Тартиф
Тартиф (француски: Le Tartuffe ou L’Imposteur) — драма (од жанрот комедија) на Молиер. Драмата била за првпат поставена на 9 јануари 1669 година. Таа припаѓа на литературниот правец класицизам.[1]
Изданието на Детска радост | |
Автор | Молиер |
---|---|
Земја | Франција |
Жанр | комедија |
Ликови во драмата
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови:[2][3]
- Госпоѓата Пернел, мајката на Оргон
- Оргон
- Елмира, неговата жена
- Дамис, неговиот син
- Маријана, неговата ќерка
- Валер, свршеникот на Маријана
- Клеант, шурата на Оргон
- Тартиф, лицемерен богомолец
- Дорина, придружничката на Маријана
- Г-н Лоајал, судски извршител
- Полицаец
- Флипота, слугинката на г-ѓа Пернел
Содржина
уредиДејството на драмата се одвива во Париз.
Прв чин
уредиВо домот на благородникот Оргон се доселил побожниот човек Тартиф, кого Оргон и неговата мајка, г-ѓата Пернел го возвишуваат, додека сите други членови на семејството го напаѓаат, нарекувајќи го измамник. Кога Оргон се враќа дома, неговиот шура Клеант се обидува да го убеди во лицемерието на Тартиф, но Оргон е заслепен од неговата побожност. Клеант го прашува Оргон за плановите во врска со мажачката на неговата ќерка Маријана, а Оргон дава неодреден одговор.[4]
Втор чин
уредиОргон ѝ ја соопштува на Маријана својата одлука да ја омажи за Тартиф, наместо за свршеникот Валер. Маријана му се покорува, додека нејзината придружничка Дорина остро му се спротивставува на Оргон, а потоа ја прекорува Маријана за нејзината послушност кон татко ѝ. Слушајќи ги тие вести, Валер ја посетува Маријана и меѓу нив доаѓа до кавга, но Дорина успева некако да ги смири.[5]
Трет чин
уредиТартиф ѝ изјавува љубов на Елмира, сопругата на Оргон, но таа го одбива. Љубовната изјава на Тартиф ја слуша и синот на Оргон, Дамис, кој му кажува на Оргон. Тартиф го признава својот грев, но Оргон го обвинува својот син за клевета и го брка од домот. Тартиф лицемерно му соопштува на Оргон дека ќе ја напушти куќата, но Оргон го моли да остане и му соопштува дека ќе му го препише имотот.[6]
Четврти чин
уредиКлеант го обвинува Тартиф за лицемерното однесување. Оргон јавно ја соопштува својата одлука да ја омажи Маријана за Тартиф, а Елмира го замолува да се скрие во собата и самиот да го слушне додворувањето на Тартиф. Подоцна, таа го повикува Тартиф во својата соба, а Оргон се крие под масата. Кога Тартиф ќе посака да води љубов со Елмира, Оргон го брка од својот дом, но Тартиф му се заканува, изјавувајќи дека тој е сопственик на куќата.[7]
Петти чин
уредиВо домот на Оргон доаѓа судски извршител, кој му дава рок од еден ден за да се исели. Положбата на Оргон е влошена уште повеќе, бидејќи претходно тој му дал на Тартиф некои документи кои докажуваат дека Оргон му помогнал на еден свој пријател да побегне од одмаздата на кралот. Тартиф, пак, тие документи му ги предал на кралот. Во куќата доаѓа Валер, кој веќе организирал како Оргон безбедно да се засолни. Но, токму тогаш, во куќата доаѓа Тартиф со еден полицаец, кој треба да го уапси Оргон. Додека Тартиф задоволно ги трие рацете, полицаецот го апси него, бидејќи кралот дознал за неговите злобни постапки. Истовремено, поради претходните заслуги, кралот му го простува гревот на Оргон. Благодарниот Оргон ја прогласува својата одлука да ја омажи Маријана за Валер.[8]
За ликот Тартиф
уредиПрвата црта со која се одликува Тартиф е сложената тактика со која се служи при измамата на луѓето што му требаат. Лицемерството, интригата, способноста брзо да ги открие слабите страни на човечката душа, се средствата со кои се служи Тартиф.
Втората одлика е тоа што нема измама и лага кои Тартиф не би можел да ги оправда со повисока цел. Тој го прима подарокот (куќата на Оргон) единствено од страв дека имотот може да падне во лоши раце, и дека нема да биде употребен како што треба. Дури и кога доаѓа за да го истера Оргон од неговата сопствена куќа, тој себеси се нарекува „одмаздник на небото“. Оваа одлика е толку вкоренета во душата на Тартиф, што тој кога го прививкува Господ изгледа искрен.
Третата црта на Тартиф се одвратните одлики на неговата душа во моментот кога ја трга маската и се покажува каков е, а тој е лаком, ненаситен, а најмногу развратник, што претставува остра спротивност на она што самиот го зборува. Во додворувањето кон Елмира, Тартиф покажува необичен цинизам. Но, можеби најважна особина на Тартиф е тоа што тој има врски насекаде, и во дворот и во административните кругови. Тој брзо го наоѓа полицискиот службеник кога му затребал, и лесно може да дојде до кралот. Лесно може своето лично прашање да го претвори во општо државно прашање. И во моментот кога станува против Оргон, тој се претвора во ревносен шпион.
