Рокселана

(Пренасочено од Хурем султан)

Хасеки Хурем Султана (османски турски: خرم سلطان, родена во 1506 - починала на 17 април 1558 во Топкапи-сарај, Цариград), позната како Александра Лисовска или Рокселана, била сопруга на османлискиот султан Сулејман I и мајка на османлискиот султан Селим II[1].

Нејзиното Императорско Височество Хасеки Хурем Султана, Принцеза Придружничка од Османлиското Царство
Hürrem (Huerrem или Kerime)
Хасеки Султана, خرم سلطان
Рокселана
Роден(а)Александра Анастасија Лисовска
1500-1506
Рохатин, Полско-литванска Државна Заедница (денешна Украина)
Починал(а)18 април 1558
Цариград (денешен Истанбул)
ПочивалиштеСулејманова џамија, Истанбул
Познат(а) поХасеки Султана
Верародена Православие, подоцна преобратена во Ислам
СопружникСулејман Величествениот од Османлиското Царство
ДецаМехмед, Абдулах, Михримах Султана, Селим II, Бајазид и Џихангир

Рани години

уреди

Александра Лисовска е родена во периодот од 1500 до 1506 година. Според податоци од 17 век нејзиниот татко бил украински православен свештеник. Таа е родена во градот Рохатин во тогашното Полско Кралство, а денеска во Украина. Во текот на 1520-тите години таа била заробена од страна на Кримските Татари и одведена во кримскиот град Кафа, за да по некое време биде однесена во Цариград односно во харемот на Сулејман I.

Паргали Ибрахим-паша (1493-1536) му ја понудил Рокселана на својот пријател од детството султанот Сулејман. Таа влегла во харемот кој броел околу 300 девојки. Во историографијата таа е опишана со црвена коса, многу интелигентна и весела. За неа венецијанците кажувале дека била доста млада но не и убава.

Во харемот како омилена

уреди

Таа бргу по пристигањето во харемот на палaтата Топкапи-сарај го привлекла вниманието на нејзиниот господар, како и завидливоста на најзините противници. Постојат многу легенди за тоа како Рокселана го привлекла вниманието. Една од нив раскажува дека во денот кога на султанот му претставиле многу поубави и поскапи од неа робинки, таа се судрила намерно со една танчерка, започнала да се смее и да пее некоја песна. Затоа евнуците чекале знак од султанот - дали да ја подготват одајата за девојката или во спротивно да биде обесена. Султанот сепак бил заинтригиран и зачуден од необично однесување уште истата вечер Рокселана добила подарок марамче, знак дека господарот ќе ја очекува во неговата соба. Подоцна Рокселана го замолила на султанот да ја посетува библиотеката. Султанот бил шокиран но и разрешил. Кога по некое време тој се вратил од поход, Рокселана веќе владеела со неколку јазици.

Еден ден, омилената на султан Сулејман, Махидевран султан (уште позната како Ѓулбахар), ја натепала Рокселана речиси до смрт. Вознемирен поради оваа немила случка, султанот ја протерал Махидевран и нејзиниот син, наследникот на престолот, Шехзаде Мустафа во градот Маниса кој обично бил управен град на престолонаследникот. По ова Рокселана станала омилена на султанот, односно хасеки. Години подоцна, по голем број нејзини интриги во палатата, Султан Сулејман наредил да го убијат Шехзаде Мустафа, плашејќи се од бунт, со ова Махидевран султан го изгубила местото во харемот и се преселила во Бурса, препуштајќи и го на Хурем централното место.

 
Хурем Султана и Султан Сулејман. Легендарната љубов меѓу двајцата инспирирала голем број Елропски уметници да создаваат дела, како оваа слика на Германецот Антон Хикел (1780)

По доаѓањето во харемот, Рокселана како и сите харемски робинки започнале да добиваат лекции за турскиот јазик и исламот. Таа учела да пишува и многу бргу започнала со составување на љубовни писма, со шиење и плетење, пеење, танцување. Убавите робинки кои имале шанса да станат султански конкубини биле учени и на еротски вештини. Од сите нив, дваесет биле одредувани како султански собарки кои имале обврска да го облекуваат на султанот, да го бањат и да го снабдуваат со јадење. Тие од овде можеле да станат и негови миленици или икбал. Во случај да останат трудни или да родат деца од својот господар, тие биле прогласувани за конкубини.

