Златното теле (роман)
„Златното теле“ (руски: Золотой телёнок) — роман на советските писатели Иљф и Петров.
Евгениј Петров со првото англиско издание на романот | |
Автор | Иљф и Петров |
---|---|
Изворен наслов | Золотой телёнок |
Земја | Советски Сојуз |
Јазик | Руски |
Жанр | Сатиричен роман |
Издадена | 1931 |
Медиум | Тврд и мек повез |
ISBN | 1-934824-07-0 |
Претходна | Дванаесетте столици |
Содржина
уредиПрв дел: Екипажот на „Атнтилопа“
уреди- Глава 1. Како Паниковски ја прекрши конвенцијата: Еден туѓинец пристига во градот Арбатов и веднаш се упатува во Извршниот комитет, каде на претседателот му бара пари, претставувајќи се како син на славниот поручник Шмит. Во тој миг, во канцеларијата на претседателот на комитетот влегува друг човек кој, исто така, се претставува како син на поручникот Шмит. Сепак, двајцата измамници некако успеваат да се извлечат од непријатната положба. Всушност, станува збор за просјаците Остап Бендер и Шура Балаганов. Тогаш, тие го здогледуваат просјакот Паниковски, кој влегува во зградата на комитетот, претставувајќи се како син на поручникот Шмит, но него го исфрлаат на улица.[1]
- Глава 2. Триесетте синови на поручникот Шмит: Балаганов му раскажува на Бендер дека во 1928 година, гледајќи дека се намножиле лажните синови на поручникот Шмит, тој свикал конференција на која присуствувале 34 „деца“ на Шмит. На конференцијата, просјаците го поделиле пазарот на 34 региони, меѓутоа незадоволниот Паниковски се заканил дека нема да го почитува договорот. Во разговорот, Бендер му кажува на Балаганов дека посакува да украде голем износ пари од некој богат човек, со цел да се пресели во Рио де Жанеиро. Балаганов му кажува дека познава еден богат човек — некој Корејко кој живее во Черноморск.[2]
- Глава 3. Бензинот ваш — идеите наши: По излегувањето од затворот, крадецот Адам Козљевич купува стар автомобил, го поправа и се населува во Арбатов со намера да живее чесно, работејќи како таксист. Меѓутоа, неговата надеж не се остварува, зашто неговите услуги ги користат само пијани луѓе кои ги трошат државните пари. Поради тоа, Козљевич е принуден често да сведочи на судот така што сите во градот го избегнуваат како човек кој носи несреќа. Бендер и Балаганов го убедуваат да ги однесе во Черноморск, а со себе го земаат и Паниковски. Притоа, Бендер го нарекува автомобилот „Антилопа“.[3]
- Глава 4. Обично ковчеже: Рано наутро, во Черноморск, еден човек оди на железничката станица, зема обичен ковчег и потоа го остава во железничката станица на спротивниот крај на градот. Тој е Александар Корејко, 38-годишен, неугледен книговодител во фирмата „Херкулес' кого колегите и претпоставените го сметаат за малку глупав, а единствената негова впечатлива особина е тоа што умее напамет да множи трицифрени и четирицифрени броеви. Меѓутоа, никој не претпоставува дека во неговиот ковчег има десет милиони рубли. За време на Октомвриската револуција, тој почнува да се занимава со незаконска трговија, а откако ограбува цел воз со животни производи, наеднаш исчезнува без трага.[4]
- Глава 5. Подземното царство: Кон крајот на 1922 година, Корејко се појавува во Москва, каде отвора лажна фабрика за хемиски производи, а таа му служи како параван за неговите финансиски малверзации. Откако проневерува голем износ пари, тој си заминува непосредно пред контролорите да ја откријат измамата. Потоа, заминува во една азиска република, каде успева да проневери државни пари и повторно во последен миг бега пред контролорите. Откако на тој начин доаѓа до почетен капитал, Корејко создава широка мрежа на недозволена трговија и така го зголемува своето богатство. Сепак, тој се преправа дека е скромен, сиромашен службеник, чекајќи да се врати капитализмот за да почне да живее раскошно.[5]
- Глава 6. „Антилопа“: На патот кон Черноморск, Бендер дознава од весникот дека во меѓувреме се одржува автомобилската трка Москва-Харков-Москва и добива идеја за лажно претставување како учесници во трката. Навистина, кога автомобилот пристига во едно мало попатно место, насобраните луѓе ги дочекуваат со овации, а измамниците успеваат бесплатно да се снабдат со бензин и со резервни делови, потребни за натамошното патување.[6]
