Црква „Св. Пантелејмон“ - Горно Нерези
„Св. Пантелејмон“ — манастирска црква во истоимениот манастир во с. Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата изградена во македонски стил и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини.
Свети Пантелејмон
| |
Поглед на црквата во рамки на манастирот | |
македонска православна црква | |
Епархија | Скопска |
Местоположба | |
---|---|
Место | Горно Нерези |
Општина | Карпош |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Пантелејмон |
Изградба | 1164 година (XII век) |
Ктитор | Алексиј II Комнин - римски принц |
Архитектонски опис |
Историја
уредиЦрквата била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј I Комнин (1081 - 1118). За подигањето на црквата во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата, а чија содржината вели:
„Се разубави овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон со средства на господинот Алексеј Комнин, син на перфирородна госпоѓа Теодора во месец септември индикт 13 година 6673 (=1164), при игуменството на Јоаникиј монах“
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, во манастирот живееле 5 христијани, односно двајцата монаси Јанаки (60 годишен) и Атанас (70 годишен) и тројцата измеќари Ицко, Стојче и Михаил.[1]
Градба
уредиЦрквата која е изградена во македонски стил, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. За градење на црквата бил употребен обичен кршен камен, изваден во околината на манастирот и тули, кои со големо мајсторство се претворени во полихромни површини што го нагласува впечатокот како објектот да израснал од една монолитна стена, која во горниот дел завршува со една поголема осмострана и четири помали четиристрани куполи.
Од времето на градењето на црквата во 1164 година до 1555 година, кога во овој крај се случил еден од посилните земјотреси, манастирот бил целосно сочуван. Какви биле и колку настрадале старите манастирски конаци не е познато, но за црквата со сигурност се знае дека ја загубила централната купола во којашто, може да се претпостави, бил насликан Исус Христос Седржител, со фигурите на пророците фланкирани од страните на осумте прозорци. Биле оштетени и некои од сводовите, во кои биле насликани композиции што ги илустрираат Големите празници. Работејќи врз новиот живопис зографите настојувале да го сочуваат секој квадратен сантиметар од стариот, подредувајќи го својот цртеж и композиција кон фрагментарно сочуваните фигури од стариот живопис. Овие настојувања посебно ги илустрира композицијата „Причестувањето на апостолите“ насликана во просторот на апсидата, каде што под некои од новонасликаните светители се распознаваат и делови од телата на светителите што биле насликани во рамките на стариот живопис.
Во втората половина на XIX век врз постариот живопис бил насликан нов кој бил дело на невешт зограф, и со кој целосно бил покриен стариот живопис. Во 1926 година повторно е откриен поголем дел од стариот живопис.
Живопис
уредиНад цоклето кое имитира разнобојни мермерни плочи, во првата зона се насликани фигури на светители во цел раст - неповторлива галерија на ликови со максимално издиференцирани физиономии. Во просторот на олтарот, по столбовите и на ѕидовите на црквата се насликани допојасни претстави на светители во медалјони, меѓу кои, со својот прекрасен колорит и ненадминлива експресивност, посебно се истакнуваат ликовите на светите врачи Кузман и Дамјан.
Во источниот дел на црквата, на челната страна, во посебни, копаничарски обработени штукатурни рамки украсени со орнамент од преплет на лозница широки листови и стилизирани пауни, се насликани од едната страна патронот на црквата Св. Пантелејмон, а од другата Св. Богородица со малиот Христос во раце. Св. Пантелејмон е претставен како висок, нежен и облагороден младич, кој во десната рака држи скалпел, а во левата кутија за лекови. Овие фигури со своите штукатурни рамки сочинуваат една целина со камениот иконостас од кој до денес останале: архитривната греда, еден столб со капител и дел од парапетна плоча.
Живописот во нерешката црква, е дело на повеќе раце, пред сè на рацете на двајцата главни мајстори. Тие се разликуваат помеѓу себе не толку спорèд цртежот колку според колоритот. В. Лазарев смета дека живописот го работеле неколкумина мајстори (четворица или петмина) и дека главниот мајстор е повиканиот мајстор кој дошол од Цариград. Неговата рака го извела живописот на најодговорните и најосветлените делови во црквата, а на тој дел му припаѓаат и најзначајните досега сочувани композиции: Сретение, Преображение, Лазарево воскресение, Раѓање на Св. Богородица, Воведение на Св. Богородица во храмот, Влегување во Ерусалим, Симнување од крстот и Оплакување Христово. Вториот зограф, според Лазарев, најблискиот помошник на главниот мајстор кој ја работел композицијата на Евхаристијата (Причестувањето на апостолите) и некои од ликовите на светите воини, работи во помалку сигурен манир и слика со нешто поразводнети бои. На овие двајца главни мајстори им помагале и двајца или тројца ученици чии раце можат да се распознаат во живописот изведен во нартексот и страничните простории. Врвно дело на главниот зограв се композициите Оплакување Христово и Симнување од крст.
Предвесништво на ренесансата
уредиКомпозицијата „Оплакување Христово“ е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на нерешката црква. Но Оплакувањето во Нерези од сите нив се разликува, не толку по иконографските посебности, колку по извесни елементи што се покажуваат како достоинство на непознатиот зограф од Нерези. Во прв ред тоа е нагласеното истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Св. Богородица е насликана како мајка која плаче над својот мртов син. Нејзиното лице покажува болен израз на длабока болка, а погледот е вперен во лицето на мртвиот син кого што го држи во драматична прегратка.
Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија и дека всушност ги има сите потребни елементи што ја карактеризираат и Џотовата Св. Богородица, која е претставена како млада силна жена со малку натажено лице. Ова значи дека преобразбата во ликовниот израз својствена за него и раноренесансните дејци во Италија е всушност започната во Македонија, 150 години претходно. Споредувањето на сликарството на нерешките мајстори со Џото, само по себе наметнува едно прашање на ренесансните елементи во оваа сликарство. Ликовите и композициите изведени со рацете на нерешките мајстори, претставуваат единствена галерија на врвните достигнувања на уметноста од времето на Комнините кои пристигнале до нас.
Црквата Свети Пантелејмон како мотив во уметноста
уреди- „Свети Пантелејмон“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[2]
Поврзано
уреди„Црква „Св. Пантелејмон“ - Горно Нерези“ на Ризницата ? |