот четврти студиски албум Rust in Peace. Тесктот бил напишан од тапанарот Ник Менза, кој добил инспирација од истоимениот филм. Фронтменот Дејв Мастејн врз основа на добиениот текст ја компонирал музиката. Hangar 18 е всушност американска воздухопловна база крај местото Дејтон, близу Охајо, околу која кружат шпекулации за наводни посети од вселенски летала.
„Hangar 18“ | |||||
---|---|---|---|---|---|
Сингл од Мегадет | |||||
од албумот Rust in Peace | |||||
Издаден | 1990 | ||||
Формат | ЦД сингл, дигитално спуштање | ||||
Снимен | 1989 | ||||
Жанр | Треш метал, спид метал | ||||
Должина | 5:11 | ||||
Издавачка куќа | Капитол | ||||
Композитор | Дејв Мастејн | ||||
Продуцент | Мајк Клинк и Дејв Мастејн | ||||
Хронологија на синглови на Мегадет | |||||
|
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Песната не успеала да се пласира на табелите во САД, но затоа пак се искачила на 25 место на ирската топ листа за музички синглови и на 26 место на британската листа. „Hangar 18“ беше номинирана за Греми награда во 1992 г.[1]
Во 2001 г. беше снимена песната „Return to Hangar“, која била ставена на деветтиот студиски албум The World Needs a Hero.[2] Оваа песна е музичко продолжение на претходната, со тоа што во неа се раскажува како вонземјаните од вселенскиот брод ја уништиле целата воена база и потоа побегнале со запленетата јадрена опрема.
Оваа песна е задолжителна при секој настап на бендот во живо. Статистички гледано, „Hangar 18“ е трета најизведувана песна на концертите на Мегадет, со над 1000 изведби досега.[3] Само „Peace Sells“ и „Holy Wars... The Punishment Due“ се единствените две песни со повеќе перформанси во живо отколку „Hangar 18“.
Видео запис
уредиВидео спотот за „Hangar 18“ е заснован врз текстуалниот концепт на песната. Ја доловува борбата против вонземјаните, а при крајот ги прикажува и членовите на бендот заробени во комори во кои владеат екстремно ниски температури. Спотот бил снимен во Сан Педро, Калифорнија, во зградата на Water & Power. По коинциденција, Мегадет на истата локација ќе го снимаат и спотот за песната „Crush 'Em“ девет години подоцна.[4] Поради долгото времетраење на филмскиот запис, од MTV (музичкиот канал) ќе емитуваат драстично скратена верзија од песната на нивниот музички канал. На почетокот од песната, во позадина може да се слушнат куси делници од песната „Dawn Patrol“, која се нашла на истиот албум.
Преработки
уредиОд своето појавување во музичкиот етер, „Hangar 18“ била преработена од многу хеви метал бендови. Најголем дел од новите преработки ќе бидат посветени на Мегадет. Групата Fairlight ја отсвирила композицијата за албумите Megaded: A Tribute to Megadeth (1999) и This Is the News! The Megadeth Tribute (2007), кои биле изработени во чест на овој култен бенд.[5] The String Tribute Players исто така ја снимиле песната во 2009 г. и ја сместиле на компилацијата Megadeth String Tribute. Групата DeadXheaD ја има направено можеби најпознатата верзија на овој сингл.
Освен што постојат многубројни студиски верзии од „Hangar 18“, уште поголем е бројот на хеви метал состави кои ја изведуваат песната во живо. Меѓу нив спаѓаат Necropolis, Deathinition, Lateralis, Rust In Beer, Rattledeth и Dirty Black. „Hangar 18“ е исто така вклучена и на видео играта Guitar Hero II.
Присуство во поп културата
уреди- Во една епизода од цртаниот филм Duck Dodgers, посветена на враќањето на Мегадет на музичката сцена, ќе биде направена алузија на видео записот за песнава. Во епизодата In Space, No One Can Hear You Rock се прикажува Дејв Мастејн заробен во ледена комора, којшто требало да се разбуди од кома и да ги победи вонземјаните свирејќи на гитара, слично како и во спотот за „Hangar 18“.[6]
- Компјутерската игра Deus Ex: Human Revolution користи неколку изрази од текстот на песната, а исто така и ја спомнува „Hangar 18“ како песна на Мегадет.[7]
- Оваа песна се нашла на компилацискиот албум Greatest Hits: Back to the Start, како и на сите други изданија со најголеми хитови на Мегадет; во изборот на песни за споменатиот албум, „Hangar 18“ се нашла на 13-то место според бројот на гласови од обожавателите.
- во музичките кругови, песната најмногу ќе остане запаметена по стиховите „The military intelligence, two words combined that can't make sense“ (во превод: воена интелигенција, изведена зборовна конструкција која нема никаква смисла).[8]
Коментари од бендот во врска со песната
уредиЦелата таа идеја беше на Ник. Замислата за текстот му беше дека американската влада има воспоставено контакт со суштества од некоја друга планета, но ја крие таа информација. Не дека и јас го делам неговото мислење, но тој беше навистина занесен со тие работи. Дури мислеше и дека Исус е марсовец. Но, убеден сум дека сите оние кои го познаваат Ник и неговиот убедлив начин на раскажување фантастични прикаски, ќе си помислат дека во сето тоа има барем трошка вистина. Со бендот се погриживме на сета таа негова бујна имагинација да и дадеме музичка конотација, а препуштаме на вашата фантазија дали ќе поверувате во тоа или не.
—Дејв Мастејн, 1990 г.[9]
Hangar 18 е воена инсталација чија цел е комуникација со вонземјани и создавање нови форми на живот.
Бидејќи песната е навистина предолга, го разбирам ставот на MTV истата да биде скусена. Уште ми се свежи сеќавањата кога бев пред студиото и кога ми пристапи продуцентот Мајк Клинк. Ми рече: „Види го текстов за песнава. Се работи за марсовци или нешто слично, па потруди се да отсвириш неколку рифови кои би звучеле како да се враќаш од вселената.“ Тој совет многу ми користеше и оттогаш обраќав поголемо внимание на песната отколку порано.
—Марти Фридмен, 2002 г.[11]
Песни на винил изданието од Hangar 18
уреди- „Hangar 18“ (скусена верзија) - 3:18
- „Hangar 18“ (стандардна верзија) - 5:13
- „The Conjuring“ (во живо) - 5:06
- „Hook in Mouth“ (во живо) - 4:30
- Обраќање на Мaстејн до обожавателите (единствено во јапонската едиција) - 4:40
- Капитол Рекордс DPRO-79462
Музички персонал
уредиНаводи
уреди- ↑ Номинирани песни за Греми наградите 1992
- ↑ Encyclopaedia Metallum 2009-Објавен синглот Return to Hangar Архивирано на 27 август 2012 г.
- ↑ Најизведувани песни на Мегадет www.setlist.fm
- ↑ „„Мегадет зборуваат за 'Crush 'Em'; донираат средства за основно училиште"“. Архивирано од изворникот на 2011-08-12. Посетено на 2012-11-10.
- ↑ „Hangar 18 од Fairlight“. allmusic.com. Посетено на 2010-03-26.
- ↑ „Синопсис на епизодата“. Архивирано од изворникот на 2011-09-20. Посетено на 2012-11-11.
- ↑ Опис на Deus Ex
- ↑ Интерпретација на текстот
- ↑ Цитат од коментарот на Мастејн
- ↑ Цитат од коментарот на Менза
- ↑ Цитат од коментарот на Фридмен