Александар Филиповски
Александар Ацо Филиповски (Никифорово, Гостиварско, 15 март 1936) — македонски академски сликар.
Александар Ацо Филиповски | |
---|---|
Роден(а) | 15 март 1936 Никифорово, Гостиварско, Кралство Југославија |
Националност | Македонец |
Занимање | сликар |
Животопис
уредиФилиповски е роден е во мавровското село Никифорово на 15 март 1936 година како шесто дете од мајка Митра и татко Русе Филиповски. Родителите се занимавале со земјоделство и сточарство. Во родното Никифорово ги поминал првите детски години. По горењето на Никифорово во 1943 година и губењето на целиот имот и куќа, семејството било принудено да се пресели во Гостивар. По ослобдувањето на Гостивар на 18 ноември 1944 година и по создавањето услови за настава на мајчин јазик, тој бил запишан во прво одделение 1945 година. Во јуни 1945 година, во сообраќајна несреќа загинува неговиот најстар брат Чеде Филиповски - Даме, истакнат учесник во НОВ на Македонија. Со незавршено прво одделение на осум и пол години го напуштил семејниот дом и заминал да го продолжи школувањето и животот по детските домови низ Македонија, како „Александар Ранковиќ“ и „11 Октомври" во Скопје, „Гостивар“ во Гостивар, „Елпида Караманди" и „Лазо Трповски" во Битола. Уште од најрана младост покажал голем интерес и љубов кон цртањето. Во 1958 година ја завршил Школата за применета уметност во Скопје, отсек графика во класата на познатите сликари - професори: Љубомир Белогаски и Драгољуб Мартиноски – Пенкин. По завршување на училиштето заминал во Гостивар и сè до 1965 година работел во осмолетка како наставник по ликовно воспитување. Во 1965 година се вработил во Графичкиот завод „Гоце Делчев" како ликовен творец занимавајќи се активно со применета уметност. Во 1968 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) и од тогаш зел активно учество во заедничките изложби на друштвото. Во 1974 година вонредно ја завршил Педагошката академија „Св. Климент Охридски“ во Скопје -група ликовно воспитување. Професори му биле познатите уметници: Вангел Коџоман, Борко Лазевски, Ванчо Георгиевски, Димитар Кондовски, Спасе Куновски и Љупчо Стефановски. Во 1991 година заминал во предвремена пензија, посветувајќи се исклучиво на уметноста, активно работејќи на линорезот, акварелот, температа и маслото. Во октомври 1999 година во салоните на Музеј на Град Скопје ја презентирал јубилејната изложба, 1958-1998 година 40 години ликовно творештво, изложувајќи 21 цртеж, 31 линорез, 29 акварели –темпери и 50 масла. Во периодот од завршувањето на училиштето па до денес од своето ликовно творештво презентирал 25 самостојни изложби. На изложбите се презентирани цртежи, линорези, акварели, темпери и масла. Во истиот период во организацијата на ДЛУМ, земал активно учество на преку 60 заеднички изложби во земјава и странство.
Ја отпечатил и промовира неговата книга „Никифорово, нашето родно огниште", која претставува монографија за родното Никифорово. Во 2014 година ја промовирал и книгата „Чеде Филиповски - Даме: народен херој на Македонија“, која претставува монографија за неговиот брат.Во 2019 година ја провмовирал и монографијата „Александар Филиповски – Ацо“, која претставува дело во кое е преточен животниот и ликовниот пат на Филиповски и сето тоа збогатено со над 600 репродукции од неговото богато ликовно творештво.[1]