Ајзенах
Ајзенах (германски: Eisenach) — град во сојузната покраина Тирингија, Германија. Се наоѓа помеѓу северните падини на Тириншката Шума и националниот парк Хајних.
Ајзенах
Eisenach | |
Замокот Вартбург во Ајзенах | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Тирингија |
Округ | Урбан округ |
Градски единици | 11 |
Градоначалник | Катја Волф |
Основни податоци | |
Површина | 103,84 км2 |
Надм. височина | 220 м |
Население | 43.626 (31 декември 2006) |
- Густина | 420 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | EA |
Пошт. бр. | 99817 |
Повик. бр. | 03691 |
Портал | www.eisenach.de |
Местоположба на градот Ајзенах во Тирингија | |
Координати | 50°58′34″N 10°19′14″E / 50.97611° СГШ; 10.32056° ИГД |
Историја
уредиИсторијата на Ајзенах е поврзана со замокот Вартбург, кој според легендите бил изграден во 1067 г. Таму постоеле најмалку три населби под самиот замок, кои биле споени во град во втората половина на XII век. Градот Ајзенах бил првпат споменат во 1180 г.
Неколку сега славни настани се случиле на Вартбург во следните децении, најпознат е натпреварот на пејачите на Вартбург (Sängerkrieg, кој е дел од легендата на Танхојзер).
По војните за Тирингија (1247–1264), Ајзенах станал посет на династијата Ветин од Мајсен. Подоцна биле основани неколку мали држави на територијата на денешна Тирингија и Ајзенах станал кнежевство во 1521. Во 1809, Ајзенах станал дел од војводството Саксо-Вајмар-Ајзенах.
Ајзенах е познат како место каде живеел Мартин Лутер како дете, иако не е роден тука и подоцна бил заштитен од Фридрих III откако бил гонет поради неговите верски погледи. Додека престојувал во замокот Вартбург, го преведувал Новиот завет на германски јазик. Исто така, градот е познат како родно место на Јохан Себастијан Бах.
Во 1869 г. во градот е основана Социјалдемократската партија на Германија.
Главни знаменитости
уредиЗамокот Вартбург е најпозната туристичка атракција. Други знаменитости во градот Ајзенах се следниве:
Плоштади
уредиКарлсплац (Karlsplatz): околу црквата Св. Никола („Nikolaikirche“) и портата Св. Никола („Nikolaitor“), единствената зачувана порта од средновековните ѕидини во градот.
Марктплац (Marktplatz): главниот плоштад со црквата „Св. Ѓорѓија“ („Georgenkirche“), градското собрание, барокниот градски замок, како и многубројните административни градби со многу украси и куќите на трговците. Исто така вклучува позлатена фонтана изработена од Ханс Леонарт во 1549, во чест на Свети Ѓорѓија — покровител на Ајзенах.
Јакобсплан (Jakobsplan): именуван по капелата уништена во пожар во средниот век. Јакобсплан се состои од споменик на Свети Ѓорѓија во средината на плоштадот, дел од старите градски ѕидини (вклучувајќи една од кулите за надгледување и градината на Гете).
Фрауенплан (Frauenplan): мал дворски плоштад кој го носи името на Богородица. Црквата била уништена во склоп на стратегиите за одбрана во 1306. Денес, плоштадот е местото на куќата на Бах и споменикот посветен на Бах пред самата куќа.
Градски замок
уредиГрадскиот замок (Stadtschloss) се наоѓа во северниот дел на главниот плоштад и бил изграден помеѓу 1742 и 1745. Овој замок бил изграден според плановите на Готфрид Хајнрих Кроне, архитект на војводата Ернст Август I. Подоцна Јохан Волфганг фон Гете често престојувал тука како прв министер на Вајмар од 1777 па натаму. Денес, градскиот замок е место за специјални изложби и музеј на уметнички и историски артефакти од Тирингија.