- Глава 7. Слаткиот товар на славата: Патувајќи кон целта, измамниците се убаво пречекани во секое место. Патем, тие среќаваат Американци кои ги обиколуваат селата во потрага по рецепт за пешење домашна ракија и Бендер им го продава рецептот. Кога измамниците пристигаат во еден мал град, со парите купуваат нова облека, но за време на свеченоста пристига телеграма со веста за лажните учесници во трката. Разбеснетата толпа ги брка, а тие одвај успеваат да побегнат. Бидејќи веста за измамниците се раширува насекаде, тие не смеат да влезат во ниедно населено место. Наскоро, учесниците на вистинската автомобилска трка веќе го престигнуваат нивниот автомобил.[7]
- Глава 8. Криза на занаетот: Групата измамници пристига до влезот на еден мал град, каде Бендер забележува осамена куќа во која живее старец-монархист кој толку ја мрази советската власт, што постојано сонува случки поврзани со неа. Таму, измамниците го кријат автомобилот, а Бендер и Балаганов одат во градот, каде купуваат боја. Откако го пребојуваат автомобилот со жолта боја, групата продолжува понатаму.[8]
- Глава 9. Повторно криза на занаетот: Старецот Сињицки е енигматичар без голем успех во работата. Во неговиот дом доаѓа Корејко, кој ѝ нуди брак на внуката на Сињицки, Зосја. Таа го одбива поради неговата скромна плата и тогаш Корејко паѓа во искушение да го открие своето големо богатство. Возбуден, цела ноќ скита бесцелно низ градот, а изутрината го здогледува автомобилот на четворицата измамници. Притоа, Бендер го поздравува Корејко, иако не знае кој е тој.[9]
Втор дел: Двајцата комбинатора
уреди- Глава 10. Телеграмата на браќата Карамазови: На Корејко му се случуваат необични настани што го вознемируваат: еднаш, некој просјак го запира на улица, спомнувајќи некакви милиони, а потоа добива неколку телеграми со необична, бесмислена содржина. И додека тој е збунет и исплашен, во хотелот „Карлови Вари“, Бендер ги прима своите другари, давајќи им инструкции за натамошно вознемирување на нивната жртва. Најпосле, тој и Балаганов одат во фирмата „Херкулес“.[10]
- Глава 11. Херкулесовци: Во тоа време, вработените во „Херкулес“ имаат пауза за појадок, така што никој не им обрнува внимание на двајцата посетители. Инаку, веќе подолго време се одвива борба против одлуката на месната власт да ја преместат фирмата „Херкулес“ во друга зграда. Кога Бендер и Балаганов влегуваат во канцеларијата, врз основа на изгледот на службениците, Бендер се обидува да погоди кој е Корејко, но греши.[11]
- Глава 12. Хомер, Милтон и Паниковски: Според планот на Бендер, Паниковски и Балаганов треба да го ограбат Корејко, но без примена на сила. За таа цел, Паниковски се преправа како слепец и го замолува Корејко да му помогне да ја премине улицата. Токму кога ја става раката во џебот на Корејко, на нив се залетува еден автобус и така се открива лагата на Паниковски. Набргу, околу него се собира група луѓе кои го тепаат, но Бендер успева да го спаси во последен миг. Ноќта, Бендер и Паниковски повторно го пречекуваат Корејко, кој се шета во друштво со Зосја. Користејќи поволна прилика, тие го напаѓаат, но Корејко лесно ги совладува двајцата напаѓачи. За време на борбата, Паниковски успева да му украде на Корејко кутија за цигари во која има десет илјади рубли, но не и потврдата за багажот во железничката станица. По тој настан, Бендер сфаќа дека е опасно и понатаму да остане во хотелот и одлучува да изнајми стан.[12]
- Глава 13. Васисуалиј Лоханкин и неговата улога во руската револуција: Васисуалиј Лоханкин почнува да гладува бидејќи сопругата Варвара сака да го напушти и да се пресели кај својот љубовник. Поради неговата закана, таа привремено се смилува, но по неколку дена, Лоханкин не може повеќе да издржи тајно почнува да јаде, а Варвара го открива и си заминува од станот. Откако останува сам и без приходи, Лоханкин објавува оглас за издавање на едната соба под наем. Бидејќи тој редовно заборава да го изгасне светлото во тоалетот, станарите го камшикуваат, а токму во тој миг кај него доаѓа Бендер во врска со изнајмувањето на собата.[13]
