Звонко Танески — македонски поет, преведувач и универзитетски професор.[1]

Звонко Танески
Занимањеписател
Државјанствомакедонско и словачко
ОбразованиеФилолошки факултет
Апсолвент наУниверзитет „Св. Кирил и Методиј“
Предметпоезија, превод
Книжевно движењесовремена македонска книжевност, словачка книжевност, јужнословенска книжевност,споредбена славистика

Животопис

уреди

Звонко Танески е роден на 12 03 1980 година во Кичево. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (2002). Остварил студиски престој на Универзитетот во Перуџа, Италија (2003). Докторирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава, на Катедрата за словачка литература и литературна наука, во научната област „Теорија и историја на словачката литература“, а со тема од модерната словачка поезија: „Модели на метафорична слика во поезијата на Јан Ондруш“ (2007, PhD.). Подоцна уште докторирал и на Катедрата за превод и толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра со тема од областа на словачко-македонските книжевни и културни врски (2008, PhDr.). На братиславската катедра ги предавал периодично предметите „Преглед од историјата на јужнословенските литератури“ и „Современа словачка поезија“ (2005-2007). Работел и како прв лектор по македонски јазик и литература на Катедрата за словенски филологии, на Филозофскиот факултет при Универзитетот Коменски во Братислава, Словачка (2004-2007).[2]

Научни активности и членување во асоцијации

уреди

Член е на Клубот на независни писатели при Асоцијацијата на писателски организации на Словачка (од 2006 година), член на Независните писатели на Македонија (од 2012 година), прв македонски редовен член на Меѓународната асоцијација на писатели и публицисти Authors and Publicists International Association - МАПП / APIA со седиште во Рига - Латвија (од 2014 година); член на Светското поетско друштво ̶ Poetas Del Mundo (од 2016 година); член на Словенската литературна и уметничка академија со седиште во ВарнаБугарија (од 2016 година) и координатор на академијата за Словачка (од 2017 година); член на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија (од 2013 година), на Чешко-словачката асоцијација за компаративна книжевна наука (од 2016 година) и на Европската мрежа за книжевна компаратистика (Réseau européen d´études littéraires comparées / European Network for Comparative Literary Studies) од 2009 година; активен член на Здружението на преведувачи на Република Македонија (од 2012 година) и на Македонско-словачкото друштво за економска и културна соработка (од 2012 година), а исто така и член на главниот научен одбор на меѓународните списанија Konštantínove listy (Constantine´s Letters) од 2012 година, Art Communication & Popculture – A&P од 2014 година, Litikon – Journal for Literature Research од 2016 година и Контекст (Context – Review for Comparative Literature and Cultural Research) од 2017 година. Почесен член е на Словачкиот ПЕН центар од 2013 година. Работел како доцент на Факултетот за странски јазици при Универзитетот ФОН во Скопје (од 2011 до 2014 година), а од 2012 до 2014 година бил член и на универзитетскиот Сенат. Таму ги предавал предметите: „Теории и техники на преведување“, „Теории и техники на толкување“, „Теории и техники на комуникација“, „Стилистика“, „Академско пишување“ и „Македонски јазик како мајчин и немајчин“. Во 2012 година добива и официјална лиценца / потврда за признато право за лекторирање од страна на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија. Во 2007-2008 година работел како научен и стручен советник во Институтот за светска литература при Словачката академија на науките во Братислава. Од 2007 до 2011 година работел и како научен кадар во Институтот за проучување на културното наследство на Кирил и Методиј на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, а повторно таму работи од 2014 до септември 2015 година. Од 2008 до 2011 година работел и како прв лектор по македонски јазик и литература на Катедрата за словачки јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра. Во декември 2011 година му беше доделен и високиот научен степен II a (самостоен научен истражувач) од страна на Комисијата за вреднување на научната квалификација на кадри при Словачката академија на науките во Братислава. Од септември 2015 година работи како универзитетски професор на Катедрата за словенски филологии на Филозофскиот факултет при Универзитетот “Коменски“ во Братислава, каде што предава Јужнословенски книжевности, Книжевна компаратистика, Теорија на преведување и меѓулитерарност, но, исто така, под негово водство повторно се отвораат во Р. Словачка (на најстариот, најголемиот и најдобриот државен универзитет „Коменски“ во Братислава) и предметите „Македонски јазик 1 и 2“ и „Факти за Македонија“.

