Соул-музика

(Пренасочено од Соул музика)

Соул-музика ― популарен музички жанр кој потекнува од афроамериканската заедница во САД и кој се развил кон крајот на 1950-тите.[1] Влече корени од афроамериканската госпел музика и ритам и блуз.[2] Меѓу најзначајни издавачки куќи од овој музички жанр биле: Motown, Atlantic и Stax; издавачките куќи биле исто така влијателни за време на американското движење за граѓански права. Соул-музиката станала популарна низ цел свет, и директно влијаела на рок-музиката и музиката од Африка.[3] Некои музичари како Ерика Баду го оживеале овој жанр, преку создавање на нов жанр наречен нео-соул.[4]

Реј Чарлс (1983)
Арета Френклин (1967)

Привлечниот ритам, нагласен со ракоплескање и изразени движења на телото, се важна карактеристика на соул-музиката. Други карактеристики се прашања и одговор меѓу првиот вокал и придружните вокали (или хорот) и изразената тензија на гласот.[5] Соул музиката, исто така, во себе вклучува и различни елементи од други музички жанрови како госпел-музика, ритам и блуз и џез.[6]

Соул музиката доминирала на американската ар-ен-би листа во 1960-тите, а многу песни преминале и на поп-листите во САД, Британија и на други места. Во 1968 година, соул-музиката како жанр почнала да се разгранува. Некои соул-музичари ја создале фанк-музиката, а други пејачи и групи почнале да креирааат понежни, пософистицирани, и во некои случаи и политички ориентирани вариетети.[7] Многу соул-пејачи стекнале популарност поради доминацијата на соул-музиката на ар-ен-би топ листите. Меѓу нив се вбројуваат: Реј Чарлс, Џејмс Браун и соул-групата Temptations.[8] На почетокот од 1970-тите, соул-музиката била под влијание на психоделичен и прогресивен рок што довело до појавата на психоделичен и прогресивен соул. Во 1994 во САД се појавил нео-соулот. Исто така, постојат неколку други поджанрови и гранки на соул музиката.

Историја

уреди
 
Реј Чарлс бил пионер во соул музиката во текот на 1950-тите преку комбинирање на блуз, ритам и блуз и госпел музиката

Соул музиката потекнува од традиционалната афроамериканска госпел музика и ритам и блуз музиката; таа претставувала мешање на нивните религиозни и секуларни стилови (во лирска и во инструментална смисла) кое што започнало во 1950-тите. Терминот „соул“ (анг: soul; што на македонски се преведува како „душа“) се користел меѓу афроамериканските музичари за да се истакне какво е чувството да се биде Афроамериканец во САД.[9]

 
Џејмс Браун, познат како „кум на соулот“ [10]

Според AllMusic, „Соул музиката била резултат на урбанизацијата и комерцијализацијата на ритамот и блузот во 60-тите“.[11] Терминот „соул музика“ се однесува на музика во госпел стил со секуларни стихови, за прв пат се појавил во 1961 година.[12] Госпел групите во 1940-тите и 50-тите понекогаш го користеле терминот „соул“ како дел од нивните имиња. Џез-стилот кој настанал од госпел музиката подоцна станал познат како соул-џез. Откако пејачите и аранжерите во текот на 1960-тите во афроамериканската популарна музика почнале да користат техники од госпел-музиката и соул-џезот, соул-музиката постепено се употребувала како заеднички термин за афроамериканската популарна музика во тоа време.[13][14]

 
Сем Кук се смета за еден од „прататковците“ на соул музиката.

Важни музичари чии музички записи во 1950-тите придонеле за појавата на соул-музиката биле Клајд Мекфатер, Хенк Балард и Ета Џејмс.[15] Реј Чарлс со низата негови хитови се смета дека го популаризирал жанрот соул-музика, почнувајќи од „I Got a Woman“ од 1954 година. Пејачот Боби Вомак рекол: „Реј беше гениј. Тој го претвори светот во соул-музика“.[7]

Литл Ричард, кој бил инспирација за Отис Рединг,[16] и Џејмс Браун исто така биле влијателни музичари. Браун го добил прекарот „кум на соул музиката“,[10] а Ричард се самопрогласил за „Крал на рокенрол, ритам и блуз и соул-музиката“, бидејќи неговата музика содржела елементи од сите три жанра, и затоа што тој бил инспирација на музичарите во тие три жанра.[17]

 
Соломон Бурк снимал за Атлантик во 1960-тите

Сопружниците Ајк и Тина Тарнер биле најистакнати пејачи на соул музика во 1960-тите.[18] Нивниот прв сингл „A Fool in Love“ од 1960 година преминал и на поп-листите. Во 1962 година, биле номинирани за Греми за песната „It's Gonna Work Out Fine“.[19]

Писателот Питер Гуралник сметал дека Соломон Бурк е клучна фигура во појавата на соул музиката, а Atlantic Records како клучна издавачка куќа. Песните на Бурк од раните 1960-ти, како „Cry to Me“, „Just Out of Reach“ и „Down in the Valley“ се сметаат за класици на соул музиката.