- Глава 14. Првиот состанок: Додека Балаганов и Паниковски се караат околу поделбата на украдените пари, Бендер решава да му ги врати парите на Корејко. Тој се преправа како милиционер и го посетува Корејко, кој одбива да ги прими парите, упорно тврдејќи дека воопшто не бил ограбен. Така, Бендер сфаќа дека Корејко нема да биде лесен плен и мора да смисли нов план.[14]
- Глава 15. Рогови и копита: Бендер, Балаганов и Паниковски се вселуваат во собата која ја издава Лоханкин, а набргу отвораат претпријатие за откуп на рогови и копита. Еден ден, во дуќанот влегува 90-годишниот старец Фунт, кој целиот живот го поминал како претседател на приватни претпријатија при што издржувал затворски казни за други луѓе. Низ разговорот со него, Бендер дознава дека Фунт имал неколку нечисти зделки и со „Херкулес“ и насетува дека во нив мора да е вмешан Корјеко. Така, Бендер ја започнува својата истрага за Корејко и се согласува да го ангажира старецот во своето претпријатие.[15]
- Глава 16. Jahrbuch für psychoanalyse: Во „Херкулес“ се враќа службеникот Берлага, кој по веста дека некои вработени ќе бидат отпуштени од работа, заминал во душевна болница, преправајќи се дека е луд. Во лудницата, тој увидел дека не е единствениот кој се прави луд, но утредента, по враќањето на главниот професор од службеното патување, тој и другите симуланти се избркани од болницата. Додека Берлага им раскажува на колегите за својот престој во болницата, доаѓа Балаганов и му врачува повик да се јави во подружницата за откуп на рогови и копита. Таму, Берлага му раскажува на Бендер за финансиските малверзации во „Херкулес“.[16]
- Глава 17. Враќањето на изгубениот син: Во меѓувреме, двајца католички свештеници го заведуваат Козљевич, но Бендер успева да го врати назад во своето друштво. Потоа, Бендер ја продолжува истрагата во која од различни извори собира информации за Корејко.[17]
- Глава 18. На копното и на морето: Заедно со Берлага, Бендер оди на блиската плажа во потрага по службеникот во „Херкулес“, Скумбриевич. Претходно, него безуспешно го бара на работното место, каде случајно среќава еден германски инженер, кој е несреќен затоа што во „Херкулес“ не му даваат никаква работа. На плажата, Бендер влегува во морето и го соочува Скумбриевич со Берлага, па тој признава сè за финансиските малверзации во „Херкулес“.[18]
- Глава 19. Сеопштиот печат: Утредента, управникот на „Херкулес“, Полихаев, цел ден седи во својата канцеларија, разговарајќи со непознат посетител. Поради таа необична средба, сите службеници се возбудени и нервозни бидејќи нема кој да им ги потпише документите. Затоа, секретарката на Полихаев удира печати на сите барања на службениците. Најпосле, од канцеларијата излегува Бендер, а по него трчка Полихаев, исплашен и расплакан.[19]
- Глава 20. Командорот игра танго: Паниковски влегува тајно во станот на Корејко и таму здогледува тегови за вежбање за кои помислува дека се златни. Затоа, тој и Балаганов ги крадат теговите, ги сечат и тогаш сфаќаат дека се во заблуда, зашто теговите се железни, поради што нервозниот Балганов го тепа Паниковски. Во меѓувреме, во претставништвото за откуп на рогови, Бендер конечно ја завршува биографијата на Корејко и игра танго од среќа, сонувајќи за своето патување во Рио. Нстрплив да дојде до парите, истата ноќ, тој оди во станот на Корејко.[20]
- Глава 21. Завршетокот на „Враниното гнездо“: Еден ден, Лоханкин ненадејно ја посетува Варвара, со молба да преспие во нејзиниот нов дом откако останува без покрив над главата. Имено, претходната ноќ, неговата зграда целосно била уништена во пожарот што го предизвикале станарите, кои претходно купиле осигурителни полиси во очекување дека ќе изгори зградата.[21]
- Глава 22. Со парадата јас ќе заповедам: Бендер му ги покажува на Корејко документите за финансиските проневери во „Херкулес“ и за другите негови незаконски дела. Најпрвин, Корејко тврди упорно дека тој не е милионер, но откако Бендер му се заканува дека ќе ги предаде документите во милицијата, Корејко попушта и се согласува да му исплати на Бендер милион рубли.[22]
