Невена Георгиева-Дуња

македонска партизанка
(Пренасочено од Невена Георгиева Дуња)
Ова е статија на партизанката. За училиштата кои го носат нејзиното име видете го списокот.

Невена Николова Георгиева-Дуња (25 јули 1925 во Скопје16 декември 1942 во Нежилово)[1] — македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни, учесник во НОВ од 1941 година.[2] Со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија.

Невена Георгиева-Дуња
Роденаа 25 јули 1925
Скопје
Починалаа 16 декември 1942(1942-12-16) (возр. 17)
Нежилово, Велешко
Занимање партизанка

Животопис

уреди

Многу мала остана без мајка и со тоа од најраните години ги осознала сите тешкотии на животот. Напоредно со учењето се занимавала и со шиење. Уште 1941 година била примена во СКОЈ. Растурањето на летоците го изведувала со нивно криење меѓу шиените фустани, па така не можела да биде откриена од окупаторската полиција. Одела од куќа до куќа и пренесувала разновиден материјал и пораки. Важела за бистра, пргава и една од навиталните скоевки во извршувањето на курирските задачи. Поради својата голема активност непријателот ја забележал. Затоа поминала во илегалство.

Георгиева станува борец на Скопскиот партизански одред при неговото создавање на 22 август 1941 година. По расформирањето на Одредот во ноември 1941, таа заминала во Велес, а потоа во Струмица. Помагала во подготовките за излегувањето на Струмичкиот партизански одред од летото во 1942 година. Во меѓувреме, во мај 1942, во отсуство, била осудена на 7 години строг затвор.

Во септември 1942 година станала борец на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Зимата 1942 година одредот бил нападнат кај селото Папрадишта. Се развила жестока нерамноправна битка во која непријателот бил далеку поброен. Неколку партизани на чело со Дуња ја бранеле нивната позиција. Нејзината смела борба ги бодрела и нејзините соборци да издржат до крај. Меѓутоа, по неколкучасовна огорчена борба, херојски загинала од фашистички рафал. Така на седумнаесетгодишна возраст згасна животот на оваа смела партизанка, која останала како светол пример на идните генерации.

Загинала во судир со бугарската полиција и велешката контрачета на 16 декември 1942 година во велешко Нежилово. Откако тешко ја раниле, го масакрирале нејзиното мртво тело, ѝ ја отсекле главата и ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот македонски народ. За да предизвикува страв на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог.[3][4][5]

Во чест на Невена Георгиева се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои се и песните „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контра чета“.[6]

Во нејзина чест, две основни училишта, во Кисела Вода и Нежилово, го носат нејзиното име. Исто така, еден од студентските домови во Скопје го носи нејзиното име.

Во Жена-парк постои спомен-обележје посветено на Невена Георгиева-Дуња. Во 1969 година била поставена нејзина биста во основното училиште што го носи нејзиното име во Кисела Вода, а во 1978 година и во Студентскиот дом во Скопје што го носи нејзиното име.[7] Во 2014 година нејзината биста во дворот на студентскиот дом е уништена,[8][9] а во 2016 била украдена и нејзината биста во основното училиште во Кисела Вода.[10] Во 2013 година била откриена нејзина спомен-плоча во Нежилово.[11]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 347-348 стр.
  2. „Велешки партизански одред 1942“, Скопје, 1999.
  3. „Велес и Велешко во НОВ 1941–1945“, Спомен книга, Т. Велес, 1985.
  4. „Писма, Утрински весник, 29.07.2005 г.“. Архивирано од изворникот на 2016-08-26. Посетено на 2016-08-25.
  5. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив-Скопје. 1969. стр. 44. На |first= му недостасува |last= (help)
  6. Лазо Каровски и Ѓорѓи М. Ѓорѓиев (ур.) „Македонски песни за народноослободителната борба“, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Скопје, 1980, 237-243 стр.
  7. Крсто Здравковски „Да не се заборави“ - Скопје, 1982, 145 стр.
  8. „И буквите од бистата на Дуња ги отстранија“ Архивирано на 22 март 2019 г., „Слободна Македонија“, 22 август 2016.
  9. „ФОТО: Положено цвеќе пред споменикот на Невена Георгиева - Дуња“ Архивирано на 22 март 2019 г., „CentarNews“, 16 декември 2013.
  10. „Украдени две бисти на народни херои во Скопје“, „Дневник“, 27.05.2016.
  11. „Откриена спомен-плоча на Невена Георгиева - Дуња“[мртва врска], Општина Чашка

Литература

уреди
  • Стоилко Иваноски-Планински, „Невена Георгиева Дуња“, Скопје, 1998.

Надворешни врски

уреди