Уникат (Милорад Павиќ)

„Уникат (роман — делта)“роман на српскиот писател Милорад Павиќ од 2004 година.

Структура

уреди

Романот се состои од следниев делови:

  • Прва глава: Насмевка од педесет долари
  • Kenzo
  • Old spice
  • Poison
  • Втора глава: Златно јајце за бурмут со кокаин
  • Hugo Boss
  • Addict Dior
  • Magnum
  • Трета глава: Седмиот куршум
  • Must de Cartier pour homme
  • Antracite
  • Envergure pour homme
  • Addict Dior + Dolce & Gabanna
  • Addict Dior + Dolce & Gabbana + Poison
  • Четврта глава: Пресуди
  • Додаток
  • Извештај за соновите
  • Прв дел на Извештајот: Сон за Пушкиновата смрт — лента 1
  • Втор дел на Извештајот: Сон за чекорите — лента 2
  • Епилог или „Сината тетратка“

Содржина

уреди
  • Упатство за читање на оваа книга: На почетокот, авторот им дава совети на читателите за начинот на читање на книгата, истакнувајќи дека за секој читател романот завршува поинаку, односно читателот сам го избира својот крај, зашто романот има сто завршетоци.[1]
  • Прва глава. Насмевка од педесет долари: Алекса Клозевиц, андрогина личност, седи во една кафеана. Кога влегуваат двајца мажи, тој се пресоблекува во женска облека и излегува надвор. Меѓутоа, мажите го фаќаат и го носат кај еден човек од подземјето, познат како Винстон, кому Алекса му должи пари. Винстон му наредува на Алекса да убие еден човек и една жена. Човекот на фотографијата, кој треба да го убие Алекса, е Исаија Круз, управник на обложувалницата на градскиот хиподром. Алекса оди на хиподромот и таму го здогледува Исаија. На другата фотографија се наоѓа жената која треба да ја убие, а таа е Ливија Хехт, претседателката на управниот одбор на една банка. Затоа, Алекса оди во банката и таму ја здогледува Ливија.[2]
  • Втора глава. Златно јајце за бурмут со кокаин: Оперскиот пејач Дистели затекнува провалник во својот стан. Всушност, тоа е Алекса, преправен како девојка. Алекса му дава на Дистели телефонски број од еден продавач на иднината. Лемпицка оди во операта каде настапува нејзиниот љубовник Дистели. Тој ѝ раскажува за сонот што го измачува, а кој го купил од продавачот на иднината. Наскоро, Дистели е задржан во болницата поради рак на грлото, а таму сè уште го сонува Пушкин. По неговиот налог, Лемпицка го зема пиштолот од неговиот стан и тие се среќаваат во една кафеана. Дистели ѝ го раскажува својот иден сон според кој нема да умре од грлото. Тој оди на хиподромот и го убива Исаија Круз, а потоа се враќа во болницата, каде му се влошува здравјето и тој умира.[3]
  • Трета глава. Седмиот куршум: За време на сослушувањето, Лемпицка му кажува на полицискиот инспектор Еуген Строс за продавачот на иднината, а потоа двајцата одат во агенцијата, каде ги пречекува астрологот Сандра Клозевиц. По некое време, Лемпицка пак оди кај Сандра, која ѝ нуди да ѝ ги продаде нејзините идни сонови. Лемпицка се согласува, но најпрвин мора да оди во банката, каде ја прима шефот на обезбедувањето, Мориц Ерланген. Лемпицка изнајмува сеф и во него го става пиштолот на Дистели. Следниот услов што ѝ го поставува Сандра на Лемпицка е да имаат орален секс. Лемпицка се согласува и повторно ја посетува Сандра, а потоа сонува исечок од еден сон. Незадоволна, таа оди во агенцијата, а таму ја пречекува Алекса Клозевиц. Наскоро, Лемпицка започнува љубовна врска со Ерланген. Тие одат во Каиро, каде Лемпицка го сонува продолжетокот на својот сон во кој едно дете има орален секс со повозрасна девојка. По враќањето дома, таа пак го посетува Алекса и тие склучуваат спогодба за нов сон. Притоа, Алекса ѝ кажува дека нема да ја доживее 37-та година. За да го добие новиот сон од иднината, Лемпицка треба да убие некого, но под услов таму да биде присутен и Алекса. Лемпицка го зема пиштолот од сефот и оди во вилата на Ерланген, каде ја затекнува Ливија Хехт и ја убива. Тогаш, во вилата доаѓа Ерланген, кој ја убива Лемпицка. Алекса, кој е скриен зад завесата, му се претставува на Ерланген како случаен минувач-сведок на убиството за Ливија и му го дава телефонски број. Ерланген ја повикува полицијата.[4]
  • Четврта глава. Пресуди: На Ерланген му се суди за убиството на Лемпицка, додека Александар Клозевиц го судат за незаконско стекнување добивка од продажба на сонови. Ерланген е прогласен за виновен и осуден на затворска казна, а Клозевиц е ослободен од тужбата, но мора да приложи два извештаја за соновите на Дистели, заедно со две снимени ленти со опис на соновите.[5]