- Глава 23. Шоферовото срце: На патот кон железничката станица, Корејко наеднаш става гас-маска, зашто во тек е вежбата за одбрана од напад со отровни гасови. Корејко ја користи состојбата и бега, а Бендер го носат во едно засолниште, каде е принуден да го лсуша предавањето за заштита од отровни гасови. Таму, тој се запознава со Зосја, а набргу пристигаат и Паниковски и Балаганов, кои исто така се присилно донесени тука. По излегувањето, тројцата го бараат Корејко, но тој веќе исчезнал без трага. Така, Бендер и неговото друштво останува без пари, а во меѓувреме, власта го затвора лажното претставништо за откуп на рогови и го апси управникот Фунт. Разочарани, тројцата измамници одат кај Козљевич со признанието дека пропаднале, а тој несебично им се става на располагање.[23]
- Глава 24. Времето е погодно за љубов: За да дојде до пари, Бендер пишува сценарио за филм и го носи во филмското студио. Таму владее хаос и еден од вработените заминува на пат земајќи го неговото сценарио. Сепак, Бендер успева да добие 300 рубли од студиото. Истовремено, тој ѝ се додоворува на Зосја, но кога таа му кажува каде се наоѓа Корејко, веднаш ја остава и истата ноќ, групата измамници го напушта Черноморск.[24]
- Глава 25. Три пата: По неколкудневно патување, измамниците доаѓаат до една раскрсница со три пата. Бендер одлучува да одат по земјениот пат, но наскоро „Антилопа“ целосно се распаѓа. Групата е принудена да пешачи до блиското село, каде Паниковски е фатен во обид за кражба на гуска, а измамниците бегаат од селото. Исцрпен од бегањето, Паниковски умира и останатите набрзина го закопуваат крај патот. Потоа, тие пристигаат на една мала железничка станица, каде Балаганов и Козљевич решаваат да останат, додека Бендер се качува на возот кој штотуку минува тука.[25]
Трет дел: Приватно лице
уреди- Глава 26. Патникот во посебниот воз: Од една железничка станица во Москва поаѓа посебен воз кој треба да го прослави спојувањето на новата железничка пруга, позната како Источна магистрала. Во возот се наоѓаат повеќе домашни и странски новинари, работници-ударници и претставници на власта. Вториот ден од патувањето, во еден перон наеднаш се појавува непознат човек — Остап Бендер.[26]
- Глава 27. Дозволете да влезе капиталистичкиот платеник: Ноќта, гладниот Бендер влегува во едно купе и на едне патник му ја краде печената кокошка. Утредента, патниците помислуваат дека Бендер е новинар, дописник на некој весник и не само што го прифаќаат во своето друштво, туку сите му ја даваат својата храна. Додека патуваат, тој им раскажува приказна.[27]
- Глава 28. Потниот бран на инспирацијата: Гладниот Бендер составува упатство за пишување новински извештаи кое му го продава на еден новинар и со парите богато се гости во вагон-ресторанот. Најпосле, по неколкудневно патувањето, една ноќ, возот пристига во местото на спојувањето на сибирската и на средноазиската железничка линија.[28]
- Глава 29. Жуборливиот Извор: Додека се подготвува свечената прослава, Бендер го здогледува Корејко, кој веднаш станува вознемирен, но не може да се извлече. По банкетот, двајцата се затвораат во еден вагон.[29]
- Глава 30. Александар-Ибн-Иванович: Корејко зема од куферот еден милион рубли и му ги дава на Бендер. Бидејќи не успеваат да се качат ниту на возот ниту на авионот, двајцата купуваат камили од номадите и заедно го напуштаат местото.[30]
- Глава 31. Багдад: По неколкудневно напорно патување низ степата, Корејко и Бендер пристигаат во еден мал град, каде Бендер тргнува во потрага по забава, но во меѓувреме градот многу се изменил така што нема ниту едно такво место. Тука, Корејко и Бендер се разделуваат.[31]
- Глава 32. Вратата на големите можности: Еден месец подоцна, на една железничка станица во Москва се појавува Бендер. Тој го здогледува парталавиот Балаганов и му дава 50 000 рубли. Од разговорот со него, Бендер дознава дека Козљевич го поправил автомобилот и дека живее скромен живот во Черноморск. Инаку, по разделбата со Корејко, Бендер скитал бесцелно низ повеќе градови, но никаде не му ја укажувале почитта која ммислел дека ќе ја стекне благодарение на парите. Тој и Балаганов се упатуваат кон хотелот во кој престојува Бендер. Во трамвајот, Балаганов се обидува да ѝ ја украде чантата на една девојка, но патниците го фаќаат, а потоа го приведува милицијата.[32]
