Хектор: Разлика помеѓу преработките

Избришана содржина Додадена содржина
Создадена страница со: == Хектор == Во грчката митологија, ''Hectōr'' (''Ἕκτωρ''), или ''Hektōr'', бил тројански принц...
(нема разлика)

Преработка од 22:38, 27 април 2013

Хектор

Во грчката митологија, Hectōr (Ἕκτωρ), или Hektōr, бил тројански принц и најголемиот воин на Троја во Тројанската војна. Како првороден син на кралот Пријам и кралицата Хекаба, потомок на Дардан, кој живеел под планината Ида, како и на Трос, основоположникот на Троја, [1] тој бил принц од кралската куќа и наследник на тронот на својот татко. Тој бил оженет за Андромаха, со која имал син, Скамандриј (кого Тројанците го викале Астијанакт). Тој бил водач на Тројанците и на нивните сојузници во одбраната на Троја, убивајќи 31 грчки воин. [2] Во европскиот Среден век, Хектор има улога како еден од Деветте достоинственици, забележал Жак де Лонжијон, познат не само по својата храброст туку и по својот благороден и љубезен карактер. Хомер го прикажува Хектор како мирољубив, грижлив, како и храбар, добар син, сопруг и татко, без скриени намери. Кога Тројанците се расправале дали предзнаците се благонаклонети, тој одговорил: „Еден предзнак е најдобар: одбраната на татковината.“

Етимологија

На грчки, Héktōr е дериват на глаголот ékhein, архаична форма hékhein, „да се има“ или „да се држи“. Héktōr, или Éktōr како што е во аолската поезија, исто така е и епитет на Зевс за неговото својство како „оној кој држи (сѐ заедно)“. Името на Хектор според тоа може да има значење „држи“. [3]

Грчка митологија

Според Илијада, Хектор не ја одобрувал војната меѓу Грците и Тројанците.

Ахајците и нивните сојузници од истокот десет години ја опседнувале Троја. Хектор со повеќе потчинети управувал со Тројанската војска, вклучувајќи ги и неговите браќа Дејфоб, Хелен и Парис, како и Полидамант. Сепак, според кажувањата, Хектор бил најдобриот воин кого Тројанците и нивните сојузници можеле да го изберат, а неговите борбени вештини биле почитувани и од Грците и од неговите луѓе.

Диомед и Одисеј, кога се соочиле со неговиот напад, го опишале како „непобедлив брз терор“ и „лудак“, според преводот на Роберт Феглс.

Двобои со воините

Двобој со Протесилај

Во Илијада, подвизите на Хектор во војната пред настаните во книгата се резимирани. Тој се борел против грчкиот првак Протесилај на почетокот од војната и го убил. Според пророштвото, првиот Грк кој ќе стапне на тројанска земја ќе умре. Протесилај, Ајант и Одисеј поради тоа не слегувале на брегот. На крајот, Одисеј го фрлил својот штит и стапнал на него, а Протесилај скокнал после него од својот брод. Во борбата што претстоела, Хектор го убил, исполнувајќи го пророштвото.

Двобој со Ајант

По советот на својот брат Хелен (кој исто така бил пророк) и бидејќи му било кажано дека сѐ уште не му е време да умре, Хектор успеал да ги собере двете војски и да предизвика кој било од грчките воини во борба. [4] Аргајците во почетокот биле неволни да го прифатат предизвикот. Сепак, по Несторовото критикување, девет грчки херои го прифатиле предизвикот и влечеле ждрепка кој ќе се соочи со Хектор. Победил Ајант и се борел со Хектор во нерешена борба цел ден. Поради тоа што никој од нив не успевал да победи, и двајцата изразиле восхит за храброста, вештините и силата на другиот. Хектор му го дал на Ајант својот меч, со кој Ајант подоцна се самоубил. Ајант му го дал на Хектор својот појас, кој подоцна било искористен за да се заврзи телото на Хектор за кочијата на Ахил со која тој бил влечен околу ѕидините на Троја.

