Јанакија или Јанаки Стрезов — македонски преродбеник, учител и борец за обновување на Македонска православна црква - Охридска архиепископија.[1]

Јанаки Стрезов

Животопис

уреди

Семејните корени на Јанакија потекнуваат од охридското село Трпејца. Дедото на Јанакија, Ѓоре Стрезов, кој потекнувал од тоа село се преселил во Охрид и 40 години бил слуга на митрополитот Калиник. Јанакија се родил 1818 година. Татко му Петар бил турски воен аптекар, а мајка му Зајца била домаќинка. Јанаки имал четири сестри и еден брат кој бил терзибашија.

Основно училиште Ј.Стрезов го учел кај Иван Варнава, а по 1830 година, класно училиште завршил кај тогаш најпопуларниот учител Димитрија Миладинов во Охрид. Немал пари за да се издржува, па решил да го изучува терзискиот занает, кој во тоа време бил доста ценет. Затоа заминал во Битола, да го учи занаетот кај вујко му Ангеле Рогузаров, тамошен терзибашија. После некое време Јанаки се разболел и се вратил дома. Не станал терзија. Со помош на Димитрија Миладинов, Стрезов станал учител во Струга во учебната 1839/1840 година. Миладинов му помогнал затоа што Стрезов бил еден од неговите најдобри ученици. По една година работа, од Струга тој се префрлил да работи во училиштето во Охрид. Желен за понатамошно образование, заедно со Константин Миладинов, во 1850 година заминал во Атина. По две години и двајцата го прекинале студирањето. Откако се вратил дома, бил без работа од август 1852 до март 1853 година.

Потоа Јанакија се вработил како учител во Крушево, каде што работел заедно со тамошниот учител И.Евров, но поради некои недоразбирања со населението, по некое време ја напуштил работата. Јанакија Стрезов заедно со Димитрија Миладинов воделе огорчена битка за протерување од Охрид на злогласниот грчки свештеник Мелетија. Со тоа сакале да го отстранат грчкото влијание од Македонија и да ја обноват Охридската архиепископија. За таа цел собрале над 5000 потписи од охриѓани и со писмо од 4 април 1860 година се откажале од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Во 1859 година Јанакија се оженил со Василка Снегарова со која имал три деца. Јанакија долго живеел и како учител работел во повеќе места: Кукуш, Воден, Прилеп, Ениџе-Вардар, Солун и Богданци. Умрел 1903.

Наводи

уреди
  1. „Јанаки Стрезов“. Македонска нација. 17 мај 2017. Посетено на 12 октомври 2018.

Поврзано

уреди