  • Додаток: Во првиот сон на Дистели, во својата соба, Пушкин зема три кукли, со нив прави магија и така добива идеја за драмата „Борис Годунов“ Кога ја завршува драмата, тој ги оживува куклите и ги пушта во светот. Потоа, Пушкин упорно го бара ѓаволот за да го праша нешто. Го проверува монахот (една од куклите), но тој не е ѓаволот, а потоа ја проверува девојката (другата кукла) и таа е ѓаволот. Кога ја прашува кога и како ќе умре, девојката не му одговара, туку го кани да одиграат сцена на двобој, а Пушкин ја ослободува. Најпосле, Пушкин се обидува и со третата кукла, но не успева, зашто таа се ослободува од магијата и Пушкин се откажува од потрагата по ѓаволот. Во вториот сон е прикажано дете кое ѕирка во креденецот, а внатре има непозната девојка. Понекогаш, детето слуша нечии чекори во соседната соба, а понекогаш мајка му кани гости кои повикуваат духови. При една сеанса се појавува дух кој се претставува како синот Виктор, кој тврди дека не тој, туку присутните гости се духови и дека се одамна умрени. Подоцна, за време на студирањето во Гренобл, Виктор ја среќава девојката Златија, ја носи во својот стан и во бањата таа ја пее истата песна што ја пеела девојката во креденецот од детството на Виктор. Виктор и Златија ја минуваат ноќта заедно, а утредента таа си оди, кажувајќи му дека можеби останала бремена со него. Потоа, Виктор никогаш повеќе не ја видел Златија. Во третото продолжение на сонот, еден постар човек одговара на писмото на ќерката на Виктор, кој е мртов, а дури по неговата смрт, ќерка му дознала дека тој ѝ е татко. Во писмото, човекот ѝ опишува како погинал Виктор во Првата светска војна и каде се наоѓа неговиот гроб.[6]
  • Епилог: Инспекторот Еуген Строс води дневник за случаите што ги истражува при што дневникот се прекинува на 1.11.2003 година, односно на денот на неговата смрт, кога бил убиен за време на една полициска акција. Подоцна, во август 2005 година, непознат сторител го дави Виктор, а две години претходно, при една средба со Строс, Алекса го најавува убиството на Винстон и тогаш Еуген се уверува дека Алекса е, всушност, ѓаволот. Инаку, во својот дневник, Строс запишува сто белешки, кои би можеле да бидат крај на романот. Во една прилика, тој посетува спиритистичка сеанса во Париз со цел да го открие виновникот за убиството на Лемпицка и тогаш го упатуваат кај некоја жена во Каиро. Тој истражува неколку сведоци и дознава дека во вилата на Ерланген бил присутен уште еден маж. Исто така, тој го истражува и убиството на Исаија Круз, но без никаков успех, а во истрагата се консултира и со психијатри. Во меѓувреме, Ерланген е пуштен условно на слобода. За време на истрагата, Еуген ги посетува Алекса, сестра ѝ на Лемпицка и други луѓе и најпосле заклучува дека Алекса Клозевиц стои зад убиствата, но не може да го сфати неговиот мотив. При една посета во агенцијата за сонови, Еуген открива дека Сандра има седум прсти на едната рака. Исто така, тој дознава дека Сандра и Ерланген одржуваат љубовна врска. Еуген оди во Каиро кај препорачаната гатачка и стапува во контакт со духот на Лемпицка, кој му ја праќа пораката „први ноември“. Еуген сонува туѓ сон во кој некој го известува дека е убиен Клозевиц. На 1.1.2003 година, Еуген го прави последниот запис во дневникот, а потоа оди на вечера, оставајќи го во сефот името на својот убиец.[7]

Наводи

уреди
  1. Milorad Pavić, „Unikat“, во: Poslednja ljubav u Carigradu – Unikat. Beograd: Vulkan, 2014, стр. 5.
  2. Milorad Pavić, „Unikat“, во: Poslednja ljubav u Carigradu – Unikat. Beograd: Vulkan, 2014, стр. 11-19.
  3. Milorad Pavić, „Unikat“, во: Poslednja ljubav u Carigradu – Unikat. Beograd: Vulkan, 2014, стр. 23-34.
  4. Milorad Pavić, „Unikat“, во: Poslednja ljubav u Carigradu – Unikat. Beograd: Vulkan, 2014, стр. 37-61.
  5. Milorad Pavić, „Unikat“, во: Poslednja ljubav u Carigradu – Unikat. Beograd: Vulkan, 2014, стр. 63-67.
  6. Milorad Pavić, „Unikat“, во: Poslednja ljubav u Carigradu – Unikat. Beograd: Vulkan, 2014, стр. 69-111.
  7. Milorad Pavić, „Unikat“, во: Poslednja ljubav u Carigradu – Unikat. Beograd: Vulkan, 2014, стр. 113-195.