Иван Додовски (17 април 1974, Битола, СФРЈ) — македонски писател.

Животопис уреди

Ддодовски е роден на 17 април 1974 година, во Битола, каде го завршил основното образование. Матурирал во САД, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, на катедрата за општа и компаративна книжевност со американски студии. Подоцна магистрирал на истиот факултет на тема од областа на наратологијата. Во септември 2005 година се преселил во Британија, каде запишал докторски студии на Универзитетот во Нотингем. [1]

Творештво уреди

Додовски зачекорил на книжевната сцена како поет, објавувајќи три збирки поезија: „Седенка со ликот“ (издание на Клуб на писатели - Битола, 1991), „Луда луна“ (издание на „Зумпрес“, 1995) и „Света лудост“ (издание на „Култура“, 1999). Во 2005 година, во издание на „Темплум“ била објавена неговата збирка раскази „Големиот куфер“. Неговите песни се преведени на повеќе јазици, како: англиски, хрватски, албански, бугарски и романски јазик, а песните му се застапени во три антологии на македонската поезија. На Меѓународниот фестивал на млади европски писатели, одржан на островот Крк, Хрватска, во 1999 година, Додовски ја освоил првата награда за поезија. Тој е приредувач на изборот кратки раскази од млади македонски писатели, со наслов „Некои мали работи“ (издание на „Студентски збор“, 1996). Покрај со проза и поезија, Додовски се занимава и со есеистика. Тој е уредник на зборникот трудови „Мултикултурализмот во Македонија: модел во настанување“ (издание на ФИООМ, 1995), како и на теоретската студија „Наративни стратегии во психолошкиот роман“ (издание на „Култура“, 2004). Негови трудови, театарски критики и есеи се објавени во повеќе списанија во Македонија и во странство. Во 2002 година станал редовен член на Друштвото на писатели на Македонија.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 „Белешка за авторот“, во: Иван Додовски, Големиот куфер, Темплум, Скопје, 2005, стр. 95-96.