Факторинг
Факторинг (англиски: Factoring) претставува финансиска активност со која една фирма ги продава своите побарувања од купувачите на финансиски посредник - фактор (банка, финансиско друштво итн.) по намалена (дисконтирана) вредност, а потоа факторот ги наплатува побарувањата од должниците.
Поим
уредиДоговорот за факторинг[1] се дефинира како договорен однос помеѓу една страна — добавувач (клиент) и друга страна — финансиски посредник (фактор) според кој:
- клиентот со попуст (дисконт) му ги пренесува на факторот своите недостасани парични побарувања, а кои произлегуваат врз основа на договори за продажба на стока или услуги помеѓу него — клиентот и неговиот купувач (должник),
- а факторот се обврзува за соодветен надомест да прифати да ги наплати тие побарувања, доколку смета дека платежната способност на должниците на клиентот е добра, со известување на должниците за таквиот пренос, без оглед дали клиентот или факторот го сносат ризикот за наплата на тие побарувања.
Битен услов за постоење на договорот за факторинг е известувањето на должникот за преносот на побарувањата. Имено, продавачот на побарувањата (клиентот) треба да го извести својот должник дека побарувањата му ги пренесол на факторот, иако известувањето може да го изврши и самиот фактор. Инаку, договорот за факторинг има потраен карактер, бидејќи тој може да се однесува не само постоечките недостасани побарувања, туку и за пренос на идните побарувања. Сепак, најчесто договорот за факторинг се склучува за одреден временски период и тој ги вклучува сите парични побарувања што ги има клиентот, а не само одредени поединечни побарувања или трансакции.[2][3]
Историски развој
уредиПрвобитно, факторингот настанал во меѓународната трговија, но подоцна стекнал широка примена и во внатрешниот промет. Инаку, договорот за факторинг ги влече корените во англосаксонското право, но потоа се проширил и бил прифатен и во земјите од континентална Европа. Тоа се должело на практичноста на овој инструмент, кој овозможува финансирање без потреба да се склучуваат кредитни аранжмани.[3] Имено, со факторингот, продавачот не мора да го чека денот на достасување на своите побарувања од купувачите, туку може да ги наплати побарувањата однапред, така што предвереме ќе ги продаде на некоја финансиска институција која се занимава со откуп на побарувања. Во праксата, факторингот се појавил во САД како комисиона работа – агенти (фактори) кои истапувале во свое име, а за сметка на своите клиенти. Услугите на американските фактори најмногу ги користеле европските извозници, затоа што домашните фактори гарантирале дека купувачите во САД ќе ја платат увезената стока.
На меѓународен план, до донесувањето на Конвенцијата на УНДРОИТ за меѓународен факторинг, во Отава, во 1988 година, факторингот бил уреден само со обичајното право и со трговските узанси. Меѓутоа, и со стапувањето во сила на оваа конвенција во 1995 година, како и со донесувањето на Конвенцијата на УНЦИТРАЛ за пренос на побарувањата во меѓународната трговија, во 2001 година, дошло до унифицирање на сите релевантни прашања од областа на факторингот.[3]
Договорни страни
уредиКлиент
уредиКлиент е лицето, најчесто регистрирано правно лице кое работи на профитна основа, кое со попуст ги пренесува на факторот своите договорни краткорочни парични побарувања.
Фактор
уредиФактор е лице кое со попуст купува долг (парично побарување), со цел да се заработи преку наплатата на тој долг. Во улогата на фактор најчесто се јавуваат банки или специјализирани факторинг куќи.[3] Архивирано на 18 август 2013 г. Факторот е договорната страна која ја врши карактеристичната чинидба кај овој договор, па според тоа, во случај на спор кај меѓународен факторинг, меродавно би било правото на земјата на факторот и доколку договорните страни не договориле друго меродавно материјално право.[4]
Факторот се обврзува за клиентот да изврши најмалку две од наведените функции:
- да обезбеди финансиски средствa за клиентот по пат на авансни уплати;
- да води евиденција (книги) за побарувањата;
- да изврши наплата на побарувањата;
- да преземе соодветни мерки при доцнење со уплатите од должниците на клиентот.
По правило, факторот нема право на регрес[5] од клиентот во поглед на ненаплатливоста на побарувањата.
Должник на клиентот
уредиТоа е лицето кое треба да ја изврши исплатата на паричните побарувања врз основната правна работа т.е договорите за продажбата на стоки и услуги со клиентот.