Грците и Тројанците склопиле примирје за да ги закопаат мртвите. Во раната зора на следниот ден, Грците го искористиле тоа за да изградат ѕид и да ги фрлат наоколу бродовите, додека Зевс гледал од далеку. [5]

Двобој со Ахил

Друго споменување на Хекторовите подвизи во почетните години на војната е дадено во деветтата книга на Илијада. За време на пратеништвото кај Ахил, Одисеј, Феник и Ајант се обидувале да го натераат Ахил повторно да се придружи во војната. Во својот одговор, Ахил укажал на тоа дека сега Хектор ги тероризира грчките сили; додека тој самиот се борел во првите редови, Хектор „немал желба“ да ги одведе своите сили зад ѕидините и надвор од Скејската порта и во близина на дабот. Тој потоа се пожалил: „Таму тој стоеше пред мене сам, еден ден, и одвај побегна од мојот напад.“

Во филмската верзија на Троја од 2004 година, Ахил го погубува Хектор по двобојот, додека во Илијада тоа е поинаку. Хектор останал зад ѕидините, додека неговата војска побегнала во градот. Како што Ахил се приближувал, Хектор не попуштал, се борел и умрел гледајќи кон Троја. Филмската верзија на неговата смрт е слична на борбата меѓу прваците спомената од Ахил во Илијада, книга 9.

Во десеттата година од војната, забележувајќи дека Парис избегнува војна со Менелај, Хектор го обвинил Парис поради тоа што ѝ донел неволја на целата земја и сега одбива да се бори. Парис поради тоа предложил борба меѓу себе и Менелај, а Елена да отиде со победникот и со тоа да заврши војната. [6] , сепак, довел до нерешавачки крај поради интервенцијата на Афродита која го одвела Парис надвор од бојното поле. Откако Пандар го ранил Менелај со стрела, борбата започнала повторно.

Грците нападнале и ги прогониле Тројанците. Хектор морал да изврши против-напад. Неговата жена, Андромаха, држејќи го во своите раце нивниот син Астијанакт, го задржала пред портата, молејќи го да не оди надвор од ѕидините поради неа и нивниот син. Хектор знаел дека Троја и куќата на Пријам биле проколнати да паднат и дека мрачната судбина на неговата жена и син ќе биде да умрат или да бидат робови во туѓа земја. Со разбирање, сочувство и нежност тој ѝ објаснил дека лично тој не може да одбие да се бори и ја утешил со мислата дека никој нема да го убие сѐ дури не дојде неговото време. [7] Одблесокот од бронзениот шлем го исплашил и го расплакал Астијанакт. [8] Хектор се соблекол, ги прегрнал своите жена и син и поради неа започнал да му се моли гласно на Зевс за неговиот син да биде водач по него и да стане пославен во битка од него.

Хектор и Парис поминале покрај портата и ги собрале Тројанците, предизвикувајќи пустош меѓу Грците.

Тројански против-напад

Зевс ги мерел на вага судбините на двете војски и судбината на Грците почнала да паѓа. Тројанците ги притиснале Грците кон нивните логори преку каналот и ѕидот и ќе стигнеле и до нивните бродови, ако Агамемнон лично не ги соберел Грците. Тројанците биле истерани. Паднала ноќта и Хектор решил да го преземе логорот и да ги запали бродовите следниот ден. Тројанците логорувале во бојното поле.

„Илјада логорски огнови блескаа на рамнината...“ .[9]

Следниот ден Агамемнон ги собрал Грците и ги истерал Тројанците

„како стадо крави полудени од страв кога лав ги напаѓа...“ [10]

Хектор се воздржал од битка додека Агамемнон да го напушти бојното поле, ранет со копје во раката. Потоа Хектор ги собрал Тројанците:

„како некоја бесна бура што ненадејно се нафрла врз морето...“

Диомед и Одисеј го спречиле Хектор, а со тоа им дале малку време на Грците да се повлечат. Но, Тројанците го нападнале ѕидот и почнале да удираат врз него. Грците во логорот се бореле со портите за да обезбедат влез за своите побегнати воини. Тројанците се обидувале да ги соборат бедемите додека Грците пуштале дожд од стрели врз нив. Хектор ја разбил портата со голем камен, ја исчистил портата и ги повикал Тројанците да се качуваат по ѕидот, што тие тоа и го направиле и

„сѐ беше врева и мешаница.“ [11]

Борбата беснеела во логорот. Хектор паднал, погоден од каменот што го фрлил Ајант, но Аполон слегол од Олимп и му дал сила на „пастирот на луѓето“, кој наредил напад со кочии, при што Аполон го расчистил патот. По многу битки, смрт, фалби, закани, епитети, стилски фигури, приказни, поезија и книги во Илијада, Хектор го заземал бродот на Протесилај и повикал за оган. Тројанците не можеле да му го донесат, бидејќи Ајант го убивал секој што ќе се обидел. На крајот, Хектор го скршил копјето на Ајант со својот меч, со што го натерал да се предаде и при тоа го запалил бродот. [12]