Како и бројни други големи дела, „Тартиф“ може да биде сфатен на повеќе начини. Уште со првобитниот наслов „Тартиф или лажливец“ Молиер сакал да се одбрани од нападите на католиците, нагласувајќи дека ги исмејува само лицемерите, а не и вистинските верници. И во самото дело има стихови што ја потврдуваат таа теза. Сепак, постојат и мислења дека на тој начин авторот само сакал вешто да се одбрани од потенцијалните напади на непријателите. Навистина, членовите на моќната организација „Света причеста“ истакнувале дека неговата критика се однесува на сите побожни луѓе. Во секој случај, личноста на Тартиф е толку силно прикажана што на режисерите и на глумците им дозволува широки можности за интерпретација. Исто така, темата воопшто не е локална, туку универзална бидејќи, покрај луѓето кои цврсто веруваат во одредени идеи, секогаш ќе постојат и лицемери. Вештината на Молиер во ова дело се состои не само во прикажувањето на главниот лик, туку и во извонредната постепеност на дејството која што делумно е расипана со брзоплетиот и неверојатен расплет.[9]
Постанокот на делото
уредиВо мај 1664 година, во Версај биле поставени трите чина на „Тартиф“. До денес останува отворено прашањето, дали се работи за трите чина на комедијата што Молиер веќе претходно започнал да ја пишува или пак станува збор за целосно нова верзија на ова дело. Во секој случај, кралицата-мајка и благородниците издејствувале забрана на „Тартиф“.[10] Новата верзија на „Тартиф“, овојпат во пет чина, била прикажана во август 1667 година, откако претходно била читана и играна на приватни средби. Искористувајќи го отсуството на кралот, цензурата го забранила делото веднаш по првата претстава. Забраната била тргната во февруари 1669 година и само во таа година, „Тартиф“ бил прикажан 45 пати во театарот и петпати приватно.[9] Во молбата упатена до кралот во врска со прикажувањето на „Тартиф“, Молиер напишал: „Бидејќи комедијата има за цел да ги поправа луѓето забавувајќи ги, сметав дека како комедиограф најдобро ќе сторам ако ги нападнам, сликајќи го смешното, пороците на мојот век.“ Сепак, поуките застапени во неговите дела никогаш не се претвораат во морализирање. Напротив, токму поуката и комичното, поврзани со реалистичниот приказ на луѓето, им даваат карактер на неговите комедии и им даваат долговечност.[11]
Критички осврт кон делото
уреди„Тартиф“ зазема едно од централните места во творештвото на Молиер, како по силната сатира содржана во делото, така и според книжевно-естетските и сценските квалитети. Во прв ред, „Тартиф“ е сатира на лажната набожност, но делото се толкува и како сатира на религијата, воопшто. Така, освен Оргон и неговата мајка, сите други ликови во делото се лишени од религиозност при што тие се насликани така што симпатиите на читателот се на нивната страна. Токму поради оваа црта во делото, Молиер бил остро нападнат од клерикалните кругови кои се труделе да го забранат прикажувањето на комедијата. Во продолжение, „Тартиф“ претставува автентично остварување и според книжевно-сценските квалитети, одликувајќи се со класицистичките поставки на единство, точност, мера и јасност. Притоа, сцените течат една по друга и секоја сцена ја најавува следната, а ликовите се насликани мајсторски. Исто така, стиховите, напишани во александриски стил, се одликуваат со висок квалитет. Единствената забелешка што критичарите ја упатуваат кон делото е поврзана со неочекуваниот крај, кога кралот се јавува како спасител на ситуацијата. Всушност, станува збор за постапката „deus ex machina“ која Молиер ја презел од античката драма.[12]
Според Гете, „Тартиф“ претставува голем урнек во поглед на експозицијата и светот никогаш повеќе нема да доживее таква експозиција, таа е најголемото и најдоброто нешто што постои.[13]
Изданија на македонски јазик
уредиВо 1970 година, „Тартиф“ бил објавен во издание на „Македонска книга“ во рамките на библиотеката „Атлас“, а во препев на Лазо Каровски. Техничкото уредување и нацртот на корицата го направил Коста Бојаџиевски, а коректор била Љупка Лазарова. Книгата била отпечатена во графичкиот завод „Гоце Делчев“ во август 1970 година, а во тираж од 10.000 примероци. Изданието не е каталогизирано и не ја содржи меѓународната ознака ISBN.[3]
Во 2002 година се појавило изданието на „Матица Македонска“ во препев на Паскал Гилевски. Книгата, со димензии од 20 сантиметри и со обем од 162 страници, била отпечатена во печатницата „Графостил“ во тираж од 1.000 примероци. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја содржи меѓународната ознака ISBN 9989-48-457-0.[14]
Наводи
уреди- ↑ Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 120.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962.
- ↑ 3,0 3,1 Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 7-25.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 26-51.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 52-69.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 70-86.
- ↑ Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 87-104.
- ↑ 9,0 9,1 N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 206.
- ↑ N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 205.
- ↑ Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 114-115.
- ↑ Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 118-120.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 73.
- ↑ Жан Батист Молиер, Тартиф. Скопје: Матица македонска, 2002.
Надворешни врски
уреди- Plot overview Архивирано на 8 октомври 2006 г. (in French)
- Free Project Gutenberg etext of Tartuffe (in English)
- Free Project Gutenberg etext of Tartuffe (in modern English verse)
- Theatre History
- Bartleby
- CliffsNotes Архивирано на 19 декември 2006 г.
- Cummings Study Guides
- Tartuffe in Texas (in English)