Правна природа на договорот за факторинг
уредиКај договорот за факторинг се среќаваат елементи на следните договори:
- Цесија
- Комисион
- Емство
- Застапување
- Договор за дело[6]
- Преддоговор врз основа на кој се склучуваат главни договори или рамковен договор врз основа на кој се склучуваат идни поединечни договори за пренос на краткорочни нестасани парични побарувања.
- Продажба на побарувања.
Како што се гледа, многу е тешко да се определи правната природа на договорот за факторинг. Се работи за договор во кој се испреплетени институти на многу други договори, па затоа се нарекува неименуван договор на автономното трговско право или, поедноставено, договор што не е уреден во закон, туку спонтано се појавил во деловната практика.
Облици на пренос на побарувањата
уредиВрз основа на договорот за факторинг, побарувањата може да се пренесат на неколку начини:
- Преку граѓанско-правна цесија;
- Преку документарен акредитив, доколку таков начин е предвиден во финансиската клаузула во договорот за купопродажба;
- Преку правилата за индосирање на меницата.
Кои договорни побарувања може да се цедираат?
уредиИако може да се цедираат паричните побарувања од било кој договор, најчесто во практиката се среќаваат побарувања од договори за продажба на стока или вршење на услуги. Обратно поставено, факторингот како алтернативен извор на финансирање најретко се јавува во областа на градежништвото и медицинската опрема. Вообичаено, договорот за факторинг повеќе се однесува на сите вкупни договорни парични побарувања кои ги има клиентот, отколку поединечни побарувања. Се вели дека клиентот ја продава целата своја "главна трговска книга со доворни нестасани парични побарувања" или "глобална цесија". Поради тоа факторингот се смета за перпетуален договорен однос, бидејќи во себе содржи побарувања со различен рок на стасаност и кон различни должници по основ на основната правна работа – продажба на стока или вршење на услуга.
Какви треба да бидат побарувањата?
уредиОтстапените побарувања, по правило, треба да бидат краткорочни (краткорочни од 30-120 дена) и првенствено, но не и исклучиво, во внатрешниот промет. Значи, секогаш треба да постои одредена временска дистанца помеѓу испораката на стоката или вршењето на услугата и чинот на плаќање.
Форма на договорот
уредиБидејќи кај договорот за факторингот се работи за договор на автономното трговско право, нема посебни правила во поглед на формата, но вообичаено е да се склучува во писмена, ad probationem форма, поради полесно докажување на правата и обврските на договорните страни.
Како изгледа во практиката реализирањето на договорот за факторинг?
уредиПред да се склучи договорот за факторинг, постојат неколку претходни дејствија. На факторот му требаат околу две недели да ги испита договорените парични побарувања што треба да ги преземе, односно купи. Овој период се смета за оптимален за да се испита бонитетот и финансиската способност на клиентот. Но, факторот покрај бонитетот на клиентот, го испитува и бонитетот на должниците на клиентот и нивната финансиска способност за благовремено исполнување на договорни обврски за плаќање. Затоа, секогаш треба да се знае дека главниот извор на средства за плаќање на факторот кон клиентот е должникот на клиентот и неговата способност за плаќање, а не самиот клиент.
Некои фактори имаат утврдено минимум износ на парични побарувања кои клиентот треба да ги има кон трети лица за да се склучи договорот за факторинг. Други факторинг компании, пак, утврдуваат максимум износи со кои може да се врши факторинг со едно лице во одреден временски интервал. Оттука, должникот, односно должниците на клиентот се во главниот фокус на факторот. За возврат факторот, најчесто, ќе бара да му се заложат сите побарувања на клиентот, независно од кои договори, како гаранција за обврската за клиентот кон него. Не случајно и факторингот се смета за многу добро средство за алтернативно финансирање на млади бизниси кои се толку нови што сè уште немаат изградено бонитет за својата финансиска состојба.
Дури по овие претходни дејствија следи одлуката на факторот да склучи договор за факторинг, односно да ја прифати понудата на клиентот.
- Чекор 1. Клиентот врши испорака на својата стока или услуга и оригиналната фактура ја праќа на деловниот партнер (должник по основната правна работа). Во оригиналната фактура е содржан налог износот назначен во фактурата да се плати на факторот. Значи, на должникот уште веднаш му се открива постоењето на факторот, без оглед дали се работи за договор за факторинг со или без регрес. Копија од оригиналната фактура, клиентот му се праќа на факторот.