Овие настани се случувале според волјата на боговите, кои пресудиле дека Троја ќе падне и поради тоа планирале да го намамат Ахил назад во војната. Патрокле, најблискиот придружник на Ахил, маскиран во оклопот на Ахил, влегол во борба предводејќи ги Мирмидонците и останатите Ахајци да ги натераат Тројанците да се повлечат. Откако Патрокле ја победил Тројанската војска, Хектор помогнат од Аполон и Еуфорб, го убил Патрокле, фалејќи се врз него:

„Јас сум најголемиот од сите тројански воини кој го одложи денот на ропството од нив; а што се однесува до тебе, мршојадци ќе те изедат овде.“

Патрокле, кој бил на умирање, му вратил:

„...смртта и твојот суден ден се блиску...“ [13]


Последната борба на Хектор

За жал боговите ме намамија кон мојата пропаст. ...смртта сега навистина е многу блиску и нема исход од неа-бидејќи така Зевс и неговиот син Аполон, далеку-стрелачот сакаа, иако досега секогаш беа подготвени да ме заштитат. Мојата пропаст ме стигна; тогаш не дозволувај да умрам неславно и без борба, туку дозволи ми прво да направам нешто големо што ќе биде раскажувано меѓу луѓето од сега натаму.

— -Хектор му зборува на Ахил додека се соочува со него, по промашено замавнување со копје, Илијада, книга XXII, стихови 229-305

Хектор го соблекол Ахиловиот оклоп од паднатиот Патрокле и им го дал на своите луѓе да го однесат во градот. Главк го обвинил Хектор дека е плашливец бидејќи не го предизвикал Ајант. Налутен, Хектор повикал да му го дадат оклопот, го облекол и ги собрал Тројанците. Зевс го сфатил облекувањето на оклопот на херојот како чин на дрскост од страна на една будала која ќе умре, но тоа само го направило да биде порешителен засега. [14]

Следниот ден, гневниот Ахил го отфрлил бесот што го држел подалеку од борбата и ги натерал Тројанците да се повлечат назад кон градот. Хектор избрал да остане надвор од портите на Троја и да се соочи со Ахил, делумно бидејќи да го послушал Полидамант и да се повлечел со своите трупи претходната ноќ, Ахил немало да убие толку многу Тројанци. Сепак, кога го видел Ахил, тој бил преплашен и почнал да бега, а Ахил го бркал три пати околу градот. Хектор потоа го надминал својот страв и се соочил со Ахил. Но Атена, преправена како Хекторовиот брат Дејфоб, го измамила Хектор. Тој побарал од Ахил, победникот да го врати телото на другиот по двобојот, (иако самиот Хектор јасно кажал дека планирал да го фрли телото на Патрокле на кучињата), но Ахил одбил. Ахил го фрлил своето копје кон Хектор, кој го избегнал, но Атена го вратила повторно во рацете на Ахил без Хектор да забележи. Потоа Хектор го фрлил своето копје кон Ахил, кое го погодило неговиот штит, но без корист. Кога Хектор се вратил да се соочи со својот наводен брат за да добие друго копје, видел дека таму нема никој. Во тој момент, тој сфатил дека е осуден на пропаст. Хектор одлучил да продолжи да се бори и дека луѓето ќе зборуваат за неговата храброст во годините што доаѓаат; желбата да постигне вечна чест била една од најжестоките кај војниците кои живееле во тимократско (засновано на чест) општество во тоа време.

Хектор го извадил својот меч, кое сега било негово единствено оружје, и нападнал. Ахил, кој знаел дека слабата точка на неговиот стар оклоп, кој Хектор сега го носел, е на вратот, замавнал со копјето низ оклопот во грлото на Хектор, но ги промашил гласните жици. Хектор, во неговите последни моменти, го молел Ахил да добие чесен погреб. Сепак, Ахил му возвратил дека ќе ги пушти кучињата и мршојадците да го јадат Хекторовото месо. (Низ Химеровите поеми, неколку обраќања се направени кон кучињата, мршојадците и други суштества што ги јадат мртвите. Тоа може да се сфати како друг начин да се каже дека некој ќе умре.) Хектор умрел, пророкувајќи дека Ахиловата смрт ќе дојде набрзо.