Награди

уреди

Добитник е на повеќе книжевни награди во Македонија и во странство, меѓу кои би можеле да се издвојат наградите за поезија: од C. R. I. C. за млади уметници од средоземните и балканските земји (Реџо Калабрија - Италија, 1995), наградата „Ацо Караманов“ (Радовиш, 1997), „Бели мугри“ (Скопје, 2012), златен медал “Poet laureate” (Манила – Филипини, 2013), плакета за целокупно поетско и научно творештво и за посебни заслуги во областа на славистиката од Ректорот на Универзитетот во Варна во рамките на меѓународниот книжевен фестивал “Словенска прегратка“ што го организира Словенската литературна и уметничка академија (Бугарија, 2015) и др., за најдобар книжевен превод – „Златно перо“ (за преводот на делото „Патагонија“ од Душан Митана во 2013 година) од Сојузот на литературните преведувачи на Македонија, како и наградите за научен есеј: на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (1999, 2000, 2001), на Институтот за јазична и стручна подготовка на странски студенти и докторанди (ÚJOP) во Братислава (2003), на меѓународното списание „Корени“ за 2013 година, потоа меѓународната награда „Гоцева мисла“ што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација „Македонија презент“ од Скопје за севкупен ангажман и придонес на планот на афирмацијата и презентацијата на македонската книжевност и култура во странство (2016) и др. Тој е и организатор и делегат на педесетина литературни конференции и фестивали низ Европа, а, исто така, и раководител и соработник на неколку меѓународни научно-истражувачки проекти. Бил еден од уредниците на македонското електронско списание за книжевна херменевтика Мираж (www.mirage.com.mk), како и еден од уредниците на словачкото академско списание за културно наследство и историја на славистиката – Константинови писма (од 2008 до 2012 година). Во периодот 2006-2007 година ја извршувал и функцијата уредник и интерен аналитичар во словачкиот Портал за меѓународни односи Евромонитор. Тој е и стручен консултант за прашања од областа на македонскиот јазик, литература и култура во Енциклопедискиот институт при Словачката академија на науките во Братислава од 2008 година. Бил назначен и за почесен претседател на 13-тиот светски филателистички конгрес од областа на религионистиката, кој се одржа во Нитра во 2008 година. Во 2009 година му беше доделена висока словачка државна награда за научни достигнувања и за исклучителни публикации од страна на ректорот на Универзитетот во Нитра, а во 2015 година ја освои и премијата на Литературниот фонд на Словачка за најдобра научна и стручна литература за 2014 година во категоријата „Речници и енциклопедии“ за соавторството на делото „Словачко-македонски речник“.[2]

