Партениј Антаниски

Партениј Епископ Антаниски и Игумен Бигорски (Фидановски) е роден на 29 октомври 1970 година во Битола. Тој е актуелен игумен на Бигорскиот манастир,[1] а во 2020 година е прогласен за викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула Антаниски.

Партениј Антаниски
Викарен епископ
ЦркваМПЦ-ОА
ЕпархијаДебарско-кичевска епархија
Ракоположен12 јули 2020
Службата завршилаво служба
Лични податоци
Роден29 октомври 1970
Битола, Македонија
Вероисповедправославие
ЗанимањеВикарен епископ на МПЦ-ОА

Животопис

уреди

Партениј (световно име Зоранчо Фидановски) е роден на 29 октомври 1970 година во Битола, во македонско православно семејство, коешто ревносно ги негувало традиционалните христијански вредности, како и родољубивиот и слободољубив дух. Прадедо на отец Партениј, по таткова линија, бил деецот на ВМОРО Стојан Војводата Вировчето од с. Вирово, Демирхисарско, кој го положил својот живот за слободата на Македонија. Уште од најрано детство задоен со силна љубов кон Бога, Зоран го започнува својот духовен пат во средното богословско училиште во Драчево, Скопје. Потоа, воден од жедта за духовни знаења, го завршува и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, со дипломска работа посветена на личноста на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител.

Сепак, Божјата промисла сакала уште понепосредно и подлабоко да се запознае со православниот духовен и монашки опит, доведувајќи го во манастирот Григоријат на Света Гора, каде престојува извесно време, под мудрото раководство на познатиот, сега веќе блаженоупокоен старец Георгиј Капсанис, григоријатскиот игумен. Наследувајќи го неговиот благослов, по враќањето во Македонија, кон крајот на месец јули 1995 година, младото момче од Битола, тогаш 24 годишниот Зоран Фидановски, идниот о. Партениј, со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски владика, митрополитот г. Тимотеј, ја започнал својата благородна и особено макотрпна мисија за обнова и продолжување на вековната духовна традиција во вековното македонско православно светилиште - Бигорскиот манастир. Оваа духовна обнова била повеќе од потребна, затоа што по упокојувањето на последниот монах и игумен Спиридон во 1948 година, монашкиот живот во Бигорски бил сосема згаснат, а богослужението прекинато. Храмот на Свети Јован Претечата бил целосно нечист, конакот Долни палат руиниран, Горни палат во распаѓање, немало ни електрична енергија, ни водоводна мрежа, ниту некакви основни услови за живот. Духовноста била целосно замрена.

Монашење

уреди

Отец Партениј бил замонашен на 5 август 1995 година, во навечерието на споменот на Светата маченица Христина, од страна на митрополитот Тимотеј. Набрзо после примањето на монашки потстриг, истата година е ракоположен и за јероѓакон и јеромонах. Следната година е произведен за игумен, а во 1998 година е одликуван со граден крст со архимандритски чин.

Обнова - духовна и материјална

уреди

Голема и тешка била задачата што тогаш била поставена пред младиот но трудољубив архимандрит Партениј, новиот игумен на Бигорскиот манастир. Манастирскиот храм бил целосно очистен, реставриран и благолепно украсен; потоа на старите основи што го преживеале пожарот од 1912 година, отец Партениј, заедно со своите браќа, во 2006 година автентично го возобновил и надградил Долни палат. После пожарот од 2009 година, братството на отец Партениј целосно го возобновил Горни палат и од темели го подигнал новиот, претходно непостоечки Источен палат. Во поглед на метосите, пак, најпрвин во 2001 година биле изградени манастирските конаци во манастирот „Св. Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, така што овој бигорски метох, од штала за животни, станал бисер на современата македонска манастирска архитектура; во 2012 година долнореканското село Ростуше се закитило со еден прекрасно архитектонско здание – храмот на Пресвета Богородица; во тек е и изградбата на бигорскиот скитСвети Кирил и Методиј“ во селото Битуше, каде што игуменот Партениј предвидел посоодветно место за летните кампови за веронаука за најмладите, што веќе неколку години наназад се одржуваат во манастирите Бигорски и Рајчица. А познати се неговите активности и залагања на секаков план да го заживее овој крај, помагајќи ги материјално и духовно жителите во крајов, и промовирајќи ја уникатната мијачка култура над овој живописен и за нашата татковина културно –историски многу значаен предел.

Неспоредливо позначајна од бројните градежни потфати на архимандрит Партениј е неговата духовната и општествена мисија, спроведувана со несмален интензитет во текот на изминатите две децении. Знаејќи дека духовната обнова на секој Манастир започнува, пред сè, со обновата на литургискиот живот, уште од самиот почеток о. Партениј се погрижил во Бигорски да го воведе редовниот православен богослужбен циклус. Тоа придонело светилиштето да стане духовно прибежиште за вениот народ, при што големиот број новооцрковени верници, заедно со возобновеното општежително монаштво, станаа дел од духовната преродба што ја зафати и целата Република Македонија.