По неговата смрт, Ахил ги пресекол петите на Хектор и го провлекол појасот што Ајант му го дал на Хектор низ пресеците на петите. Потоа го заврзал појасот за својата кочија и го влечел паднатиот непријател низ прашината на данајскиот логор. Следните дванаесет дена, Ахил го малтретирал телото, но Аполон и Афродита го заштитиле телото од сите повреди. По овие дванаесет дена, боговите повеќе не можеле да го гледаат малтретирањето и испратиле два гласници: Ирида, божица на гласниците и Тетида, мајката на Ахил. Тетида му рекла на Ахил да му дозволи на кралот Пријам да дојде и да го земе телото заради откуп. Кога кралот Пријам бил известен дека Ахил ќе му дозволи да го побара телото, тој отишол до неговиот трезор за да земе откуп за телото на Хектор. Откупот што кралот Пријам го понудил вклучувал дванаесет убави одежди, дванаесет бели наметки, неколку богато извезени туники, десет плочки жолто злато, посебен златен пехар и неколку котли. Кралот Пријам набрзо отишол да го побара телото и Хермес му обезбедил безбеден премин фрлајќи магија што правела секој што ќе го погледне да заспие.

Помисли на својот татко и погледни го ова беспомошно лице! Види го него во мене, исто така беспомошен и стар! Иако не толку беден: првиот од мажите во апсолутна мизерија! Вака приморан да коленичам, вака понижен да ја прифатам казната и пропаста на моето кралство и племе: понижен молител на убиецот на моите деца да го преколнувам, и да ги бакнувам тие раце иако смрдат со нивната крв!

— -Пријам му зборува на Ахил, Илијада, книга XXIV

Ахил трогнат од зборовите на Пријам и следејќи ги наредбите од мајка му испратени од Зевс, го вратил телото на Хектор и му ветил на Пријам примирје од дванаесет дена за да им овозможи на Тројанците да ги извршат погребните ритуали за Хектор. Пријам се вратил во Троја со телото на својот син, на кој му биле дадени целосни погребни почести. Дури и Елена го оплакувала Хектор, бидејќи тој секогаш бил љубезен кон неа и ја заштитувал од злоба. Последните стихови од Илијада се посветени на Хекторовиот погреб. Хомер завршува обраќајќи се кон Тројанскиот принц како „скротувач на коњите.“ [15]

Историски референци

Постојат малку директни докази за историското постоење на Хомеровите херои, т.е., нема записи, потписи, извори од сведоци, итн. Теориите за нив мора да се потпираат на предност од други докази, кои самостојни не се доволно цврсти за да гарантираат завршеност. Највредните докази, ако се соодветни, се договори и писма споменати во текстови со хетитско клинесто писмо од околу истото време, кои споменуваат непокорен западно-анатолиски воен господар наречен Пијама-Раду (веројатно Пријам) и неговиот наследник Алаксанду (веројатно Александар, прекарот на Парис), двајцата базирани во Вилуша (веројатно Илион/Илиос), како и богот Апалиунас (веројатно Аполон).

Други такви делови од полу-докази се имињата на тројанските херои на плочи со линеарно писмо Б. Дваесет и пет од педесет и осум имиња на мажи исто така познати од Хомер, вклучувајќи го и e-ko-to (Хектор) се тројански воини, а некои, вклучувајќи го и Хектор се со потчинета улога. Нема потврда за заклучокот дека ти се деца на тројански заробенички. Главно, јавноста треба да биде задоволна со знаењето дека овие имиња постоеле во Грција во Микенијското време, иако Пејџ [16] претпоставува дека Хектор „може да биде ...слична грчка форма обележана на странско име со слично звучење.“

Кога Паузаниј ја посетил Теба во II-от век од нашата ера, му бил покажан гробот на Хектор и му било кажано дека коските биле префрлени во Теба според пророштвото од Делфи. Мозес И. Финли забележува [17] : „овој типичен дел на приказна мора да значи дека таму имало некој стар тебански херој Хектор, Грк, чии митови им претходеле Хомеровите поеми. Дури и откако Хомер го лоцирал Хектор во Троја за сите времиња, Тебанците се задржале за својот херој, а пророштвото од Делфи ја овозможило потребната дозвола.“

