Ресенски сарај

неокласичен дворец и музеј во Ресен
(Пренасочено од Сарајот на Нијази-бег)

Ресенски сарај — дворец во градот Ресен е еден од најпретставителните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија. Изграден е во француски неоренесансен стил и се смета за еден од поважните примери на архитектурата од почетокот на XX век, во кои се присутни елементи и од другите европски историски стилови во архитектурата. Граден е во периодот од 1905 до 1909 година од еден од водачите на Младотурската револуција, Ахмед Нијази-бег. Неговиот покрив бил обновен во 1982 година, а во 2005 година е реставриран со средства од Светска банка. Објектот е висок 25 метри, со површина од 4.800 квадратни метри внатрешен простор, а во обработка на ентериерот се користени префинето обработени висококвалитетни материјали.[1] Денес зградата на сарајот е Домот на култура „Драги Тозија“, и во него е сместена постојаната поставка на делата на македонската сликарка Кераца Висулчева која е дел од Музејската збирка Ресен на Музејот на Македонија,[2] како и галеријата на дела од Ресенската керамичка колонија.

Сарај
Карта
Општи податоци
Статуспостои
Стилнеокласицизам
Адреса29 Ноември бр. 47
ГрадРесен
ЗемјаРепублика Македонија
Координати41°05′18″N 21°00′58″E / 41.08833° СГШ; 21.01611° ИГД / 41.08833; 21.01611
Почната1904/05
Завршена1911/12
Обновена1982, 2005
Технички податоци
Големина4800 м²

Легенда за изградбата

уреди

Нарачателот на изградбата Ахмет Нијази-бег, како студент на воена академија во Истанбул и припадник на младотурското движење, бил испратен во Ресен, каде што подоцна примил разгледница со Версајскиот дворец од свој пријател од Париз. Богатиот ресенски бег решил да изгради исто така убав објект, каде што планирал да живее. Сепак, во 1912 година во Драч тој бил убиен, пред дворецот да биде комплетно завршен.[3]

Историја на градбата

уреди
 
Сарајот на почетокот на XX век

На 3 јули 1908 година командантот на турскиот аскер во Ресен, мајорот Ахмет Нијази-бег се одметнал од својата војска и станал еден од водачите на Младотурската револуција. Во 1908 до 1912 година го изградил ресенскиот сарај кој до ден денес претставува значајно обележје на градот. Сарајот служел како седиште на многу управи по Балканските војни. Тука била сместена српската управа, а потоа управата на Кралството Југославија. За време на двете светски војни овде се наоѓале окупаторските управи, а по ослободувањето била сместена управата на Општина Ресен. По изградбата на сопствена градба на Општината Ресен во 1980тите, биле смесметени културно-просветните организации како што се Домот на културата „Драги Тозија“ (во чии правни рамки се наоѓа Градската библиотека, Музејската збирка Ресен при Музејот на Македонија, Ресенската керамичка колонија,[3] Радио Ресен и неколку простории на невладините организации, од кои едната го носи името на Нијази-бег.

Градба

уреди

Мермерот што е вграден во Сарајот бил носен од месноста Плочине кај село Болно.[3] Во основа Сарајот е симетрично решено средиштен дел и две странични крила (источно и западно). Во вертикала Сарајот е поделен на подрумски дел, приземје, кат и поткровје.

Носивната конструкција е од носивни ѕидови Д=40-85 см. Изведени од тврд материјал – печена тула и вар како врзно средство. Меѓукатните конструкции се од челични профили исполна на тула (ходници и холови) и дрвени греди (во останатиот простор). Кровната конструкција и конструкцијата на кубињата е дрвена, но со реконструкцијата на кубињата во 1982 година дрвото е заменето со челични профили.

Фасадните платна на сарајот богато се обработени: посебно главната (северна). Фасадите посебно се расчленети по хоризонтала со венци и фризови, редоследно обработени, а по вертикала со пиластри кои завршуваат со капители.

Сарајот по своите архитектонски и естетски вредности му парира на градбите од неокласицизмот од почетокот на XX век. Тој е грандиозна градба со која се гордеат Ресенчани. Таа го потенцира престижниот статус на „најубавиот објект во Македонија“.

Панорама на сарајот

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Македонски фолклор: списание на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје. Скопје, 1968, I, 1- 2002, XXX, 61.
  2. „Музејска збирка Ресен“. Музеј на Македонија. Посетено на 7 јуни 2021.
  3. 3,0 3,1 3,2 „РЕСЕНСКИОТ САРАЈ – НАЈУБАВИОТ ОБЈЕКТ ВО МАКЕДОНИЈА“. globusmagazin.mk. 8 јануари 2021. Посетено на 7 јуни 2021.

Надворешни врски

уреди

41°05′18″N 21°0′58″E / 41.08833° СГШ; 21.01611° ИГД / 41.08833; 21.01611