Александар Самарџиски
Александар Самарџиски (Смојмирово, Беровско, 1938 - 2001) бил познат македонски математичар, публицист и универзитетски професор[1].
Животопис
уредиСамарџиски е роден во беровското село Смојмирово во 1938 година. Со исклучок на првите две години, целиот свој работен стаж го поминал на Природно-математичкиот факултет во Скопје како асистент и наставник. Основно образование завршил во родното место, а средно во Берово. Во учебната 1957/58 година се запишал на групата за математика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1961 година. Завршил постдипломски студии по математика на Природно-математичкиот факултет во Белград со одбрана на магистерската работа под наслов "Коначне геометријске структуре". Во текот на 1972/73 година престојувал 14 месеци на Универзитетот во Тибинген, СР Германија, како стипендист на DAAD. На 1 јуни 1974 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов "За некои класи Штајнерови системи". По дипломирањето, 1961 до 1964 година (со прекин за отслужување на воената обврска), работел како професор по математика во гимназијата во Берово, а потоа се вработил како асистент по математика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во јануари 1972 година бил избран за доцент по геометрија, а во истото звање преминал и на новоформираниот Математички факултет. Во 1978 година бил избран за вонреден професор, а во 1984 година за редовен професор по геометрија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од 1968/69 година, како асистент, изведувал настава по елементарна и проективна геометрија. По изборот за доцент изведувал настава по предметите елементарна геометрија, проективна геометрија и алгебра (за вонредните студенти од Лесковац). По изборот за вонреден професор изведувал настава по геометриски трансформации, проективна геометрија, теорија на броеви, топологија, практикум, како и еден специјален курс по геометрија (геометрии над алгебри) на постдипломските студии во Приштина. Починал во 2001 година.
Библиографија
уредиСтручната и научната работа му е доста богата. Има објавено 19 научни трудови (од кои еден во странство), 3 збирки задачи по алгебра и векторска алгебра, 6 стручни труда, 11 учебници или учебни помагала за средно и високо образование, а бил и раководител на три научни проекти.
Литература
уреди- ПМФ 1946-2006, монографија; БУ бр. 331/1979.
Наводи
уреди- ↑ Список на наставници. Скопје: Природно-математички факултет.