Архангел Гаврил

(Пренасочено од Св. Архангел Гаврил)

Гаврил (хебрејски: גַּבְרִיאֵל, арапски: جبريل) — архангел во аврамските религии кој се смета дека служи како гласник на Бога и еден од големите седум архангели кои претстојат пред престолот Божји. За првпат се појавува во Книгата на пророкот Даниил во рамките на Хебрејската библија. Некои го нарекуваат и отелотворение на Светиот Дух. Христијаните и муслиманите веруваат дека му ги прорекол раѓањата на Јован Крстител и Исус на Захарија и Дева Марија, а во исламот пак, тој му го открил (дал) Куранот на пророкот Мухамед.

Фреска со архангел Гаврил

Во библиските преданија понекогаш го среќаваме и како ангел на смртта или Божји гласник. Талмудот вели дека тој е единствениот ангел кој знае да зборува сириски и арамејски. Во исламот, Гаврил е еден од главните Божји гласници, но другите горенаведени титули не му се припишуваат (бидејќи, на пример, ангелот на смртта е Азраил).

Во католичкото Предание се смета за еден од архангелите. Во исламот е главниот од четирите блажени ангели и духот на вистината, а според некои други (неисламски) гледишта, Гаврил и Светиот Дух се едно исто. Се споменува и во бахаизмот, најмногу во мистичното дело Бахаула со наслов Седумте долини.

Во јудaизмот

уреди

Историја и Хебрејската библија

уреди

Името Гаврил за првпат се јавува во Книгата на пророкот Даниил. Дејствието се одвива во вавилонското пленство: еврејскиот водач Даниил толкува неколку привиденија кои ги имал додека бил во прогонство, кога Гаврил му се појавува со порака за „Последното време“:

  • „…Кога јас, Даниил, гледајќи го овој привид, барав да го разберам, ете, пред мене застана како некој човек. Чув човечки глас како вика од сред Улај: „Гаврило, објасни му го тоа привидение! Тој тргна онаму каде што стоев, и кога ми се приближи, ме опфати страв, и паднав на лице. Тој ми рече: „Човечки сине, разбери: зашто ова видение е за последното време…“ [1]

Талмуд

уреди

Во Талмудот, Гаврил се јавува како уништувачот на домаќините на Сенахирим во Сенахирим 95б, „вооружен со наострена коса спремна уште од Битието.“ Се смета дека и Гаврил му го покажал на Јосиф начинот како да ја спречи царицата Астина да се појави гола пред царот Ахасвер и неговите гости, а е и еден од ангелите кои го погребале Мојсеј. Меѓутоа во Талмудот е речено дека Гаврил еднаш се нашол во немилост „заради неследење на заповедта точно како што е дадена, некое време престојував вон небесната Завеса“. За време на овој период од 21 ден, ангелот чувар на Персија, Доврил бил полномошник на Гаврил.

Гаврил, според јудaизмот, бил и гласот кој му рекол на Ное да ги собира животните пред големиот потоп; невидливата сила која го спречила Аврам да го убие Исак; невидливата сила која се борела со Јаков; и гласот на распламтената капина.

Во христијанството

уреди

Нов завет

уреди
 
Гаврил го врши Благовештението, икона од XIV век, Галерија на икони, Охрид

Во Новиот завет, Гаврил е ангелот кој му открива на Захарија дека Јован Крстител ќе ѝ се роди на Елисавета [2], и ја посетува Марија за да ѝ соопшти дека ќе го роди Исус. Гавриловата посета на Марија во Евангелието според Лука честопати се нарекува „Благовештение[3], настан кој се слави на 25 март кај православците и римокатолиците.

Гаврил можеби го посетил и Јосиф. Откога чул дека Марија била бремена, тој сакал да ја остави, но на сон му се јавил Гаврил „Господовиот ангел“ и му рекол дека таа зачнала од Светиот Дух.[4]

Според една подоцнежна легенда, тој е и неименуваниот ангел во Откровението кој дува во труба за да го најави Судниот ден.

Слави

уреди

Во православието, римокатолицизмот и англиканството тој е Св. архангел Гаврил, а за некои е заштитник на работниците во комуникациската дејност. Со Михаил и Рафаил, славата му е на 29 септември.

