Нетолеранција: Борбата на љубовта низ вековите

Нетолеранција: Борбата на љубовта низ вековите (англиски: Intolerance: Love's Struggle Throughout the Ages) - американски филм од 1916 година, во режија на Дејвид В. Грифит. Главните улоги ги играат: Лилијан Гиш, Роберт Харон, Меј Марш, Фред Тарнер, Вера Луис, Миријам Купер, Волтер Лонг, Том Вилсон, Ралф Луис, Хауард Геј, Марџери Вилсон, Јуџин Палет, Спотисвуд Ејткен, Ален Сиарс, Френк Бенет, Џозефин Крауел, Елмер Клифтон, Алфред Пеџет, Тули Маршал, Сина Овен, Даглас Фербанкс, Џорџ Сигман, Констанс Талмиџ итн.[1] Во 1989 година, филмот бил зачуван во Националниот филмски регистер на САД.[2]

Синопсис

уреди

Филмот се состои од два чина во коие се раскажува за четири независни приказни од различни историски епохи. Сите четири приказни ги поврзува сцената во која една мајка (ја игра Гиш) ја ниша колевката во која се наоѓа нејзиното бебе.

Прв чин

уреди

Во античкиот Ерусалим во тек е свадбата во Кана, Галилеја на која Исус Христос (го игра Геј) прави чудо така што водата ја претвора во вино. Потоа, тој ја спасува грешницата од каменување.

Другата приказна се одвива во 1572 година, во Франција. Катерина Медичи, мајката на кралот Шарл IX, не ги сака Хугенотите и сака да им наштети. Ќерката на водачот на хугенотската партија, Девојката со кафеави очи (ја игра Марџери Вилсон)) е вљубена во Проспер (го игра Палет), но нејзе ѝ се наметнува еден платеник (го игра Сиарс). Набргу, започнуваат нереди кои Катерина Медичи сака да ги искористи за истребување на Хугенотите.

Третата приказна се случува во Вавилон каде влегува свечена поворка во чест на божицата Иштар. Една темпераментна планинска девојка (ја игра Талмиџ) се однесува непримерно и судот наредува да биде одведена на пазарот за да си најде маж. Таа е груба и таму па никој не сака да ја купи. Тогаш, поминува принцот Белшазар (го игра Пеџет) кој ја ослободува. На девојката ѝ се додворува помошникот на врховниот свештеник, Рапсод (го игра Клифтон), но таа е восхитена од Белшазар. Подоцна, девојката напаѓа еден свештеник кој агитира против Белшазар, поради што врховниот свештеник (го игра Маршал) ја осудува на смрт, но Белшазар повторно ја ослободува. Истовремено, царот Кир (го игра Сигман) се подготвува да го нападне Вавилон, во дослух со врховниот свештеник кој се противи на обожавањето на Иштар. Започнува нападот, а планинската девојка се вклучува во одбраната. најпосле, Кир се повлекува поразен, а Вавилон ја слави победата.

Последната приказна се случува во сегашноста. На група жени-активистки им се потебни финансии и тие бараат помош од богатата стара госпоѓица Џенкинс (ја игра Вера Луис) чиј брат е фабрикант. Госпоѓицата Џенкинс бара сè повеќе пари од братот, па тој им ги намалува платите на работниците и тие стапуваат во штрајк. Во пресметката со обезбедувањето на фабриката има погинати, а избрканите работници се селат во блискиот град. Меѓу нив се еден стар работник и неговата Миленичка (ја игра Марш), како и Момчето (го игра Херон) чиј татко погинува за време на штрајкот. Во новиот град, тој не може да најде работа и ограбува пијан човек, а набргу, станува член на бандата на Мускетарот (го игра Лонг). Една осамена жена (ја игра Купер), која исто така е принудена да се пресели во градот, му станува љубовница на Мускетарот. Еднаш, Момчето случајно ја запознава Миленичката. Набргу, нејзиниот стар татко умира и таа стапува во врска со Момчето. Во меѓувреме, моќта на Фондацијата на Џенкинс, која сака да го поправи светот, постојано расте и таа успева да се избори за забрана на алкохолот, проституцијата и игранките, но како последица на тоа цветаат илегалните активности. Воден од љубовта кон Миленичката, Момчето се откажува од бандата, но Мускетарот успева да му се одмазди и Момчето завршува в затвор. Миленичката останува сама со бебето кое набргу ѝ го одзема Здружението на Џенкинс.

Втор чин

уреди

Во Ерусалим, Исус е осуден и распнат на крст.

Ноќта пред празникот на св. Бартоломеј, Катерина Медичи го принудува кралот да го потпише указот за истребување на Хугенотите, па војската ги обележува нивните куќи. Утредента почнува масакрот, при што војската влегува во куќата на Девојката со кафеави очи. Платеникот ја користи можноста за да ја обљуби, а кога таа му се спротивставува, тој ја убива. Нејзиниот сакан Проспер пристигнува предоцна и него го убиваат војниците.

Во Вавилон продолжува славењето, а врховниот свештеник се подготвува да го предаде градот. Рапсод ја среќава планинаската девојка на која ѝ кажува за заверата. Кога врховниот свештеник оди кај Кир, таа го следи и станува сведок на предавството. Таа брза назад за да го предупреди Балшазар, но пристигнува доцна, зашто луѓето на свештеникот ја отвораат градската порта и војската на Кир влегува во Вавилон. Во борбата погинува планинската девојка, а Белшазар и принцезата извршуваат самоубиство за да не паднат во заробеништво.

Мускетарот ѝ нуди на Миленичката помош за да си го врати бебето. Истовремено, Момчето излегува од затворот. Мускетарот ја посетува Миленичката и се обидува да ја обљуби, но во станот влегува Момчето. Започнува тепачка меѓу него и Мускетарот при што неговата љубоморна љубовница го убива. Полицијата ги апси Момчето и тоа е осудено на смртна казна. Сепак, еден чесен полициски инспектор го моли гувернерот за милост, но не успева да го спаси Момчето. И Миленичката го моли гувернерот, но без успех. Кога гувернерот го напушта градот, љубовницата на Мускетарот го признава убиството и гувернерот го помилува Момчето. Во меѓувреме, него го стваат на бесилка, но тогаш пристига помилувањето и тој е спасен. Потоа, на Момчето и Миленичката им го враќаат бебетои тие живеат среќно.

Филмот завршува со желбата топовскиот оган и затворските решетки да бидат заменети со вечен мир и братска љубов меѓу луѓето.

Наводи

уреди

, , ,