Творештво

уреди

Поетски книги: Отворени врати (1995), Хорот на гнилите лисја (2000), Срт (2003), Чоколада во портфолио (2010), Нежности без гарантен лист (2012), Чекајќи ја историјата (2016), книжни поетски избори: на словачки јазик Dobrý lovec (2016) и на српски јазик Херој заборављене класе (2017). Лингвистички трудови: Мал лексикон на помалку познати зборови иизрази (соавтор, заедно со Лилјана Угриновска, 2003), Македонско-словачки прирачник за конверзација (2006), Словачки низ разговор со кратка граматика (2013), Словачко-македонски речник (соавтор, заедно со Гоце Цветановски – уредник и Љупчо Митревски, 2014). Книжевно-научни монографии: Metaforické modely obraznosti v poézii Jána Ondruša (Nitra, 2008), Slovensko-macedónske literárne a kultúrne vzťahy (Bratislava, 2009), Македонско-словачки компаративни согледби – студии и интерпретации (Скопје, 2012) и Просторите на текстот – по врвиците на критиката и на академското пишување (Скопје, 2015). Научен соуредник на словачките академски публикации: Duchovné, intelektuálne a politické pozadie cyrilo-metodskej misie pred jej príchodom na Veľkú Moravu (Nitra, 2007), Poznávanie kultúrneho dedičstva sv. Cyrila a Metoda (Nitra, 2007), Význam kultúrneho dedičstva sv. Cyrila a Metoda pre Európu (Nitra, 2008); Európske kontexty interkultúrnej komunikácie (Nitra, 2009), Macedónsko-slovenské literárne, kultúrne a jazykové vzťahy / Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски / Macedonian-Slovak Literary, Cultural and Linguistic Relations (Nitra, 2015), Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски 2 / Macedónsko-slovenské literárne, kultúrne a jazykové vzťahy 2 (Скопје, 2016); соуредник на Зборниците на поезија и кратка проза на младите од просторите на поранешна Југославија – Rukopisi 35 - 40 (Панчево – Србија, 2012 - 2017); главен уредник и приредувач на хрестоматијата Единство на многугласјето - поглед врз новата словачка литература и култура низ македонскиот превод (Скопје, 2012), како и член на главната стручна редакција на петтомниот капитален проект „Антологија на светската поезија (преведена на македонски јазик)“ (Скопје, 2015-2017).

Преведувачка дејност

уреди

Преводи и препеви на македонски јазик - на избрани творби од авторите: Пол Рикер и Ричард Палмер (од англиски); Марлена Зингер (од полски); Чарна Поповиќ, Марија Драгниќ и Ненад Трајковиќ (од српски); Христо Ботев, Пејо Јаворов, Никола Јонков Вапцаров, Димана Иванова (од бугарски); Бронислава Волкова (од чешки); како и Рудолф Фабри, Владимир Рејсел, Јан Брезина, Павел Бунчак, Јан Рак, Јулиус Ленко, Штефан Жари, Јан Ондруш, Иван Купец, Павел Виликовски, Јан Замбор, Милан Рихтер, Станислава Хробакова-Репар, Вилијам Климачек, Вера Прокешова, Иван Лаучик, Ерик Јакуб Грох, Иван Коленич, Александер Халвоник, Михал Бабјак, Јан Гавура, Дана Кршакова, Петер Шулеј, Михал Хабај, Мартин Палух, Мира Кератова, Јана Бењова, Душан Митана, Франтишек Липка, Јурај Шебеста, Љубомир Фелдек, Мирослав Демак, Игор Хохел, Мирослав Дудок, Петер Били, Мартина Грманова, Петер Иванич и други (од словачки). Преводи од македонски на словачки јазик на избрани текстови од авторите: Богомил Ѓузел, Соња Стојменска-Елзесер, Ангелина Бановиќ – Марковска, Маја Јакимовска-Тошиќ, Катица Ќулавкова, Лидија Димковска, Игор Исаковски, Стево Симски, Јовица Ивановски и др. Негови песни, есеи и културолошки согледби сè уште преведени и објавени на англиски, италијански, шпански, словенечки, српски, хрватски, албански, бугарски, есперанто, руски, украински, унгарски, полски, чешки и словачки јазик, а исто така, дел од неговото творештво е уште публикувано или претставено, на различни јазици, во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Италија, Шпанија, Латвија, Англија, Р. Ирска, Чешка, Словачка, Полска, Русија, Индија, Филипини, Колумбија и САД.[3]

Наводи

уреди
  1. "Authors: Zvonko Taneski". Blesok.com.mk. Retrieved 2015-09-05.
  2. 2,0 2,1 https://fphil.uniba.sk/katedry-a-odborne-pracoviska/katedra-slovanskych-filologii/clenovia-katedry/zvonko-taneski/[мртва врска]
  3. "Звонко Танески | MATA". Mata.mk. Retrieved 2015-09-05.

Надворешни врски

уреди