Кирил Миљовски
Кирил Миљовски (Ресен, 27 мај 1912 — Скопје, 27 април 1983) — македонски академик, прв ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и учесник во НОВ.
Животопис
уредиРоден е на 27 мај 1912 година во Ресен. Основно училиште и гимназија завршил во Охрид, a седми и осми клас во Битола. Потоа се запишал на Ветеринарниот факултет на Загрепскиот универзитет и дипломирал во 1939 година.
Во првата година на бугарската окупација на Македонија Миљовски бил уапсен од бугарската полиција и во затвор одлежал два месеца. Потоа одредено време ќе биде близок до колабораторите и во јули 1942 година ќе учествува на една тајна средба која ја организира Димитар Чкатров.[1] Сепак, набрзо им се приклучува на партизаните. Станува член на редакцијата на списанието „Илинденски пат“, во кое дал многубројни прилози. Во текот на 1944 година Миљовски станал секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран е за член на Президиумот на АСНОМ.[2] На 14 август Президиумот на АСНОМ го избира за член на Комисијата за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги.[3]
По Ослободувањето, на 1 мај 1945 година е именуван за јавен обвинител на Народна Република Македонија. На оваа функција останува до 27 јули 1946 година, по што е избран за прв Претседател на Планската комисија.[4] Во декември 1946 година, како претседател на Планската комисија, Миљовски е избран за член на Владата на НРМ.[5] Подоцна е избран за министер за трговија и снабдување, на која должност е до март 1949 година.[6]
Во 1949 година избран е за редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет и за прв ректор на Скопскиот универзитет (од 1949 до 1954 година).[7] Во 1967 година бил избран за член на Македонската академија на науките[8] и бил секретар на Одделението за општествени науки во МАНУ. Од 1965 до 1967 година е амбасадор во Данска, а од 1967 до 1971 година во Бугарија.
Во текот на 31-годишната наставна работа, Миљовски предавал 15 години политичка економија и 16 години историја на политичката економија. Бил активен во Сојузот на економистите на Југославија и еден мандатен период бил претседател на Научната секција на Сојузот. На Правниот факултет ги предавал предметите политичка економија I и политичка економија II во својство на хонорарен наставник.[9] Миљовски напишал околу 140 трудови од научен и од стручен карактер, објавени во познати научни списанија.
Негова сопруга била македонскиот социолог Десанка Миљовска.
Наводи
уреди- ↑ „„Зошто во Македонија немаше граѓанска војна?", интервју со Ѓорѓи Чакарјаневски“. Архивирано од изворникот на 2013-12-12. Посетено на 2009-11-08.
- ↑ „Сојуз на борци од НОАВМ - Битола“. Архивирано од изворникот на 2014-05-08. Посетено на 2009-10-17.
- ↑ Решение за именување на Државна комисија при Президиумот на АСНОМ за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги
- ↑ Биографија на страницата на Јавното обвинителство на РМ
- ↑ Службен весник на Народна Република Македонија 2/1947, 1 стр.
- ↑ Службен весник на Народна Република Македонија, 8/48, 1 стр.
- ↑ „Ректори на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје“. Архивирано од изворникот на 2020-05-14. Посетено на 2011-12-20.
- ↑ „МАНУ“. Архивирано од изворникот на 2016-03-10. Посетено на 2014-10-25.
- ↑ Узунов, Никола (2003). Придонесот на академикот Кирил Миљовски за економската наука и макроекономската политика во Македонија. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. стр. 450. ISBN 9989-101-16-7.
Надворешни врски
уреди- Биографија на проф. д-р Кирил Миљовски Архивирано на 7 март 2016 г. — Правен факултет „Јустинијан I“ - Скопје