Записките на Малте Лауридс Бриге

Записките на Малте Лауридс Бриге (германски: Die aufzeichnungen des Malte Laurids Brigge) - роман на германскиот писател Рајнер Марија Рилке.

Настанувањето на делото

уреди

Рилке почнал да работи врз романот во 1904 година, по разделбата со Огист Роден, потоа работата ја продолжил во повеќе места, како: Париз, Рим, Данска, Шведска и во уметничката колонија Ворпсведе, а делото било конечно завршено во 1910 година, во Лајпциг, додека престојувал како гостин кај брачниот пар Кипенберг. Уште пред да ја започне работата врз романот, Рилке ѝ напишал на писателката Лу-Андреас Саломе (која некое време му била љубовница и со која живеел) дека го чита романот „Елен Олестјерне“ на француската писателка Франциска Ревентлов и токму тој роман го поттикнал да ги напише „Записките“. Имено, Рилке ѝ забележувал на Ревентлов на начинот на кој го опишала својот живот и сметал дека делото треба да се пишува за можностите што ги нуди животот.[1]

Содржина

уреди

Романот е напишан во вид на записки кои ги прави Малте Лауридс Бриге, осиромашен дански аристократ на возраст од 28 години. Првите записки потекнуваат од престојот во скромниот париски стан, на улицата Toulliér. Во своите записки, Малте им се препушта на размислувањата и сеќавањата на смртта. Така, тој се сеќава на смртта на својот дедо, Кристоф Детлев Бриге, кој умирал долго во својата голема куќа во Улсгард, опкружен со слугите и предизвикувајќи ужас кај месните жители. Еден ден, додека шета низ Париз, тој се сеќава на една случка од детството, кога заедно со татко му, биле во посета на дедото (грофот Брахе) во Урнеклостер; таму, неколкупати ја видел силуетата на Кристина Брахе, која била мртва веќе неколку години.[2]

Следниот запис потекнува од престојот во националната библиотека, каде Малте чита поезија, а шетајќи низ градот размислува за својата сиромаштија, а потоа оди на лекарски преглед. Исто така, Малте им се препушта на сеќавањата од детството и младоста: смртта на Ингеборг; болестите; случката со необичната рака што ја видел додека си играл; времето поминато со мајка му; скришното разгледување на старите униформи на дедо му и ставањето на маските на лицето; скришното одење во галеријата со слики во потрага по сликата на Кристина Брахе и средбата со малиот Ерик; сеќавањата на баба му, строгата госпоѓа Маргарета Бриге; смртта на мајка му; сеќавањата на тетката Абелона Брахе; посетата на изгорената куќа на семејството Шулин; здодевните родендени; пишувањето на мемоарите на стариот гроф Брахе. Исто така, во овој дел Малте ги запишува и: сеќавањата на мртвото тело на татко му и прободувањето на неговото срце; својата страст кон читањето и омилената книга; стравот од смртта; размислувањата за осаменоста и соседите; сеќавањата на продавачот на весници; некои случки поврзани со кралот Шарл VI и папата од Авињон; размислувањата за љубовта; итн. Записките завршуваат со легендата за изгубениот син, кој го напуштил домот, затоа што не сакал да биде љубен, но потоа се вратил дома.[3]

Осврт кон делото

уреди

Во неговите писма од февруари 1912 година, Рилке дава кратко објаснување на романот, со следниве зборови: „Веќе некое време согледувам дека морам оние луѓе кои се нежни и исполнети со барање во развојот на своето битие, строго да ги опоменам за она што го прават да не бараат аналогија во „Записките“: кој ќе ѝ попушти на заводливоста и ќе тргне паралелно со оваа книга, нема да ја достигне целта; таа книга во суштината ќе го разнежи само оној кој ќе ја чита, така да се каже, спроти струјата. Тие „Записки“, бидејќи им придаваат голема важност на растеќките болки, укажуваат до колкава височина би можело да се крене блаженството, кога луѓето би го остварувале со изобилството токму на тие сили.“[4]

Иако станува збор за прозно дело, во „Записките“ Рилке се потврдува како поет на најделикатните струења на човечката душа. Истовремено со Марсел Пруст и со Џејмс Џојс, во романот Рилке го формулира новото чувствување на светот - длабоката вознемиреност на човекот која се раѓа од исконскиот страв од животот, поглед на светот кој Рилке го презел од данскиот философ Кјеркегор и поетот Ј. П. Јакобсен. На пример, мислите за суштината, длабочината и вечноста на творењето Рилке ги презел токму од Јакобсен.[1]

Во историјата на книжевноста многу се дебатирало за автобиографската веродостојност на одделни сеќавања од детството на главниот јунак: сеќавањата на мајката, на Ингеборг, на болеста, на авантурата со маската, на пасторот Јесперсен, на смртта на мајката, на ноќната средба со Ерик во галеријата со слики, на бабата и на мистериозната Абелона. Самиот Рилке одбивал да го изедначат со ликот на Малте. И навистина, голем дел од аристократските слики во Данска се преземени од Јакобсен, а тоа било предизвикано од желбата на Рилке да ги скрие интимните детаљи од неговото детство кое воопшто не било такво како што тој си фантазирал. Во голема мера, „Записките“ се противречно дело кое самиот автор го нарекува мозаик, зашто во него нема единство и ред. Сепак, набљудувано во целост, нема ниту една Малтеова мисла со која не се носел самиот Рилке, како ниту една развојна фаза низ која поминува Малте со која не се соочил и авторот.[5]

„Записките“ се дело посветено на стравот, а незаштитеноста е основното чувство кое преовладува кај Малте (Рилке). Оттука, зборовите од типот на страв, трепет, ужас, запрепастеност и престрашеност постојано се јавуваат низ целото дело. Малте е целосно немоќен во оние ситуации кои егзистенцијалистичкиот философ Јасперс ги нарекува гранични ситуации, кога човекот станува свесен за својата ништожност. Во „Записките“ се присутни омилените теми на Рилке: смртта, сиромаштијата, детството и љубовта. Притоа, делото може да се подели во три сфери: впечатоците од Париз, сеќавањата од детството и размислувањата како плод на Малтеовата начитаност. Првата сфера ја прикажува стварноста која му се наметнува на Малте, втората е стварноста која тој самиот си ја претставува, а третата е она што тој самиот го претвора во стварност, врз основа на историјата и легендите. Мислите на авторот постојано кружат околу смртта, а само детството е засолниште од смртта и претставува егзистирање во најчистата состојба. Сепак, најубави и највозвишени места во делото се оние во кои се зборува за љубовта, а размислувањата за неа завршуваат со раскажувањето за изгубениот син кој, всушност, е самиот Рилке. Патот од детството до љубовта и до смртта, потрагата по тој пат, ја претставува најдлабоката суштина на „Записките“.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Zoran Konstantinović, „O piscu i delu“, во: R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 161-162.
  2. R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 3-23.
  3. R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 23-155.
  4. R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 3.
  5. Zoran Konstantinović, „O piscu i delu“, во: R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 162-163.
  6. Zoran Konstantinović, „O piscu i delu“, во: R. M. Rilke, Zapisci Maltea Lauridsa Brigea. Beograd: Rad, 1964, стр. 163-165.