Градско собрание
уредиОваа поранешна винска визба на плоштадот станала градско собрание на Ајзенах во 1596. Градбата била уништена од пожар во 1636, била повторно изградена во 1641. Јужниот дел на комплексот доживеал голема штета во нападите во 1945 во текот на Втората светска војна. Била обновена во 1996 како седиште на градската администрација.
Куќа Кројцнахер и војводска резиденција
уредиОстатоците од рана ренесансна градба, првично изградена од трговецот Кројцнахер во 1539, вклучува кула со спирални скали и подоцна поседувана од војводата Ернст Август, кој ја растурил помеѓу 1741 и 1743 со цел изградба на градскиот замок. По обновата, тука е сместено туристичкото биро на Ајзенах.
Куќа Лутер
уредиКуќата на Лутер е една од најстарите и најсликовити фахверк куќи зачувани во Ајзенах. Тука, Мартин Лутер живеел како дете во текот на неговите училишни денови во Ајзенах од 1498-1501. Моментално, оваа куќа вклучува музеј со мултимедијални изложби поврзани со овој период. Музејот е поделен на пет дела, каде може да се види животот на Лутер.
Куќа Бах и споменик
уредиСпоменикот на Бах бил изграден во 1884 од Адолф фон Дондорф. Финансиран од други познати музичари, споменикот го прикажува Јохан Себастијан Бах во поголема големина од вистинската во облеката од хорот во Свети Томас и перика. Се наоѓа на Фрауенплан веднаш до куќата посветена на него.
Куќата на Бах била прв музеј посветена на делото и животот на Јохан Себастијан Бах, отворена во 1906. Била основана од страна на „Neue Bachgesellschaft“. Куќата е стара над 600 години и се наоѓа близу местото на раѓање на Бах, кој е роден на 21 март 1685. Денес, музејот поседува неколку артефакти и мноштво музички инструменти од XVIII и XIX век.
Goldener Löwe
уредиНа 7 август 1869 била основана Социјалдемократската работничка партија (подоцна станал Социјалдемократска партија на Германија). Тука се прикажуваат три постојани изложби како и архивска библиотека, која може да се посети од посетителите. Здружението Август Бебел нуди курсеви и семинари на теми од историјата и политиката.
Музеј Ројтер-Вагнер
уредиИзграден од Лудвиг Бонштет помеѓу 1866 и 1868, оваа неокласична куќа била дом на Фриц Ројтер, познат поет на долногермански дијалект. По неговата смрт куќата припаднала на градот и сега ја поседува втората најголема изложба за Рихард Вагнер во светот.
Градина Картаус
уредиПривлечната градина е сè што преостанало од првобитниот картезијански манастир, кој осветен од Света Елизабета во 1380. Во 1700 станала кралска градина и во текот на времето на Гете бил променет во парк. Денес, посетителите се привлечени од мноштвото дрвја, патеките и цветните градини.
Тесната куќа
уредиОваа куќа е сметана за најтесната фахверк куќа во Германија. Била изградена пред 1750 и е широка само 2,05 метри. Внатре, посетителите може да видат неколку слики, скулптури и историски мебел.
Споменик Лутер
уредиСместен на Карлсплац, споменикот на Мартин Лутер бил изработен од Адолф фон Дондорф и бил поставен на 4 мај 1895, на 374. годишнина од пристигнувањето во замокот Вартбург. Во поголема големина од оригиналната, споменикот поседува и релјефи на кои се прикажани неколку настани во неговиот живот и престојот во Ајзенах, како и насловот на една од неговите познати химни.
Црква Св. Никола
уредиЦрквата Св. Никола, сместена на Карлсплац, е посветена на Свети Никола и се наоѓа во близина на поранешната истоимена градска порта, која е единствената зачувана од првичните пет порти. Црквата служи како парохија за бенедиктанскиот манастир во областа. Оваа базилика била изградена во 1190 и се смета за последен примерок на романската архитектура во Тирингија.