- Чекор 2. По приемот на фактурата и други шпедитерски документи, побарувањето се презема од страна на факторот, согласно договорот за факторинг. Факторот ја обработува фактурата, обично во рок од 24-48 часа. Факторот веднаш обезбедува кредитна линија за својот клиент, вообичаено во висина од 70-90% од фактурираната вредност, од која клиентот може веднаш да повлече одреден износ. Овој процент од фактурата е познат како авансна исплата и го претставува првиот дел од исплатата што ја врши факторот од вкупно две исплати. Остатокот од 10-30% се става на посебна резервна сметка, со која клиентот не може да располага, туку му служи на факторот како покритие за наплата доколку се појави одговорност на клиентот во врска со постоењето (веритетот) на цедираното парично побарување.
- Чекор 3. Деловниот партнер должникот на клиентот го плаќа фактурираниот износ на факторот на денот на стасаноста на побарувањето. Во случај на доцнење со исплатата, факторот покренува соодветна судска постапка за наплата на долгот и факторто е должен да ја води постапката до крај. Доколку се работи за факторинг со регрес, факторот има право на регрес од клиентот за секое побарување што не успеал да го наплати, додека кај факторингот без регрес факторот го презема ризикот од ненаплатување на побарување кое го обезбедил факторот.
- Чекор 4. На денот на целосната ислата на побарувањето, факторот ја кредитира разликата (намалена за претходната исплата и неговиот надоместок) на сметката на клиентот.
Надоместок (провизија) на факторот
уредиПровизијата на факторот се нарекува и дисконтна стапка и го означува износот што факторот го наплаќа за својата услуга поради употреба на сопствени фондови. Постојат две променливи, односно индикатори врз основа на кои се пресметува надоместокот: 1) бруто износот на фактурата и 2) во кој рок таа треба да се плати. Но, постојат и фактори кои наплаќаат точно утврден процент од бруто износот на фактурата и, се разбира, во зависност од износот на побарувањето.
Функции на факторингот
уредиФакторингот, по правило, остварува три основни функции:
Функција на финансирање, односно обезбедување готови пари по пат на авансна исплатa
уредиФакторот му става на клиентот на располагање одреден паричен износ и многу е важно да постои одреден, однапред познат временски интервал помеѓу денот кога факторот ќе исплати, односно ќе му стави на располагање на клиентот одреден износ, до денот кога тој – факторот ќе стекне можност, односно право да се наплати од должникот на клиентот.[7]
Се работи за функција кога факторот врз себе ја презема обврската за наплата односно за платежната неспособност на должникот на клиентот. Кој ризик за наплата in concreto ќе преземе факторот зависи од самиот договор за факторинг, затоа што самото преземање на del credere обврската не значи дека факторот се согласил да ги преземе врз себе сите можни ризици за наплата на побарувањето. Но, постојат и договори за факторинг, особено во американската практика, кога факторот врз себе ја презема del credere обврската не само за финансискиот ризик, туку и политичките ризици за наплата на побарувањето, ризикот за испорака на стоката и друго. Кога клиентот ќе изврши испорака на стоката, факторот во никој случај не може да се откаже од својата преземена обврска за del credere обврска. Клиентот има право на надомест на целиот износ на цедираното парично побарување со одбиток на провизијата на факторот, без оглед на платежната (не)способност на неговиот (на факторот) должник.
Функција на управувањето со побарувањата
уредиСе работи за функција и услуги што не се содржани во претходните две функции. Во рамки на оваа функција, факторот:
- Ги утужува или на друг начин обезбедува наплата на побарувањата што ги купил;
- Дава консултантски совети на своите клиенти;
- Ги заштитува своите клиенти од лоши (ненаплатливи или тешко наплатливи) долгови;
- Води сметководство;
- Врши пресметка на провизија и данок; и слично.
Видови договори за факторинг
уредиДоговорите за факторинг се делат според повеќе критериуми:
Спрема обемот на преземање на ризикот на наплата
уреди- Прав факторинг – преземање на целокупното побарување од страна на факторот со сите видови на ризици во врска со наплативоста на побарувањето кој е назастапен во меѓународното работење;
- Квази факторинг – кога не се презема del credere[8] ризикот за наплата на побарувањето. Значи, кај неправниот факторинг отпаѓа една од неговите основни функции – del credere функцијата;
- Факторинг платив по стасаноста на побарувањето. Се работи за договор за факторинг[1] во кој недостасува неговата функција на финансирање. Факторот ги купува краткорочните побарувања од клиентот на денот на нивната достасаност, но не дава никаков аванс за побарувањата како кај правниот договор за факторинг;
- Факторинг со право на регрес и без право на регрес. Кај факторингот со регрес, факторот го задржува правото на регрес од својот клиент, ако не успее да го наплати долгот од должникот на својот клиент и овој вид на факторинг не се смета за прав факторинг.
