Смиле Марковски
Смиле Марковски (роден на 22 мај 1949 година во Битола) — македонски математичар и универзитетски професор.[1]
Смиле Марковски | ||
Роден | 22 мај 1949 Битола, СФРЈ | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Занимање | математичар |
Животопис
уредиСмиле Марковски е роден во 1949 година во Битола. Основно и средно образование завршил во Скопје. Природно-математички факултет, Група за применета математика, завршил во Скопје во 1972 година. На истиот факултет магистрирал во 1978 година со магистерската работа „Проширувања на модели”, а докторирал во 1980 година со одбрана на тезата „Подалгебри на групоиди”, под менторство на проф. д-р Славиша Прешиќ од ПМФ во Белград. Во академската 1980/81 година престојувал на специјализација на Универзитетот Вандербилт во Нешвил, САД, а бил и на тримесечен студиски престој во Норвешка во рамките на програмата Erazmus Mundus: NordSecMob-Master’s Programme in Security and Mobile Computing.
По дипломирањето бил избран за асистент на Институтот за математика при ПМФ. Во 1981 година на Математичкиот факултет во Скопје бил избран за доцент, во 1986 година на Институт за информатика (ИИ) на обновениот ПМФ бил избран за вонреден професор, а за редовен професор во 1992 година. Како наставник држел курсеви од повеќе математички и информатички дисциплини: множества и логика, алгебра I, II и III, алгебарски и дискретни структури, топологија, дискретни структури, конечна математика, алгоритми и автомати, учење со компјутери, теорија на информациите, математика за студентите по шумарство. Исто така имал и настава на постдипломските студии на Економскиот институт во Скопје и на ЕТФ, а е одговорен за повеќе курсеви на постдипломските студии при ИИ: теорија на графовите, алгебра и логика, алгоритми и комплексност, процесни алгебри, l-сметање, теорија на пресметливоста и др. Научниот интерес му е ориентиран кон алгебрата (универзална алгебра, посебно n-арните и векторско-вредносните структури, теорија на моделите и применета алгебра) и кон дискретната математика.
Има објавено, како автор и соавтор бројни научни трудови од овие области во домашни и во странски научни списанија и зборници на трудови. Учествувал со реферати на повеќе научни конференции од областа на алгебрата и компјутерските науки одржани во земјата и во странство. Бил соработник и раководител на повеќе научноистражувачки проекта. Ментор е на магистранди и на докторанди на ИИ при ПМФ, организатор на два научни собира одржани во Скопје и во Охрид. Дваесетина години е референт на Mathematical Reviews, списание на Американското математичко друштво, во кое и членува. Во СДМИМ бил благајник, претседател, член на комисии од повеќе рангови и организатор на натпревари по математика и информатика. Предавал на десетина школи за млади математичари. Има публикувано дваесетина стручни и научно-популарни трудови. Член е на Комисијата за информатика при Педагошкиот завод на Македонија. Под негово менторство биле изработени дваесетина пакети образовен софтвер, а бил учесник и на семинарот Образовен софтвер во Лондон. Автор е на универзитетскиот учебник „Конечна математика“ и соавтор на два средношколски учебници. Бил уредник на списанијата Сигма и Бит+. Ги извршувал функциите претседател на СС на ПМФ, раководител на Заводот за теориски основи на информатиката и шеф на Институтот за информатика.
Марковски бил прогласен е за најдобро дипломиран студент на ПМФ за 1972 година и носител е на плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а одликуван е со Орден за трудот со сребрени зраци[2].
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Марковски“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 922. Text "series " ignored (help)
- ↑ „д-р Смиле Марковски“. Дневник. www.finki.ukim.mk. Посетено на 2020-08-18.