Во православието, покрај септемвриската слава („Собор на светиот архангел Гаврил“), негови денови се и 26 март и 13 јули. На 26 март се слави неговата улога во Благовештението. На 13 јули се слават сите негови јавувања и направени чуда. Славата била за првпат воспоставена на Света Гора во IX век, за време на владеењето на царот Василиј II и царица Константина и патријархот Никола Хрисоверг, по повод јавувањето на архангел Гаврил во една близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испишал песната кон Пресвета БогородицаДостојно ест“. Заради овој настан таа ќелија и денес се нарекува „Достојно ест“.

Во мормонизмот

уреди

Според мормонизмот Гаврил живеел смртен живот како Ное. Според нив тие се еден ист човек, со тоа што „Гаврил“ му е бесмртното, додека „Ное“ му е смртното име.

Во исламот

уреди
 
Архангел Гаврил и Мухамед, персиска минијатура, XIV век

Според исламот, Гаврил арап. (جبريل , جبرائيل, Џибрил) бил ангелот кој му го открил Куранот на пророкот Мухамед кај пештерата Хира.

Гавриловиот физички изглед е опишан во Хадисот (4:54:455):

Раскажува Абу Ишак-Еш-Шајбани: Го запрашав Зир бин Хубајш Соопштението Божје: „и, ете, се приближи колку две стрели или поблиску, и така [Бог] му го објави на робот Свој [Гаврил] она што, токму, му го објави.[5] На тоа, Зир рече, „Ибн Масуд ни рече дека Пророкот видел дека Гаврил има 600 крилја.“

Гаврил кај муслиманите се вреднува со иста почит како и сите пророци, и при негово споменување велат: „алејхи селам“. Главна задача на Гаврил е да пренесува пораки од Бога до неговите Пратеници. Како и во христијанството, Гаврил се смета за оној кој ѝ соопштил на Марија (арап. Мерјем) дека ќе го зачне Исус (Иса):

И постави, тогаш, завеса меѓу нив и меѓу неа и Ние го испративме Нашиот Џибраил и ѝ се претстави како човек, еднакво! Рече: „Јас се склонувам од тебе кон Милостивиот ако си богобојазлив.“ Тој рече: „Јас сум, навистина, пратеник на Господарот твој. Да, ќе ти подарам чисто дете.“ Таа рече: „И како ќе имам дете кога не ме допре ниеден човек, а јас не сум нечесна?“ Тој рече: „Ете, така ти е. Господарот твој рече „Тоа е лесно за Господарот твој. Ќе определам тоа дете да биде знамение за луѓето и милост од Наша страна. Таа работа веќе е решена“.[6]

Муслиманите веруваат дека Гаврил го придружувал Мухамед во неговото вознесение кон небесата, каде се вели дека Мухамед ги сретнал претходните Божји пратеници, и бил информиран за исламската молитва (1:8:345). Во исламот се верува и дека архангел Гаврил се симнува на Земјата ноќта на ел-Кадр („Судбоносната ноќ“), ноќ во последните десет дена од светиот месец Рамадан во исламскиот календар.

Од уметноста

уреди
 
Архангел Гаврил на банкнота од 50 денари, фреска од Св. Ѓорѓи, Курбиново, XII век

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Македонска Библија, Даниел, 8:15-17“. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2007-09-16.
  2. „Македонска Библија, Лука, 1:5-20“. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2007-09-16.
  3. „Македонска Библија, Лука, 1:26-38“. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2007-09-16.
  4. „Македонска Библија, Матеј, 1:18-25“. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2007-09-16.
  5. Кур'ан со превод, Превод на македонски/торбешки: Хасан Џило, Комплексот "Мелик Фахд" за печатење на Кур'анот, Медина, КСА, 1418 Х (1997), LIII, 9-10
  6. Кур'ан со превод, Превод на македонски/торбешки: Хасан Џило, Комплексот "Мелик Фахд" за печатење на Кур'анот, Медина, КСА, 1418 Х (1997), XIX, 17-21

Надворешни врски

уреди


Седум свети архангели

Варахил | Гаврил | Јегудил | Михаил | Рафаил | Салатил | Урил