Подоцнежни обработки

Литература

• Во Пеколот на Данте Алигиери (кој е дел од серијата Божествена комедија), Хектор и неговото семејство се сместени во Лимбо, надворешниот круг каде се наоѓаат достоинствените не-христијани. • Роландовиот меч во француската поема Песната на Роланд од раниот XII-ти век е наречен Дурендал. Според Бесниот Орландо (Orlando Furioso) на Лудовико Ариосто, некогаш тој му припаѓал на Хектор од Троја, а на Роланд му бил даден од Малаџиџи (Малагис). • Во Троил и Кресида од Вилијам Шекспир, Хекторовата смрт е искористена за да го обележи заклучокот на драмата. Неговата благородност е прикажана во груба спротивност на измамата и гордоста на Грците, особено онаа на Ахил. • Во трилогијата Троја на Дејвид Гемел, Хектор е мирољубив човек кој повеќе би ги одгледувал коњите отколку да оди во војна, но е присилен од кралот Пријам да се бори за Хетитската империја против Египѓаните во битката кај Кадеш. Во Падот на кралевите, Хектор го убива Патрокле додека го напаѓа караванот со залихи. Ахил го предизвикува Хектор на двобој преку Одисеј. Хектор прифаќа, но само за жените и децата од Троја да можат да се качат на бродот за Кипар. Тие се борат во посебно дизајнирана арена, ископана особено за двобојот. Хектор и Ахил се еднакви во борбата, но мечовите на двајцата се отруени од свештеникот на Агамемнон. И двајцата воини умираат борејќи се против следбениците на Агамемнон. Мирмидонците на Ахил го носат Хектор назад во Троја, а Ахил во нивниот логор и следното утро се упатуваат назад во Тесалија. • Во поемата Примирје (Ceasefire) на Мајкл Лонгли, молбата на Пријам кон Ахил за враќањето на телото на Хектор е искористена како споредба за неопходноста за спротивните страни да извршат посреднички гестови и иако тешко, да донесат мир во Северна Ирска. Поемата завршува со објавата на Пријам: „Клекнувам на колена и го правам она што мора да биде направено/И ја бакнувам раката на Ахил, убиецот на мојот син.“

Филм и телевизија

Многу актери во бројни филмови ја играле улогата на Хектор, вклучувајќи ги следните:

Хари Ендрјус во Елена Тројанска (1956). • Жак Бержерак во Бесот на Ахил (1962). • Дениел Лапејн во Елена Тројанска (2003). • Ерик Бана во Троја (2004). • Хектор е името на роботот-киборг во научно-фантастичниот филм Сатурн 3 (1980); актерот Кирк Даглас го споменува грчкиот мит за Хектор по насилничка средба со роботот. • Споменат е и во филмот Гладијатор од страна на Комод кој вели: „Твојата слава е добро заслужена, Шпанецу. Мислам дека не постоел гладијатор рамен на тебе. Што се однесува на овој младич (покажувајќи кон Луциј), тој инсистира дека ти си преродениот Хектор... (сега зборувајќи му на Луциј) или пак беше Херакле?“.


Наводи

  1. Iliad XX.215ff.
  2. Hyginus, Fabulae 115.
  3. This etymology is given under Hector in the Online Etymological Dictionary, which, if true, would make it an Indo-European name, of root *seĝh-. The Dardanians would not have been Greek, but the language of the city of Troy is still an open question.
  4. Iliad, VII.
  5. Iliad VII.433ff)
  6. Iliad III.
  7. Iliad VI.
  8. This Trojan helmet was made famous by Denys Page in History and the Homeric Iliad, Chapter VI, "Some Mycenaean relics in the Iliad", as the Greeks do not wear bronze helmets in the poem's epic formulae, but they did in the Homeric Age; therefore, Page concludes (on other evidence as well) that the bronze helmet of Hector descends in oral poetry from Mycenaean times.
  9. Iliad VIII.542ff.
  10. Iliad, XI.163ff.
  11. Iliad XII.
  12. Iliad, XV end.
  13. Iliad XVI end.
  14. Iliad XVII.
  15. Bibliotheca III, xii, 5-6; Epitome IV, 2.
  16. Page History and the Homeric Iliad, Chapter V.
  17. Finley, The World of Odysseus, 1954, rev. ed. 1978) p. 44

Предлошка:Wikisourcepar

 
Викиизвор
Викиизворот на грчки има изворна содржина поврзана со оваа статија:

Надворешни линкови

  •   Hector (англиски)“. Encyclopedia Americana. 1920.