Црвениот коњ
„Црвениот коњ“ — роман на македонскиот писател Ташко Георгиевски од 1975 година. Книгата е завршена во Скопје, во април 1975 година,[1] а таа е посветена на: „Луѓето мои растурени по светот“.[2]
Содржина
уредиПрв дел
уредиБорис е трето колено во родот на Ѓорговци од едно село во близината на Воден. Тој е учесник во Грчката граѓанска војна, но во 1949 година, под силниот притисок на американско-англиската војска, неговата воена единица бега во Албанија каде е разоружана, а потоа војниците се натоварени на еден брод. Заедно со него се неговите соселани — Шујде и младото момче Ванчо (Вани). Бродот со борците ја заобиколува Грција, а потоа преку Босфорот запловува во Црното Море. Потоа, борците ги префрлаат во Баку, го минуваат Каспиското Море и најпосле со воз ги пренесуваат во близината на Ташкент. Патем, Борис се разболува и паѓа во бунило.[3]
Втор дел
уредиНа почетокот, заедно со другите борци, Борис е ангажиран во бербата на памук, а подоцна работи во една фабрика. Таму, тој ја запознава Олга и почнува да живее со неа. Така минуваат годините, а тој почнува да се допишува со своите роднини од родното село и дознава дека двете негови ќерки се омажиле, а во куќата останала само најмалата ќерка Јана. Во меѓувреме, Шујде се жени со Лудмила, сестрата на Олга. По некое време, Борис пак се разболува и го пренесуваат на лекување на Кавказ. Оттаму, тој ја посетува Москва, а кога се враќа дома дознава дека умрел Вани, момчето за кое чувствува татковка љубов и за кое се грижи цело време. Потресен од случката, почнува да мисли на родниот крај и бара дозвола од грчката амбасада за да се врати во родниот крај при што мора да потпише дека е Грк и дека бил присилно мобилизиран од партизаните.[4]
Трет дел
уредиТака, во 1965 година, Борис се враќа дома. Одејќи пеш кон селото, тој среќава непознат човек и од него купува црвен коњ. Кога пристигнува во селото, тој среќава младо момче кое успева да го скроти коњот и да го јава. Борис дознава дека момчето се вика Вани и дека му е син на неговиот братучед Сабрија. На веста за неговото враќање се собира целото село за да го пречека по што тој оди во родната куќа, каде ја среќава ќерката Јана. Борис дознава дека братучедот Сабрија му помогнал да се врати дома. Тој се среќава и својот брат и со двете омажени ќерки, но со нив одржува студени односи. По почетното возбудување, со текот на времето, селаните почнуваат да го одбегнуваат, сметајќи го за чуден човек. Борис му го остава коњот на Вани кој се обидува да го скроти, но се покажува дека коњот не дозволува да му стават самар. Кога Јана останува бремена, Борис ја брка од дома, а по некое време, таа прави свадба без него. Гневен, тој скита низ планината и по неколку дена, Вани го пронаоѓа онесвестен и го носи дома. Тогаш, Вани сака да му го врати коњот, но Борис не го прима. Во тоа време, носејќи голема душевна болка, тој скита во Воден и во околните места, пиејќи по меаните. Така, доаѓа и зимата, а во една прилика, Борис има непријатен разговор со брат му. Тогаш, тој ги повикува ќерките, им го разделува имотот и останува сам.[5]
Четврти дел
уредиЗимата, Борис ја запознава Албанката Дрита, која живее со нејзиниот стар татко, но набргу тој умира. Тогаш, Борис започнува да живее со неа, решен да ја земе за жена и во текот на пролетта и летото тој гради куќа на нејзиниот имот во близината на градот. Штом завршува со градбата, тој паѓа тешко болен и повеќе не може да зборува. Во меѓувреме, на Вани му умира кобилата, искасана од шумски пчели, така што тој повторно му го враќа коњот на Борис, но тој не сака да го прими. Дрита несебично го негува Борис, но нему му нема спас. Затоа, по негово барање, Вани го пренесува во родното село.[6]
Последен дел (Кажувања на Сабрија)
уредиВо последниот дел се прераскажува животниот пат на Борис Тушев, но по сеќавањата на братучед му Сабрија, кој ги опишува заедничкото детство со Борис, неговото заминување во партизани, прогонството во Ташкент, враќањето во селото, бркањето на ќерката Јана, пијанството и распродавањето на имотот, отуѓеноста од селаните, женењето со Дрита и болеста, ненадејната смрт на црвениот коњ, пренесувањето на болниот Борис во селото, неговата смрт и погребот. По некое време, во куќата на Борис се појавуваат неговите ќерки кои ја бркаат Дрита и таа се враќа во куќата што ја изградил Борис. Вани е силно потресен од смртта на Борис и некое време исчезнува од селото, а потоа се враќа со жена. Така завршува животната приказна на Борис, кој умира осамен, без никој да дознае зошто се вратил во родниот крај.[7]
Изданија
уредиРоманот „Црвениот коњ“ доживеал повеќе изданија при што осмото е надополнето врз основа на едно писмо на таткото на авторот и претставува нов завршеток на романот.[8]
- Во 1993 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Детска радост“ во рамките на библиотеката „Перуники — современа македонска проза“. Книгата, со димензии од 24 сантиметри, има 127 страници, а била испечатена во НИП „Нова Македонија“, РО Печатница. Автор на корицата и на ликовно-графичкото уредување е Димче Исаиловски. Книгата е каталогиизрана во Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“, Скопје, но не ја поседува меѓународната ознака ISBN.[9]
Наводи
уреди- ↑ Ташко Георгиевски, Црвениот коњ. Скопје: Детска радост, 1993, стр. 127.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црвениот коњ. Скопје: Детска радост, 1993, стр. 6.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црвениот коњ. Скопје: Детска радост, 1993, стр. 9-44.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црвениот коњ. Скопје: Детска радост, 1993, стр. 47-60.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црвениот коњ. Скопје: Детска радост, 1993, стр. 63-105.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црвениот коњ. Скопје: Детска радост, 1993, стр. 109-117.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црвениот коњ. Скопје: Детска радост, 1993, стр. 121-127.
- ↑ Георги Сталев (приредувач), Современи македонски раскажувачи, избор. Скопје: Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла и Наша книга, 1990, стр. 146.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црвениот коњ. Скопје: Детска радост, 1993.