Катедра за општа и компаративна книжевност

Катедрата за општа и компаративна книжевност е студиска група при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Историја

уреди

Катедрата била оформена во учебната 1980/81 година. Меѓу основачите се вбројуваат: Милан Ѓурчинов, Лилјана Тодорова, Вера Јанева, Светозар Бркиќ, Томе Саздов, како и Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова и Саво Цветановски.

Од странство во основањето на Катедрата свое учество зеле: Антон Оцвирк од Љубљана, Војислав Ѓуриќ, Радосав Јосимовиќ, Зоран Константиновиќ и Драган Недељковиќ од Белград; Миливој Солар, Фрањо Грчевиќ и Александар Флакер од Загреб; Зденко Лешиќ од Сараево; Генадиј Поспјелов од Москва; Шарл Дедејан, Ив Шеврел и Даниел Пажо од Сорбона, Париз; Диониз Ѓуришин и Иван Доровски од Словачка и Чешка. Кај нив тогашните млади македонски компаратисти ги извршувале своите први специјализации и ги одбраниле своите први докторски трудови, тие ги напишале првите рецензии за првите македонски професори-компаратисти, а повеќето од нив држеле специјални курсеви како професори-гости на новоформираната студиска група при Факултетот.[1]

Цели, перспективи и кадар

уреди

Катедрата за општа и компаративната книжевност како предмет на изучување го има широкото поле на традиционалните и современи теоретски пристапи кон книжевноста и другите уметности, како и компаративно – историското изучување на македонската книжевност во врска со сите европски и други книжевности и култури. Тоа значи дека катедрата остварува врвни наставни и истражувачки активности во кои студиите реализирани преку компарирањето како дисциплина колку што го нагласуваат односот меѓу националната книжевност и другите книжевности, толку ги истражуваат одговорите на прашањата за поврзаноста на книжевноста со сите други уметности, театарот, сликарството, филмот, фотографијата, како и современите дигитални технологии. Оваа катедра дава можност за изучување на широкото поле на интедисциплинарните и интермедијалните концепции, културолошките концепции во науката и уметноста во целина.

Актуелниот наставен кадар е составен од редовните, односно вонредните професори: Елизабета Шелева, Лидија Капушевска-Дракулевска, Маја Бојаџиевска, Славица Србиновска, Владимир Мартиновски и Марија Ѓорѓиева-Димова.

За местото, реномето и за перспективите на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје говорат токму активностите и успесите што ги постигнуваат нејзините студенти чие вработување е клучно и актуелно во повеќе сфери на културата во земјата и во странство, потоа во образованието, во медиумите, во издаваштвото, во библиотеките, во институтите за истражување и центрите на културата, во сферата на кинематографијата актуелна во кинотеките во земјата и во регионот, во создавањето и критичкото промислување на културните и образовните политики и во владините и невладините организации. Може да се каже дека од постоењето до денес студентите кои студираат на оваа група по остварените резултати се едни од најдобрите и најкреативните во различни сфери на образованието, науката, уметностите и културата во земјава и во странство[2].

Некои од истакнатите дипломци на Катедрата се писателите и општествени дејци: Љубчо Георгиевски, Венко Андоновски, Сашо Гигов - Гиш, Сашко Насев, Роберт Алаѓозовски, Анастасија Ѓурчинова, Наташа Аврамовска, Лидија Димковска, Јовица Тасевски - Етернијан, Стефан Марковски, Жарко Кујунџиски, Звонко Танески, Јасмина Мојсиева-Гушева, Валентина Миронска-Христовска, Ирена Јорданова, Искра Гешоска, Игор Исаковски, Ирена Цветковиќ, Мане Манушев, Марина Мијаковска, Сашо Димоски и други.

Наводи

уреди
  1. Ѓурчинов, Милан (2015). ЗАЛЕЗ НА АКСИОЛОШКИОТ РЕЛАТИВИЗАМ (КОН НОВИ КРИТИЧКИ ХОРИЗОНТИ). Скопје: МАНУ. стр. 36–37.
  2. „За катедрата“. Филолошки факултет „Блаже Конески“. Архивирано од изворникот на 2019-01-30.