Солунска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“

Бугарска машка гимназија во Солун

Солунска егзархиска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ или Солунската бугарска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (бугарски: Солунска българска мъжка гимназия „Св. Кирил и Методий"), општопозната во Македонија едноставно како Солунската гимназија — еден од најголемите и највлијателните образовни центри отворени од Бугарската егзархиска пропаганда во Македонија и се почитува во Македонија како место каде се создава јадрото на македонското револуционерно движење.

Солунска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“
Солунската машка гимназија во 1891 година.
Местоположба

Информации
Основано1880
Затворено1913

Основање и дејност до 1913 уреди

 
Документ од 1884 година

Основана е во 1880 година во Солун од страна на преродбеникот Кузман Шапкарев каде и опстојува под името Солунска българска мъжка гимназия "св. Кирилъ и Методий" до 1913 година.

Меѓу иницијаторите, директорите и учителите во гимназијата се издвојуваат низа големи интелектуалци, научници и јавни личности; покрај основачот Кузман Шапкарев, тука своевремено работеле и предавале и Васил К’нчов, Григор Прличев и Константин Величков. Меѓу учениците и дипломците на оваа гимназија особено се издвојуваат Гоце Делчев, Даме Груев, Тодор Александров, Андреј Љапчев, Иван Михајлов, Антон Кецкаров и голем број на други видни личности од македонската и бугарската историја.

Учителите во гимназијата биле Македонци, Бугари, Турци, Руси и Французи, а меѓу другите предмети се изучувале латински, старогрчки, турски и француски јазик.

Ученички бунтови уреди

Солунската гимназија, и покрај егзархискиот језуитски режим, била расадник на револуционерни идеи. Во гимназијата циркулирала забранета литература, се ковале планови и се дигале ученички бунтови.

Во гимназијата често избувнувале конфликти за тоа да се зголеми бројот на професори со потекло од Македонија, а да се намали бројот на оние што се носат од територијата на кнежевството Бугарија. Бугарската егзархија која ја спроведувала политиката на Стефан Стамболов за еволутивно решавање на македонското прашање, била против зголемување на бројот на учители од Македонија, заради стравот дека Македонците учители ќе ги револуционеризираат учениците, и со тоа ќе бидат нарушени добрите односи меѓу кнежевството Бугарија и Османлиска Турција.

Веднаш по нејзиното создавање, веќе во учебната 1882/1883 година, дошло до бранување. При училишниот бунт во учебната 1883/1884 година биле исклучени од гимназијата Ѓорче Петров и Пере Тошев, кои биле меѓу првите ученици на оваа гимназија. Во учебната 1887/1888 година дошло до нов бунт, поради кој биле исклучена поголема група на ученици. Меѓу причините за бунтот било и барањето на учениците: дека не можат да работат на бугарски јазик, туку сакале да работат и да им се предава на нивниот домашен, македонски дијалект. Меѓу учениците кои заминале во Белград, за да го продолжат образованието, биле: Даме Груев, Петар Поп Арсов, Никола Наумов, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев итн.

Во своето дело „Во Македонија под ропство“ Павел Шатев пишува дека во основата на ученичките бунтови бил спорот како да се извршува ослободувањето на Македонија.[1] Екзархиската страна верувала дека ова требе да се извршува со легална борба, просвета, цркви и училишта, а другата страна - со револуционен метод на дејствие.[2]

По 1913 уреди

По крајот на Втората балканска војна, грчките власти го протеруваат целиот наставнички колектив на гимназијата во Бугарија. Задно со себе тие успеваат да земат голем дел од материјалот и регистарски материјали. Преместувана е неколкупати во Струмица, Штип и Петрич.

Од 1920 до денес се наоѓа во Благоевград (Горна Џумаја), Пиринска Македонија и го носи името Национална хуманитарна гимназија „Свети Кирил и Методиј“ (Национална хуманитарна гимназия „Свети Свети Кирил и Методий“).

Директори и учители во Солунската машка гимназија уреди

 
Учители во гимназијата во 1890 година.

Директори уреди

Од вкупно 14 директори на гимазијата, 9 биле од Бугарија, а 5 од Македонија. Притоа нужно е да се истакне дека во најважните години од работата на солунската гимназија, од нејзиното основање до периодот кога во Македонија се отвориле и други бугарски средношколски установи, директорите биле исклучиво етнички Бугари.[3] Според нивното образование, речиси сите минале низ бугарските средни училишта во Софија, Пловдив итн., а голем дел од нив го продолжиле своето образование во поголемите европски центри. Повеќемина од солунските директори имале и завидна политичка кариера. Додека Михаил Сарафов најпрво бил министер за народна просвета во владата на Петко Каравелов (1880-1881) и министер за финансии во владата на Драган Цанков (1884), а дури потоа бил назначен за директор на гимназијата во Солун, некои од директорите својот политички подем го започнале откако се докажале како спроводници на бугарската политика во солунската машка бугарска гимназија. Васл К’нчов во 1902 година бил министер за народна просвета во владата на Стојан Данев, а Лазар Пајаков бил министер за финансии во кабинетите на Рачо Петров, Димитар Петков, Димитар Станчов и Петар Гудев (1903-1908).[4]

Учители уреди

Бројност на учениците уреди

Во учебната 1886/87 во гимназијата учеле 267 ученици, во VII класа.

Бр. на ученици во учебната 1886/87[6]
Клас Бр. на ученици
I 16
II 38
III 37
IV 45
V 64
VI 36
VII 31

Извори уреди

  1. Шатев, П., В Македония под робство, София, 1983, трето издание, с. 35
  2. Шатев, П., В Македония под робство, София, 1983, трето издание, с. 36
  3. Минов, Никола (2017). „Гимназиите во османлиска Македонија“. 70 години Институт за историјаː 70 години македонска историографијаː зборник на трудови од научната конференција одржана на 13 и 14 декември 2016 во Скопје. Филозофски факултет - Скопје. стр. 337.
  4. Минов, Никола (2017). „Гимназиите во османлиска Македонија“. 70 години Институт за историјаː 70 години македонска историографијаː зборник на трудови од научната конференција одржана на 13 и 14 декември 2016 во Скопје. Филозофски факултет - Скопје. стр. 337.
  5. Николов, Стоян. „Съдбата на българите в Солун преди и по време на Балканските войни (1912 - 1913 г.)“. Списание „Македонски преглед“, кн. 2, София, 2008, стр. 70.
  6. Новаковић, Стојан (1888). „Бугарске школе по Македонији“. Отаџбина. 7 (19): 86.