Спрема територијалниот критериум
уредиСогласно со овој критериум, факторинг договорите може да се поделат на домашен и меѓународен факторинг. Кај меѓународниот факторинг се среќаваат повеќе стратегии на договорот: продавач-клиент, неговиот домашен фактор, купувач во странство (деловен партнер на клиентот) и кореспондирачки фактор во земјата на купувачот. Самата појава на меѓународниот факторинг го зголемува борјот на услугите на факторот: надворешно-трговски, девизни, даночни, царински и други. Оваа одлика на факторингот, всушност, ја наметнала потребата за унификација или хармонизација на оваа материја.
Покрај прваната поделба на факторингот, постојат и бројни други видови услуги на факторинг, како:[9]
- Maturity factoring: Факторот ги презема побарувањата од купувачите на фирмата, прави напори да ги наплати и притоа наплаќа провизија од наплатениот износ. Фирмата што ги отстапува побарувањата ги добива парите во рокот на којшто гласат фактурите при што од наплатениот износ се одбива провизијата.
- Finance factoring: Факторот однапред ѝ ги плаќа парите на фирмата при што побарувањата од купувачите служат како обезбедување (колатерал).
- Discount factoring: Факторот однапред ѝ ги плаќа парите на фирмата (најчесто, не повеќе од 85% од износот на побарувањата од купувачите) и потоа зема целосна обврска за наплата на побарувањата.
- Undisclosed factoring: Банката ги презема целосно побарувањата од купувачите, однапред ѝ ги плаќа парите на фирмата (најчесто, не повеќе од 85% од износот на побарувањата од купувачите), а потоа назначува посебна фирма за наплата на побарувањата. Притоа, надворешните лица не знаат дека фирмата му ги продала своите побарувања на факторот.
Предности на договорот за факторинг
уреди- Се зголемува ликвидноста ( готовинскиот тек на слободни парични средства) на малите и средните претпријатија, а особено оние претпријатија што располагаат со релативно ограничени слободни парични средства;
- Поволен облик за стимулирање и финансирање на извозно ориентираните мали и средни претпријатија, особено кога трошоците на факторингот се помали од банкарските трошоци за добивање банкарски кредитни средства до моментот на стасување на побарувањето;
- Погоден за мали и средни претпријатија кои немаат доволно изграден рејтинг или бонитет за да можат да аплицираат за банкарски
кредити.
Факторингот во Македонија
уредиВо минатото, во правниот систем на Република Македонија, факторингот бил регулиран само во одредени одредби од Законот за банките и во Законот за девизно работење. Тоа, само по себе, не ја исклучувала можноста за примена на факторингот во домашниoт промет, но не било регулирано прашањето кои лица може да се занимаваат со факторинг. Во 2010 година, со донесувањето на Законот за финансиски друштва, дошло до регулирање и на оваа финансиска активност. Имено, со овој закон бил дефиниран факторингот како финансиска активност во која, врз основа на писмен договор, финансиското друштво ги купува недостасаните побарувања од некое домашно или странско правно лице, со или без право на регрес. На тој начин, со Законот за финансиски друштва за првпат било овозможено со факторинг да се занимаваат и небанкарските финансиски институции (финансиски друштва). Всушност, во праксата, банките во Македониија го избегнуваат факторингот поради големиот ризик од можните загуби, така што финансиските друштва се единствените учесници во оваа област во Македонија. Сепак, поради големата неликвидност во македонското стопанство и високиот кредитен ризик, факторингот е недоволно распространета финансиска активност. Во 2012 година, Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) го вовела т.н. извозен факторинг со цел да ја подобри ликвидноста на македонските извозници. Имено, МБПР започнала да откупува фактури врз основа на извршен извоз и да исплаќа аванс во износ од 80%, со наплата на камата на авансираниот износ во висина од 7% годишно и еднократна провизија за управување со побарувањата од 0,33%. Инаку, Македонија ја нема ратификувано Конвенцијата на УНИДРОИТ за меѓународен факторинг, и покрај препораките на стручната јавност и на Светска банка.[10]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 [1][мртва врска]
- ↑ Горан Коевски, Водич за алтернативните извори на финансирање.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Драгана Јашевиќ и Јане Војчески, "Факторинг - Алтернативен извор на финансирање", Економија и бизнис, година 16, број 183, септември 2013, стр. 66.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2009-05-13.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-02-17. Посетено на 2009-05-13.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2009-05-13.
- ↑ http://www.fcfactoring.com/of/function/
- ↑ [2]
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 107.
- ↑ Драгана Јашевиќ и Јане Војчески, "Факторинг - Алтернативен извор на финансирање", Економија и бизнис, година 16, број 183, септември 2013, стр. 66-67.