На Рокселана не и било тешко да го привлече вниманието на Сулејман. Нејзината харизма го привлекувала секој во харемот, поради кое го добила името Хурем кое во превод значи насмеана. Таа бргу по пристигањето во харемот во палaтата Топкапи-сарај станала султанов сопатник во креветот. Бидејќи не служила само за сексуално задоволување и како мајка на можните машки наследници, таа се покажала и како добар оратор и искрен пријател. Сулејман бил воодушевен од подарокот на Ибрахим Паргали-паша. Со Рокселана можел да пишува песни или да води политички дискусии. Рокселана со ова била во можност да му даде добри совети и имала разбирање за неговиот страв кој единствено на неа можел да ги кажува.

Сулејман со доаѓањето на Рокселана ја запоставил Махидевран султан (уште позната како Ѓулбахар, во превод пролетно цвеќе) со која имал четири деца и само едно останало живо и тоа Шехзаде Мустафа.

Во 1522 година Рокселана го родила принцот Шехзаде Мехмед. Така започнале и првите конфликти со останатите сопруги на Сулејман околу идниот престолонаследник. Претходно во времето на Мехмед II главно поради спречување на граѓанска војна издал закон според кој новиот султан можел да ги убие неговите браќа или полубраќа за ред во империјата. Во 1523 година Рокселана повторно родила син кој имал проблем со нозете па не можел да претендра за престолот. Во 1526 година се родило третото нивно дете Михримах султан, која подоцна била омажена за Рустем-паша, големиот везир од албанско или српско потекло. Во тоа време Рокселана играла сè поголема улога во животот на султанот. Сулејман и покрај првенецот син Мустафа, повеќе ја сакал Рокселана. Тој го занемарил и својот пријател Ибрахим-паша, кој во 1523 година го поставил за голем везир за Румелија и кој подоцна бил оженет со неговата сестра Хатиџе султан. Во 1526 година Сулејман го поставил за главен заповедник на својата војска во походот против Унгарија.

Во харемот како сопруга

уреди

Од тој момент Рокселана станала една од најсилните жени во харемот. Таа настојувала да ги исполни сите желби на Сулејман. Тој бил спремен да се ожени со неа и да ја прогласи за султанија, нешто што никогаш претходно не се било случило од настанувањето на империјата. Така свадбата се случила во 1530 година. Според англичанинот Сер Џорџ Јанг:

Оваа недела во градот се случи еден сосема извонреден настан кој досега не се случил во животот на султаните. Големиот господар Сулејман на една робинка од Русија, некоја Рокселана ја направил царица и имаше голема слава. Церемонијата се одржи во дворецот и веселбата ги надмина сите досегашни од истиот ранг. Големите улици беа осветлени и имаше многу музика, а гоздбата беше за сите луѓе. Куќите беа украсени со цвеќиња а насекаде беа поставени лулки каде луѓето седеа и уживаа на своето големо задоволство. Во стариот хиподром беше подигната голема трибина чии места за царицата и нејзините дами беа заградени со златна ограда. Овде царицата и нејзините дами присуствуваа на еден раскошен турнир на кој учествуваа христијански и муслимански јавачи, а имаше и големи акробации и маѓионичари и една претстава на диви ѕверови и жирафа чиј врат скоро го достигнуваше само небото... Луѓето многу зборуваат за свадбата и никој не може да каже што всушност претставува таа

Венецијанскиот амбасадор во Коинстантинопол запишал:

Тој (Сулејман) толку многу ја обожава и толку многу е одан што сите негови оданици се чудат и зборуваат како таа него го маѓепсала. Тие ја нарекуваат зијади или вештерка. Поради ова таа и нејзините деца се многу омразени во дворот и во војската, но никој не смее ништо да каже против нив бидејќи тој ја сака. Јас лично сум слушнал само лошо за неа и нејзините деца, додека за првородениот (Мустафа) и неговата мајка (Махидевран) се зборува само добро

Рокселана не успеала да ја придобие љубовта на народот и покрај тоа што изградила пет џамии, една медреса, една јавна кујна за сиромашни и една болница.

Во 1531 година се родил Селим кој најмногу личел на својата мајка, а по една година и убавиот Бајазит.

Влијание

уреди

Рокселана исто така има големо влијание во владеењето со државата, особено во меѓународната политика и дипломатијата. Во тоа време се негувале особено мирни односи со Полска, кои довеле до создавање на Полско-Османлиски Сојуз. Влијанието на Рокселана кај Сулејман пораснало многу со текот на годините. Сулејман поради своите походи (13 на број) бил надвор од својата палата, па заљубениот брачен пар своите контакти ги одржувал преку љубовни писма. Во едно од нив таа му напишала:

Мој султане, колку бескрајна е болката од разделбата. Спаси ме мене, несреќната, и не ги баби своите прекрасни писма. Нека душата ми добие барем капка радост од твоите посланија. Додека те нема твојот слуга и син Мехмед и твојата робинка и ќерка Михримах плачат тагувајќи за тебе. Нивните солзи ќе ме полудат.