- Глава 33. Индискиот гостин: Бендер се буди во хотелската соба по синоќешната забава во ресторанот. Разочаран и душевно празен, тој оди кај еден гостин од Индија, филозоф и поет, барајќи да му ја открие смислата на животот, но не добива никаков корисен совет. Ноќта, Бендер наеднаш се буди, мислејќи на Зосја и ѝ испраќа итна телеграма, но не добива одговор. Во следниот период, тој ѝ испраќа уште многу телеграми, но не добива никаков одговор.[33]
- Глава 34. Пријателство со младоста: Патувајќи со воз до Черноморск, Бендер се спријателува со група студенти, кои му се воодушевуваат. Во таа прилика, тој ѝ признава на една студентка дека е вљубен во Зосја. Меѓутоа, кога подоцна им ги покажува парите на студентите, тие набрзина го напуштаат и тој повторно останува сам.[34]
- Глава 35. Го сакале домаќинки, домашни помошнички, вдовици, дури и една жена-забен техничар: Бендер пристига во Черноморск, каде го среќава Козљевич. Таму, тој размислува како да се ослободи од парите, па затоа оди во поштата и ги испраќа како пакет адресиран до народниот комесаријат за финансии. Потоа, случајно ја среќава Зосја и двајцата се упатуваат во еден ресторан, а патем Бендер дознава за големата чистка на вработените во „Херкулес“. Во ресторанот, Зосја го запознава Бендер со својот сопруг и тогаш тој сфаќа дека приказната за неговата љубов е завршена. Затоа, набрзина се враќа во поштата и си го зема ковчегот со парите, решен конечно да замине во Рио де Жанеиро.[35]
- Глава 36. Витез на редот на златното руно: Цела зима, Бендер се подготвува за далечниот пат, купувајќи странски валути, накит и златни предмети. Една пролетна ноќ, тој ја минува реката Днестар и тајно преминува во Романија, но таму налетува на граничарите, кои го ограбуваат. Претепан и ограбен, Бендер пак го преминува Днестар и се враќа назад во татковината.[36]
Наводи
уреди- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 9-21.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 22-36.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 37-49.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 50-60.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 61-68.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 69-81.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 82-94.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 95-109.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 110-122.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 125-129.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 130-139.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 140-151.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 152-169.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 170-182.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 183-195.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 196-208.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 209-219.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 220-234.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 235-241.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 242-253.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 254-260.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 261-269.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 270-281.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 282-295.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 296-306.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 309-320.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 321-331.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 332-342.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 343-354.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 355-364.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 365-372.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 373-380.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 381-386.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 387-398.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 399-410.
- ↑ Iljf i Petrov, Zlatno tele. Sarajevo: Svjetlost, 1964, стр. 411-417.