Членконоги

(Пренасочено од Arthropod)
Членконоги
Период: камбриум – денес
Изумрени и денешни членконоги
Научна класификација
Царство: Животни
Потцарство: Ткивни
Нерангирано: Двострани
Натколено: Преслекувачи
Колено: Членконоги
Latreille, 1829
Потколена и класи

Членконогите (лат. Arthropoda од грчки: ἀρθρον — членче и грчки: πούς/ποδός — нога) се најголемиот и најразновидниот животински тип. Во членконоги спаѓаат раковите, инсектите, многуногите, клештарите и изумрените трилобити. Членконогите се одликуваат со сегментирано тело прекриено со сегментиран надворешен скелет (егзоскелет), со парни сегментирани додатоци на секој сегмент. Присутен е комплексен нервен систем со дорзален мозок (ганглија), со конективни нерви кои минуваат низ антериорниот крај на дигестивниот систем и вентрален нерв со ганглија во секој телесен сегмент. Имаат отворен тип на циркулаторен систем со дорзално срце во кое крвта тече низ парни отвори (остии) и многу редуцирана телесна празнина (целом). Поради тоа што поврзаниот егзоскелет го блокира растот на организмот, тој мора периоднично да се менува по пат на преслекување. Овој феномен наречен екдиза е карактеристична особина за овој тип животни; овозможува брзо растење и значајна промена во формата на телото сè додека новиот егзоскелет, секретиран од животното, не се стврдне. Членконогите се главно копнени животни, но водните претставници се исто така доста добро познати. Постојат неколку поттипови со шеснаесет класи. Меѓутоа, се среќаваат и разни други систематики.

Кај членконогите телото е покриено со еднослојна кожа што излачува цврст заштитен слој наречен хитин. Хитинот не е подеднакво дебел по целото тело. Помеѓу членчињата тој е потенок и еластичен што овозможува движење на одделни делови на телото. Хитинот го заштитува телото од механички повреди, од губење вода, а воедно тој претставува надворешен скелет за кој се прицврстени мускулите.

Основна структура на членконогите

уреди
 
Морфологија на членконогите: споредба меѓу инсект и пајак:
1-Антени и магзили
2-Глава и торакс
3-Телсон.
 
Рак.

Успешноста на членконогите во природата се должи на нивниот цврст надворешен скелет, сегментацијата и поврзаните телесни додатоци. Додатоците се користат за хранење, сетилна рецепција, одбрана и движење. Мускулниот систем е повеќе или помалку потпомогнат од хидрауликата која доаѓа од крвниот притисок создаден од срцето. Хидрауличниот систем е особено добро развиен кај пајаците.

Акватичните членконоги користат жабри за гасна размена. Овие жабри имаат екстензивна површина која е во контакт со околната вода. Копнените членконоги имаат внатрешни биолошки површини кои се специјализирани за размена на гасови. Инсектите и повеќето други копнени видови имаат трахеални системи: воздушни вреќички на кои се надоврзуваат каналчиња чиј друг крај се отвора во пори (наречени спиракули) надвор од телото во епидермалната кутикула. Другите имаат листовидни бели дробови, односно изменети жабри за дишење, присутни кај видовите како кокосната краба. Некои делови од нозете на војничките краби се покриени со кислородно апсорбирачка мембрана. Жабрените комори кај копнените краби понекогаш имаат две различни структури: една која е жабреста и служи за дишење во вода и друга специјално адаптирана за преземање на кислородот.

Членконогите имаат отворен циркулаторен систем. Хемолимфата со хемоцијанинот, респираторен пигмент заснован на бакар, се пропелира од страна на серии на срца во телесната празнина каде доаѓа во директен контакт со ткивата. Членконогите се протостоми. Кај нив постои целом, но е редуциран во тенка празнина околу репродуктивните и екскреторните органи, при што доминантна телесна празнина е хемоцелот исполнет со хемолимфа во која се капат органите. Членконожното тело е поделено на серии од различни сегменти, како и од предсегментален акрон кој обично ги потпира сложените и простите очи и постсегментален телсон. Овие сегменти се групирани во најразлични, специјализирани телесни региони наречени тагмата. Секој сегмент поддржува пар на телесни додатоци.

Кутикулата кај членконогите образува ригиден егзоскелет, составен главно од хитин, кој периодично се менува како што животното расте. Овие животни содржат и внатрешна зона (прокутикула) која е изградена од белковина и хитин и е одговорна за силината на надворешниот скелет. Надворешната зона (епикутикула) лежи на површината на прокутикулата. Таа е нехитинозна и претставува комплекс од белковини и липиди. Овозможува влажност и заштита на прокутикулата. Егзоскелетот има форма на чинии наречени склерити на сегментите, како и прстени на додатоците кои ги делат нив на сегменти одделени со зглобови. Овие особини ги одделуваат членконогите од нивните роднини онихофорите и тардиградите, наречени и лобопода.