Сулејман пак во едно писмо и напишал:

Моја драга божице, моја чудна убавино. господарка на моето срце, сопатница на моите желби, моја единствена, ти си ми помила од сите убавици на светот.

Кога еден од најголемите пријатели на Сулејман од детството, Паргали Ибрахим-паша започнал да добива огромна моќ во дворот, преку големи интриги Рокселана успеала да го убеди на Сулејман да го погуби во 1536 година. Паргали еднаш во едно писмо напишал

Да, вистина е дека владеам со ова големо царство... Кога и да посакам можам од еден коњаник да направам паша. Што и да посакам на некому да ќе се додели, а ако не сум согласен тоа ќе му се одземе. Одлуката за војна и мир, употребата на паричните средства - сè е во мои раце. Самиот султан не е подобро обучен од мене. Своето полномоштво ми го дава мене...

Се смета дека Паргали бил погубен поради големото влијание во империјата. Сулејман започнал да се плаши и за неговиот престол па поради ова бил погубен. По смртта на Ибрахим-паша, на Сулејман како доверлив човек му останала само Рокселана. Во 1541 година брачниот пар започнал да живее заедно. Во еден пожар бил уништен поголемиот дел од Ески-сарај односно харемската палата. Рокселана го наговорила на Сулејман да не ја обнови таа палата туку нејзината одаја да ја изгради во негова близина на што Сулејман одговорил позитивно.

Во тоа време Сулејман се разболел од костобол, а за неговата нега се грижела единствено Роскелана. Во 1543 година починал Шехзаде Мехмед, најстариот син на брачниот пар, кој во меѓувреме станал доволно популарен кај народот и во војската за да го наследи престолот. Тој починал на 21 година, а зад себе ја оставил својата двегодишна ќерка. По смртта на Мехмед, кај Рокселана избувнал стариот страв дека Мустафа може да ги погуби нејзините синови доколку еден ден според традицијата стане султан. Со сопругот на нејзината прва ќерка Михримах, Рустем-паша, кој во 1544 година бил голем везир започнала да ја задушува потенцијалната опасност за нејзините синови. Колку од ова е точно денеска не е познато, но се знае дека во 1553 година Мустафа бил убиен поради организирање на бунт против султанот. Заедно со Мустафа бил убиен и неговиот 11-годишен син.

Убиствата на Ибрахим-паша и Мустафа според многумина се сметало дека се дело на Рокселана, и покрај тоа што нема никакви докази. Во 1553 година починал Џихангир кој не можел да го преболи убиството на својот полубрат. Така на Рокселана и останале уште Михримах, 22 годишниот пијаница Селим и 21 годишниот амбициозен Бајазит кој според својот карактер личел на својот татко. Во последните години од својот живот Рокселана постојано се обидувала да го смири соперништвото меѓу нејзините два сина.

Бидејќи починала во 1558 година, таа не доживеала да го види конфликтот меѓу Бајазит и нејзиниот сопруг Сулејман против кој бил организиран бунт. Побуната не успеала и Бајазит заедно со своите четири синови биле погубени. Единствено дете кое никогаш не го разочарало султанот била неговата ќерка Михримах.

По смртта на Сулејман во животот на Сулејман не се нашла друга жена. Тој наредил да биде погребен до неа, во Сулејмановата џамија во Истанбул.

 
Турбето на Хурем Султан во Сулејмановата џамија во Истанбул

Во културата

уреди

Хасеки Хурем Султана, или Рокселана, како што е почесто ословувана во Европа, е широко позната, како во модерна Турција, така и на Западот, поради тоа што е предмет и инспирација на многу уметнички дела. Сликите, музичките композиции (вклужувајќи ја Симфонијата бр.63 на Јозеф Хајдн), опера, балет, драми и неколку романи се дела на првенствено украински уметници, но има и такви од Англија, Франција, Германија и други европски земји. Во 2007, мулсиманите од Мариупол, приморски украински град, дури отвораат и џамија во нејзина чест.[2]

Покровителство

уреди

Рокселана изградила голем број на градби и бил покровител на голем број на настани. Таа изградила касарни за јаничарите и им ги зголемила платите. Таа исто така наредила во европскиот квартал на градот да се изгради нови магазини за вино, по кое парите во султанската каса дополнително се зголемиле. По ова следувало реконструкција на бреговите од Галата.

По овие работи, Рокселана имала доволно пари за да започне со изградба на џамии, минариња, медреси и бесплатни кујни.

Наводи

уреди
  1. The Imperial House of Osman GENEALOGY
  2. „Religious Information Service of Ukraine“. Архивирано од изворникот на 2012-12-22. Посетено на 2012-01-12.