Црква „Св. Ѓорѓија“
уредиЦрквата на плоштадот била првпат изградена во XII век и подоцна обновена во барокен стил (кулата била додадена дури во 1902). Историски тука се одржала свадбата на Св. Елизабета со ландгрофот Лудвиг IV во 1221 и тука бил крстен Јохан Себастијан Бах во XVI век.
Театар Ајзенах
уредиПокраинскиот театар бил основан од Јулиус фон Ајхел-Штрајбер во 1879 и е изграден со проект на архитектот Карл Вајхарт. Подоцна бил обновен во 1993. Овој театар поседува капацитет за 600 лица и има два балкона. Се прикачуваат театарски претстави, опери, концерти и балети.
Споменик на студентите
уредиИзграден во 1902, споменикот се наоѓа на рид спроти замокот Вартбург во чест на членовите на студентското движење и други кои биле убиени во борбите за обединета Германија помеѓу 1864 и 1871. Споменикот кој достигнува висина од 33 метри и е посветен на честа, слободата и татковината, бил поставен на 22 мај 1902 и проширен во 1933 во чест на оние кои загинале во Првата светска војна. По обединувањето, братствата продолжиле да се сретнуваат во Ајзенах во чест на демонстрациите одржани во замокот Вартбург.
Железничка станица
уредиОбновена во 1904 во стилот „Gründerzeit“ со прекрасни витражи внатре во станицата. Однадвор, на прозорците е прикажана историјата на часовничарската индустрија во близина на Ајзенах, а одвнатре традицијата на автомобилското производство во Ајзенах.
Стопанство
уредиАвтомобилската индустрија е важен дел од економијата на Ајзенах. Германскиот производител Опел изградил нова фабрика во северозападниот дел на градот, откако фабриката за автомобилската марка Вартбург била затворена во 1989. Фабриката била отворена во 1992 и била посетена од американскиот претседател Бил Клинтон и сојузниот канцелар Хелмут Кол во мај 1998, како поддршка на САД за повторниот развој на источниот дел на Германија.
Бош исто така имаат фабрика во градот.
Сообраќај
уредиАјзенах се наоѓа на автопатот А4, кој се движи исток-запад, кој води преку Бад Херсфелд до областа Рајна-Мајна во Германија.
Вториот автопат Б7 води преку Касел до областа Рур. Б19 води до јужна Тирингија и Баварија.
Железничката станица Ајзенах е јазол на железниците Тирингија и Вера и опслужува бројни интерсити врски. Аеродромот Ајзенах-Киндел опслужува мали авиони, а најблискиот поголем аеродром е оддалечен 60 километри во Ерфурт.
Градски единици
уреди- Бертерода
- Хецелсрода
- Магелунген
- Нојенхоф-Хершел
- Нојкирхен
- Штокхаузен
- Штетфелд
- Штрегда
- Варта-Геринген
- Хофербертауе
Меѓународни односи
уредиАјзенах е збратимен со:
- Марбург на Лана, Германија, од 1988
- Седан, Франција, од 1991
- Веверли (Ајова), САД, од 1992, дом на Колеџот Вартбург
- Скандерборг, Данска, од 1993
- Могилов, Белорусија, од 1996
Луѓе
уреди- Ернст Абе (1840-1905)
- Мартин Лутер (1483–1546)
- Јохан Себастијан Бах (1685–1750)
- Херман Вислиценус (1825–1899)
- Хајнрих Либе (1908 - 1997)
Надворешни врски
уреди„Ајзенах“ на Ризницата ? |
- Официјална страница (германски) (англиски)
- Инфо-портал за градот (германски)
- Burschenschaftsdenkmal (германски)
- Локално радио (германски)
- Театар Ајзенах (германски)
Наводи
уреди- Венгирек, Мартина. Ајзенах. Sachbuchverlag Karin Mader. ISBN 3-921957-37-0.