Чаушлиево
Чаушлиево или Чаушли (грчки: Μεσιανό, Месијано; до 1926 г. Τσαουσλή, Цаусли[2]) — село во Ениџевардарско, Егејска Македонија, денес во општината Постол на истоимениот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 346 жители (2011). Традиционално било населено со Македонци христијани, но кон крајот на XIX век тука се доселиле и Роми муслимани.[3]
Чаушлиево Μεσιανό | |
---|---|
Координати: 40°46.47′N 22°28.42′E / 40.77450° СГШ; 22.47367° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Постолски |
Општина | Постол |
Општ. единица | Пазар |
Надм. вис. | 40 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 346 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија
уредиСелото е сместено 7 км источно од градот Пазар (Ениџе Вардар).
Историја
уредиВо Отоманското Царство
уредиСпоред Николаос Схинас, во средината на 1880-те Чаушли (Τσιαουσλί) било село со 4 хриситјански семејства.[4]
Во 1889 г. хрватсниот етнограф Стефан Верковиќ („Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“) напишал за Чаушлиево:
„ | Селото Чаушли чифлик е сместено во шумовито место на половина час северно од Чекри и источно од градот. Жителите, Македонци христијани, се занимаваат со земјоделство. Низ Чаушли минува Чекренска Река, а во нејзина близина има шума.[5][6] | “ |
Традиционален занает на селото било рогозарството и изработката на предмети од трска и ракита.[7]
На почетокот на XX век етничката слика во селото била поинаква. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“), во 1900 г. Чаушлиево броело 50 жители, сите Роми.[8]
Во 1910 г. Халкиопулос напишал дека во селото (Τσαουσλί) има 30 муслимани.[4][9] Сепак, се чини дека македонското население било изоставено, или пак се повратило во селото, бидејќи се води во статистиката од овој период.
Во Грција
уредиВо 1912 г. Чаушлиево е заведено како село со христијанска и муслиманска вероисповед и ромски и македонски јазик. Селото отсуствува од пописите во 1913 и 1920 г., што значи дека било напуштено во тој период.[3] По враќањето на жителите, во 1924 г. сето муслиманско население е иселено во Турција согласно Лозанскиот договор. Македонците се иселени во Бугарија.[4] На нивно место се доведени грчки колонисти. Во 1926 е преименувано во Месијано. Во 1928 Чаушлиево е претставено како чисто дојденско село со 140 жители од 39 семејства.[10]
Со пресушувањето на Ениџевардарското Блато во 1935 г. се добило ново плодно земјиште, па овде се доселени уште грчки колонисти. Така, во 1940 г. населението се накачило на 423 жители.[3] Во 1961 г. Чаушлиево достигнало 549 жители, но веднаш потоа почнало да се намалува поради значајно иселување во градските центри и во странство.[3] По овие движења, бројот на населението останал устојчив до денес.
Население
уредиЕве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 423 | 479 | 549 | 302 | 300 | 301 | 341 | 346 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Стопанство
уредиСелото важи за доста богато. Највеќе се произведува овошје, памук, жито и тутун.[3]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Τσαουσλή -- Μεσιανό
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 80.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 „Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Γιανιτσών 1886 – 1927“. lithoksou.net. Посетено на 15 јули 2019.
- ↑ Нарекувајќи ги „Бугари“ под влијание на бугарската пропаганда.
- ↑ Верковичъ, С.И. „Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“. СПб, 1889, стр. 112.
- ↑ Бабев, Иван. Ениджевардарският край /Природо-географска среда и стопански условия/, – во: Бабев, Иван, Македонска голгота – Спомени и изповеди от Ениджевардарско, ТАНГРА ТанНакРа ИК, София 2009, с. 119.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 147. ISBN 954430424X.
- ↑ Χαλκιόπουλος, Αθανάσιος (1910). Εθνολογική στατιστική των βιλαετίων Θεσσαλονίκης και Μοναστηρίου. Αθήναι.
- ↑ „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.