Претставници

уреди

Поттип Trilobita

уреди
 
Asaphiscus wheeleri, трилобит од камбриумот.

Трилобитите сочинуваат целосно изумрена група на примитивни морски членконоги. Тие биле многу распространети во камбриумот и ордовикот, а станале истребени цо перм. Нивното зарамнето, овално тело било составено од глава покриена со дорзален штит, торакс, и терминален сегмент (пигидиум). Повеќе од 3.900 видви биле долги од 2,5 до 10 см, а некои планктонски форми биле помали, додека некои биле долги околу 76 см. Riarthrus eatoni е фосилен трилобит, чест во морињата од периодот ордовик.

Поттип Mandibulata

уреди

Мандибулатите ја сочинуваат најголемата и најваријабилната членконожна група и се одликуваат со присуството на изменети телесни додатоци (мандибули) на страната од устата кои ги користат како вилици. Постојат шест класи, сите карактеризирани со различните аспекти на телесната форма.

Класа Crustacea

уреди

Членовите на оваа класа се одликуваат со два пара на антени и два пара на изменети додатоци (магзили) кои се користат при хранењето. Постојат околу 40,000 видови на ракови (крустацеи), меѓу кои се јастозите, крабите, копеподите и голем број на минијатурни планктонски форми. Раковите се единствените членконоги кои се главно акватични (повеќето се морски видови). Некои, пак, се распространети во влажни станишта близу до вода. Имаат жабри за респирација. Градниот регион типично има нозе за одење (переиоподи) и опашен дел составен од пар на додатоци (уроподи), како и телсон. Нивните екскреторни органи се изменети нефридии што произведуваат разредена урина која содржи голем дел амонијак.

Класа Chilopoda

уреди
 
Harpaphe haydeniana, многунога.

Класата Chilopoda вклучува 5,000 видови на центипеди, од кои сите се копнени. Центипедите се месојади и грабливци, кои го имобилизираат својот плен (обично помали артроподи) со помош на нивните отровни канџи. Телото е составено од глава со пар на антени, пар на мандибули и два пара на магзили, како и труп со еден пар на нозе на секој сегмент. Предниот пар на додатоци на трупот (прехензори) е опремен со отровни жлезди. Јувенилните единки можат да имаат помалку додатоци отколку кај адултните. Нови сегменти се додаваат за време на растењето. Хилоподоте се наоѓаат во тропските и умерените климатски појаси.

Класа Diplopoda

уреди

Постојат околу 8.000 видови во оваа класа, која ги сочинува многуногите. Тие се среќаваат насекаде. Главата има пар на антени , пар на мандибули и два пара на магзили кои обично се споени во единствена уста, хилогнатариум. Многуногите имаат трахеален систем за респирација. Тие се растенојади или сапроби на мртов растителен материјал. Многу претставници се заштитени со жлезди кои произведуваат отров или непријатни соединенија.

Класа Pauropoda

уреди
 
Сино хеликоптерче (Enallagama cyathigerum), инсект.

Има околу 500 познати видови кои припаѓаат на оваа група. Пауроподите се со меки тела, мали (0,5 до 2 мм во должина), почвени членконоги и се космополити. Тие се елонгирани и имаат 9-11 пара на нозе, но немаат трахеи и срце.

Класа Symphyla

уреди

Членовите на класата Symphyla се брзи трчачи кои се долги од 2,5 до 10 см. Класата вклучува околу 160 видови. Тие се главно сапроби на изумрена вегетација, но еден вид, Scutigerella immaculata, е сериозен штетник на одредени посеви. Симфилите имаат дванаесет пара на нозе и се претставени од центипедите.

Класа Insecta

уреди

Класата Insecta е најголемата артроподна класа која се состои од илјадници видови. Освен неколку примитивни или високо изменети форми, инсектите се одликуваат со еден или два пара на крила прикрепени за тораксот. Главата има пар антени, пар мандибули и два пара на изменети магзили кои ги формираат усните делови. Абдоменот е добро издиференциран од тораксот и нема додатоци освен редуцирани кои се изменети во репродуктивни органи. Типичната глава на инсектите има сложени очи и едно или повеќе прости очи и е прекриена со егзоскелетен штит. Тораксот се состои од три сегменти, од кои секој носи пар на нозе. Последните два сегмента обично имаат пар на крила. Инсектите се главно копнени суштества и поседуваат трахеи за гасна размена. Се одликуваат со единствени екскреторни органи, познати како Малпигиеви цевчиња, кои се корисни при зачувувањето (конзервирањето) на водата.