Потпетица

(Пренасочено од Топук)

Потпетица[1][2], топук[3][4] или штикла[5][6] (германски: die Stöckel) - дел од обувка што ја крева петицата на оној што ја носи на повисоко рамниште од она на прстите. Таквиот чевел се нарекува чевел со потпетица. Кога и петицата и прстите се на исто повисоко ниво, тогаш се вели дека таквиот чевел е платформа. Потпетиците се многу популарни и можат да бидат со различни облици, висини, бои и материјали. Кога велиме високи потпетици, најчесто мислиме на обувки направени исклучиво за жени. Сепак, голем број производители произведуваат и машки чевли со потпетици. Еден пример за машки чевли со потпетици се каубојските чизми, кај кои петицата на оној што ги носи е подигната во однос на прстите.

Сандала со потпетица

Потпетицата, зависно од висината, може да биде ниска, средна или висока:

  • Ниската потпетица е помала од 2,54 сантиметри,
  • Средната потпетица е помеѓу 2,54 и 6 см.
  • Високата потпетица е над 6 сантиметри.

Историја

уреди

Се смета дека повишените потпетици се резултат на проблем од 15 век, кога на подолги растојанија се патувало на коњ, при што стапалото на јавачот често се излизгувало од стременот. На почетокот на 1500-тите, за првпат се појавува потпетица висока ~ 3 см и се нарекува јавачка потпетица. Првичната потпетица и самата чизма потсетуваат на денешниот изглед на каубојски чизми. Во текот на првите три десетлетија од векот, оваа потпетица полека почнала да добива стилски облик, особено кај машките обувки и почнала да станува потенка и подолга, па на крајот повеќе не била корисна при јавање. Со текот на времето, овој вид обувки станал секојдневен само на дворовите. На крајот на 16 век, машките обувки имале потпетици високи од 6 до 9 сантиметри.

 
Чизма со висока потпетица

Во 1533 година, сопругата на грофот од Орлеан, Катарина де Мичи, која инаку била многу ниска, побарала од својот чевлар да и направи пар чевли со потпетици, како стилски привлечни, така и високи, за да ја направат повисока отколку што е. Чевларот и изработил дрвени чевли, кои имале платформа, но петицата била повисока од прстите, а самата платформа се свивала на средината на табанот, кон прстите.[7]

Чевлите со потпетици многу брзо постигнале успех во аристократските кругови низ Франција и станале дел од секојдневната мода во високите кругови. Преку браковите склопувани меѓу членови од кралските семејства низ Европа, модата на чевли со високи потпетици се проширила преку границите на Франција и набрзо ги вклучила сите видови обувки, од чизми до сандали. Чевлите со високи потпетици станале симбол на модата, класниот статус и богатството и станале многу популарни во текот на 17 и 18 век. Набргу по Француската револуција, чевлите со високи потпетици паѓаат во заборав, бидејќи биле симбол на аристократите и буржоаската класа. По револуцијата, во мода дошле чевлите со рамни ѓонови, а веќе во средината на 19 век, чевлите со потпетици повторно се вратиле во мода, особено кај жените.

 
Машки каубојски чизми со потпетици

Во 1960-тите и 1970-тите години преовладувале рамните чевли, а во средината на 1980-тите и доцните 1980-ти, чевлите со високи потпетици станале хит. Ова во голема мера се должи на доаѓањето на супермоделите, како Синди Крафорд, Клаудија Шифер, Наоми Кемпбел, Линда Еванџелиста и Јасмин Гаури, кои на сите модни ревии и на насловните страници на модните списанија биле со високи потпетици.

Како што постојат општествени норми за однесување, постојат и норми кои налагаат кога да се носат кои чевли и кога се сметаат за соодветни, а кога не прилегаат. На пример, ретко е да се видат жени кои носат чевли со потпетица повисока од 2 до 3 сантиметри на работно место. Чевли со потпетици повисоки од 3 сантиметри обично може да се видат навечер, во клубови, ресторани, театри итн. Непишано правило е дека судијките и адвокатките не треба да носат чевли со потпетица повисока од 2 сантиметри бидејќи тоа би изгледало непрофесионално.[8]

Потпетиците и здравјето

уреди

Во последните неколку години, биле спроведени неколку студии и објавени се резултатите од студиите кои ги поврзуваат проблемите со 'рбетот, како што е сколиозата, со долгорочното одење во чевли со високи потпетици. Ортопедијата и неврохирурзите често велат дека носењето чевли со високи потпетици предизвикува целата телесна тежина да лежи исклучиво на прстите и не е рамномерно распоредена по целиот табан. Друг, неодамна забележан проблем е тоа што прстите се свиткуваат и се заглавуваат во чевелот под притисок и по долго одење по штикли. Ова се однесува на оние кои постојано се во високи потпетици.

Галерија

уреди

Наводи

уреди