Никола Бадев (8 август 1918, Глишиќ, Кавадарци25 септември 1976, Скопје) — македонски пејач на народни песни, како и собирач на народни песни.

Никола Бадев
Никола Бадев во 1937.
Никола Бадев во 1937.
Основни податоци
Родено имеНикола Бадев
Роден(а)8 август 1918
Глишиќ, Југославија
Починал(а)25 септември 1976
Скопје, Македонија, СФРЈ
Жанр(ови)фолк
македонска народна музика
Занимање/њавокален изведувач

Животопис

уреди

Никола Бадев е роден на 8 август 1918 година, во кавадаречкото село Глишиќ, во земјоделско семејство. Мајка му се викала Сута. Со неполни десет години започнал скришум да свири на виолина, а во неговата музичка наобразба многу му помогнал вуко му Васил Неделков, кој како самоук музичар свирел на повеќе инструменти. Во младоста, Бадев многу го сакал спортот, особено фудбалот, а играл и во фудбалскиот клуб „Југославија“ како десно крило. Бадев се оженил релативно млад и во бракот со Милка имал три деца: Ристо, Роска и Сузана. Воениот рок го служел во војската на Кралството Југославија, а во септември 1944 година се приклучил во НОВ, како борец-болничар во Втората македонска ударна бригада. По завршувањето на Втората светска војна, Бадев завршил курс за медицински техничари и болничари и се вработил како санитарен инспектор-хигиеничар во Кавадарци. Во тоа време, тој веќе бил познат пејач во околината на Кавадарци, пеејќи на свадби, другарски вечери и забави.[1]

Евоцирајќи спомени за својот татко, Роска Бадева изјавила: „Детството со него ми беше многу среќно, нашата куќа беше постојано со игра и песна“, а постарата ќерка Сузана за него рекла: „Татко ми Никола беше единствен човек, со неговиот златен глас тој беше амбасадор на македонската народна песна. Се сеќавам во младоста кога доаѓаше од странство постојано раскажуваше за неговите доживувања со иселениците, како плачат и како го дигаат во раце, тагуваат за земјата која е напуштиле“. Во чест на Бадев била поставена биста во родното Кавадарци, финансирана од локалната самоуправа и брат му Димитар. „Јас 15 години бев кога заминав од Кавадарци, тој остана тука, а јас заминав на печалба“, рекол Димитар Бадев. Неговата ќерка Роска, која е и автор на монографијата издадена по повод 20 години од смртта на Бадев, ја промовирала и книгата збирка народни песни, со 140 од вкупно 800 песни, што нејзиниот татко ги собирал за време на неговиот живот. Најомилена песна на семејството била „Ајде дали знаеш Милице“, посветена на сопругата на Никола Бадев, Милица.[2]

Музичка кариера

уреди

Во 1948 година, Бадев го освоил првото место на Фолклорниот фестивал во Скопје, оставајќи голем впечаток кај етномузикологот Васил Хаџиманов по чија препорака во 1950 година ја започнал професионалната кариера како пејач и инструменталист на тамбура. Набргу станал член на Народниот оркестар, а подоцна бил и негов раководител. Забележан од истакнатите етномузиколози, Бадев за кусо време станал член на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.[1]

За потребите на Радио Скопје, Бадев снимил над 500 песни, меѓу кои најпознати се: „Збогум, мајко, јас отидов“, „Ој, Јано, Јано“, „Параходот ми пристигна“, „Тешка беше нашата разделба“, „Билјана платно белеше“, „До три ми пушки пукнаа“, „Ферман дојде џанам од Стамбола“ итн. Притоа, тој снимил дуети со повеќе македонски пејачи, како: Анка Гиева, Васка Илиева, Виолета Томовска, Есма Реџепова, Благој Петров - Караѓуле, Александар Сариевски, Ваташка Чалгија итн. Својата прва грамофонска плоча ја снимил за дискографската куќа „Југотон“, со песната „Тешка беше нашата разделба“. Подоцна, неговите плочи, издадени за РТВ Белград достигнале сребрен и златен тираж.[1]

Во текот на кариерата Бадев многупати ја обиколувал Македонија, а одржал и бројни концерти ширум светот. Ги испеал нашите најлирски песни, издал стотина плочи, неколкупати ја обиколил земјата и светот. За своите 58 години живот станал вистински народен уметник, кој самиот рекол: „песната е мојот живот“.[3] Иако гласот насекаде му е препознатлив, сепак неговото име најмногу е поврзано со песната Параходот. Параходот станала негова лична карта и химна на Кавадарци, но ги испеал и Збогум мила,Блазе тебе Митро, како и многу весели песни - Стани моме да заиграш, а пеел и комитски, хумористични и песни од сите жанрови. Имал компонирано и свои песни, но во тоа време не можело да има новокомпонирана песна, така што морал да каже дека таа песна е народна. Затоа многу негови песни се претопиле во народни.

Значење и почести

уреди

Една песна на Васка Илиева од 1980 година е насловена „Песна за Никола Бадев“.[4]

Надворешни врски

уреди

[2][мртва врска]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Светлана Дарудова, „И денес плови параходот со мекамлискиот глас на Никола Бадев“, Дневник, година XX, број 6172, петок, 23 септември 2016, стр. 19.
  2. а1.com mk
  3. [1]
  4. Vaska Ilijeva Glogovac - Pesna za Nikola Badev - (Audio 1980) (пристапено на 15.11.2024)