Како искусен и добро образован духовен раководител, отец Партениј со својата крајна несебичност и пожртвуваност за другите и за својата Татковина, примил под своја закрила илјадници души од Македонија и пошироко, помагајќи им да најдат утеха, спокој и решение на животните проблеми во ова наше совремие на голема духовна криза и општ пад на моралните вредности. Притоа, неговата поткрепа не е само од духовен карактер. Напротив, нашироко е позната неговата хуманитарна дејност на укажување материјална и финансиска помош на оние на кои таа им е најпотребна, како на поединци така и на цели семејства. Особено е значајна мисијата на архимандрит Партениј за лекување и ресоцијализација на лица, претежно од помладите генерации, кои западнале во тешките пороци на наркоманијата, алкохолизмот, коцкањето и сл. Стотици и стотици млади души, под духовната закрила на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од канџите на пропаста и смртта, туку и целосно да се рехабилитираат и така да станат полезни членови на општеството.

Како голем љубител и познавач на македонската историја и на македонското културно наследство, архимандритот Партениј непрестајно се залага за нивна што поголема афирмација и презентација. Тој е еден од најзаслужните црковни дејци што се избориле за повторно воведување на древното источно-православно црковно пеење во храмовите на МПЦ-ОА и во нејзините образовни институции. Отец Партениј стои зад организацијата на неколку јавни трибини за актуелни духовни и општествени проблематики, а секако не помалку значајни се неговите залагања за издавање на духовна литература, уредување на манастирското мрежно место, промовирање на знаменити личности од црковната историја итн.

Како човек на мирот и на љубовта кон сите луѓе, без разлика на нивната верска, етничка и расна припадност, архимандрит Партениј ги издигна Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица во вистински центри на соживот во Мијачко-реканскиот крај од Македонија. Со својот филантропски однос кон сите, тој успеал да го направи Бигорскиот манастир силен фактор на безбедноста, стабилноста и соживотот во тој крај, така што ова светилиште стана вистинска духовна оаза и културна знаменитост не само за православните верници, туку и за Македонците со мухамеданска вероисповед и за етничките Албанци од Македонија, кои имаат голем респект кон манастирот и кон неговиот игумен.

Особено важен е придонесот на архимандритот Партениј во изградбата на добри и мирољубиви меѓусоседски односи на балканските држави, како и во процесот на надминување на историските пропаганди, заблуди и предрасуди во македонското општество.

Од пред нешто повеќе од една година старец Партениј е духовен раководител и на манастирите „Благовештение на Пресвета Богородица“ - Пречиста и „Св. Георгиј Победоносец“ во Кнежино, Кичевско, чијшто монашки континуитет продолжи токму по неговите заложби, а на барање на Митрополитот Тимотеј.

Целокупната дејност на Неговото Високопреподобие архимандрит Партениј внел силен позитивен дух и напредна мисла во македонското општество, како на црковен, така и на политичко-социјален и културен план. Тоа одамна го забележале бројни поединци, организации и институции, кои јавно и отворено досега веќе го одликувале со разни признанија и награди поради неговиот труд. Така, архимандритот Партениј е добитник на многу општествени признанија, како што е наградата на град Битола за животно дело „4 ноември“ (2011 г.)[2]; признанието „Личност на годината“, доделено од страна на весникот „Нова Македонија“, после електронското гласање на кое о. Партениј освои најмногу гласови (2012 г.)[3]; Признанието за хуманост, доделено од страна на Здружението за Македонско и Босанско-херцеговинско пријателство и соработка „МаБиХ“ и Амбасадата на Република Босна и Херцеговина во Македонија (2014 г.), Орденот „Св. Наум Охридски“ од Дебарско-кичевската епархија (2015 г.)[4], неколку грамоти од милосрдното здружение „Самарјанин“, наградите за личност на годината на повеќе неделници и интернет портали, наградата за трајни вредности – највисока награда на печатеното гласило „Битолски весник“ (2018 г.) и др.

Награди и признанија

уреди

Заслуги

уреди
  • Возобновување на монаштвото во Бигорски манастир и Манастирот Рајчица.
  • Возобновување на манастирскиот комплекс Рајчица (Изградба на нови конаци и придружни објекти)
  • Возобновување на манастирскиот комплекс Бигорски (Изградба на нови конаци ,придружни објекти, скитови и параклиси)
  • Изградба на манастирскиот скит Св.Серафим Саровски во овоштораникот на Бигорски Манастир.
  • Изградба на црковното одморалиште во Битуше во чии состав се наоѓа црквата Свети Кирил и Методиј
  • Воведување на реткиот занает изработка на митри во манастирот Рајчица.
  • Добивање на свети мошти на повеќе од триесет светители меѓу кои и мошти на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, Свети праведни Јоаким и Ана, Свети Никола и др.
  • Од возобновеното монашко братство на Бигорски манастир, по благослов на отец Партениј произлегоа Митрополитите Иларион Брегалнички и Јосиф Тетовско-гостиварски.

Наводи

уреди
  1. биографија
  2. 2,0 2,1 http://bigorski.org.mk/vesti/nastani/2011-vrachena-nagrdata-4-noemvri-na-arhimandrit-partenij/
  3. 3,0 3,1 http://bigorski.org.mk/vesti/nastani/2012-nova-makedonija-dodeli-priznanie-otec-partenij/
  4. „Архимандрит Партениј одликуван со орденот на Св. Наум Охридски од прв ред“. † Бигорски манастир. Посетено на 2018-03-05.
  5. http://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/2011-praznik-ikona-dostojno-est/
  6. http://bigorski.org.mk/vesti/nastani/2018-nagrada-trajni-vrednosti/