Театарски роман
„Театарски роман (Записки на покојникот)“ (руски: Театральный роман (Записки покойника) - роман од рускиот писател Михаил Булгаков. Романот е пишуван во текот на 1936-1937 година, но не бил довршен.
Насловната страница од првото издание во списанието Нови мир | |
Автор | Михаил Булгаков |
---|---|
Јазик | Руски |
Жанр | Театарска фикција, полуавтобиографски роман, сатиричен роман |
Издавач | Нови мир (Нов свет) |
Издадена | 1965 |
Содржина
уредиРоманот се состои од предговор и 16 глави, распоредени во два дела:[1]
Прв дел
- Глава I Почеток на авантурите
- Глава II Напад на неврастенија
- Глава III Моето самоубиство
- Глава IV Мечот ми е при рака
- Глава V Необични случки
- Глава VI Катастрофа
- Глава VII
- Глава VIII Златниот коњ
- Глава IX Започна
- Глава X Сцени во чекалната
- Глава XI Се запознавам со театарот
- Глава XII Сивцев Вражок
- Глава XIII Ја дознавам вистината
- Глава XIV Таинствени чудотворци
Втор дел
- Глава XV
- Глава XVI Среќна женидба
Во предговорот, авторот раскажува дека записките ги добил во еден пролетен ден, кога во Киев извршил самоубиство нивниот автор, Сергеј Леонтиевич Максудов. Притоа, Максудов му ги испратил своите записи на својот единствен пријател кој, според желбата на покојникот, требало да ги поправи, да ги потпише и да ги издаде.
На 29 април, Максудов добил писмо од Ксавериј Илчин, режисер во Независниот театар, кој молел за средба со него. Кога возбудениот Максудов пристигнал во канцеларијата на Илчин, тој му кажал дека го прочитал неговиот роман. Максудов работел како уредник во списанието „Бродарство“ и по еден кошмарен сон, започнал да пишува роман. Кога го завршил, Максудов повикал повеќемина познаници и им го прочитал романот, но тие дале негативна оцена за него, тврдејќи дека тој никогаш нема да биде објавен. Максудов се обидел да го објави романот, но по неколку неуспешни обиди, го украл револверот од својот пријател и решил да изврши самоубиство. Меѓутоа, кога мислел да се убие, во неговиот стан дошол Иљја Иванович Рудолфи, уредник на литературното списание „Родина“, кој му ветил дека ќе го објави романот.
Максудов му го вратил револверот на својот пријател и потпишал договор за издавање на романот, добивајќи и одредена сума пари. Потоа, Максудов влегол во кругот на писателите, но потполно се разочарал од средбата со нив. Во меѓувреме, Рудолфи отпатувал во Америка и така, романот на Максудов воопшто не допрел до публиката. Максудов повторно се вратил на работа во списанието „Бродарство“, но решил да продолжи со пишувањето. За таа цел, тој ги набавил делата на сите познати современи писатели, а потоа почнал да пишува театарска пиеса. Тогаш, на крајот на април пристигнало писмото на Илчин.
Илчин бил воодушевен од романот на Максудов и побарал од него да напише пиеса која ќе ја постават на сцената на театарот. Така, Максудов започнал да ги посетува претставите и да се запознава со вработените во Независниот театар, така што набргу се вљубил во театарот. На крајот на август, тој ја довршил својата пиеса. Потоа, тој бил повикан од Иван Василевич, еден од двајцата директори на театарот, кој му дал забелешки со кои суштински се променила пиесата. Истовремено, во едно списание, завидливите непријатели на Максудов напишале текст со којшто се потсмевале на неговата пиеса.
По некое време, Максудов бил повикан во Независниот театар, каде што му соопштиле дека неговата пиеса нема да биде ставена на репертоарот. Максудов западнал во очај, а глумецот Бомбардов му раскажал дека на сите во театарот им се допаднала пиесата, меѓутоа против него се здружиле постарите глумци кои, поради возраста, не одговарале за улогите во пиесата. Максудов ја поминал есента затворен дома, во големо разочарување, но кон крајот на јануари одненадеж добил покана да дојде во театарот, каде започнале пробите за неговата пиеса. Таму бил присутен и Иван Василевич, поради кого пробите се одолговлекувале со денови и недели, а Максудов чувствувал нетрпеливост кон него и неговиот метод на работа.[1]
Изданија на македонски јазик
уредиИздание на „Бегемот“ од 2013 година
уредиКнигата, издадена во склоп на библиотеката „Арс Магна“, има 207 страници, во мек повез, со обем од 18 сантиметри. Преводот од руски јазик го направил Јане Јованов, ликовното уредување го извршил Бојан Димитриевиќ, јазичната редакција е дело на Филип Димевски, а компјутерската обработка на текстот е извршена во „Бегемот“. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје, со меѓународната ознака ISBN 978-608-65306-9-3. Книгата е испечатена во печатницата „Темпора веритас“ од Скопје. Издавањето на книгата било финансиски поддржано од Министерството за култура на Македонија.[1]
Издание на „Магор“ од 2014 година
уредиКнигата, во обем од 174 страници, е отпечатена во мек повез, со димензии од 20 сантиметри и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-223-359-8.[2]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Михаил Булгаков, Театарски роман. Скопје: Бегемот, 2013.
- ↑ „kupikniga.mk (посетена на 4.9.2015)“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-09-03.