 
Арета Френклин е позната како „кралица на соулот“

Бен Е. Кинг, во 1961 година постигнал успех со „Stand By Me“, песна директно заснована на госпел.[7] Кон средината на 1960-тите се појавиле нови успешни соул пејачи како Отис Рединг и Вилсон Пикет.

Најважна соул пејачка која се појавила била Арета Френклин; таа прво била госпел-пејачка која во 1960 година почнала да снима секуларни песни. Нејзините песни од 1967 година, како „I Never Loved a Man (The Way I Love You)“, „Respect“ (напишана и оригинално отпеана од Отис Рединг) и „Do Right Woman, Do Right Man“ биле значајни и комерцијално успешни соул песни.[20][21] [22]

Во 1968 година, додека била на врвот на популарноста, соул музиката почнала да се дели на различни поджанрови. Музичарите како Џејмс Браун и Sly and the Family Stone полека ја развивале фанк музиката, а другите пејачи како Марвин Геј, Стиви Вондер, Кертис Мејфилд и Ал Грин развиле понежни и пософистицирани верзии од жанрот.[7] Сепак, соул музиката и понатаму се развивала, па од 1970-тите до денес од неа настанале многу форми на ритам и блуз, а некои музичари продолжиле да снимаат песни во традиционален соул стил.[11]

Поджанрови

уреди

Соул-музиката доминирала на американската ар-ен-би листа во 1960-тите, а многу песни преминале и на поп-листите во САД, Британија и на други места. Во 1968 година, соул жанрот почнал да се дели на поджанрови. Некои соул музичари развиле фанк музика, а други пејачи и групи развиле понежни и пософистицирани вариетети.[7] На почетокот од 1970-тите, соул-музиката била под влијание на психоделичниот и прогресивниот рок, што довело до создавање на два поджанра: психоделичен и прогресивен соул. Во 1994 година во САД се развил нео-соулот. Исто така, постојат и неколку други поджанрови и гранки на соул-музиката.

Главни поджанрови на соул-музиката се: Мотаун-стилот, длабок и јужњачки соул, Мемфис-соул; Соул од Њу Орлеанс, Чикаго-соул; Филаделфија-соул и психоделичен соул.

Детроитски (Мотаун) соул

уреди

Motown Records била издавачка куќа со седиште во Детроит. Основана била во 1959 година од Бери Горди. Соулот кој го поддржувала оваа куќа е изразито ритмичен и под големо влијание на госпел-музиката; често содржи ракоплескање, и секции на бас гитара, жичани и лимени инструменти и вибрафон. Motown Records од самиот почеток се залагала за комерцијален успех во поп-мејнстримот.[23] Пејачи од овој стил се: Дајана Рос, Jackson 5, Стиви Вондер и Били Престон.[23] Овој соул поджанр бил популарен во текот на 1960-тите, а својот врв го достигнал во текот на 1970-тите и довел до создавње на диско-музиката.[23] Во доцните 2000-ти, стилот повторно бил популаризиран од современите соул-пејачи како Ејми Вајнхаус,[24] Рафаел Саадик (поконкретно неговиот албум од 2008 година The Way I See It ) и Соланж Ноулс (нејзиниот албум од 2008 година Sol-Angel and the Hadley St. Dreams).[25]

Длабок и јужњачки соул

уреди
 
Соул пејачот Отис Рединг со енергичен сценски настап

Термините длабок-соул и јужњачки соул обично се однесуваат на енергичен соул-стил кој ја комбинира R&B енергијата со звуците на госпел-музиката од јужниот дел на Соединетите Американски Држави. Stax Records, издавачка куќа од Мемфис, негувала специфичен звук, кој се карактеризирал со почнување со пеење подоцна во песната за разлика од повеќето тогашни R&B песни, користење на секвенци на хор како замена за пратечките вокали и насочување кон долниот дел од фреквентниот спектар.

Мемфис

уреди

Соулот од Мемфис е треперлив и заводлив стил на соул музика продуциран во 1960-тите и 1970-тите во Stax Records и Hi Records во Мемфис. Содржел меланхолични и мелодични рогови, Хамонд оргули, бас и тапани.

Њу Орлеанс

уреди

Соул-сцената во Њу Орлеанс директно излегла од ерата на ритам и блуз музиката, кога музичарите како Литл Ричард, Фетс Домино и Хјуи Пјано Смит извршиле огромно влијание врз поп и R&B топ-листите и огромно директно влијание врз раѓањето на фанк-музиката. Текстописецот, аранжер и продуцент Ален Тусен е најзаслужен за појавата на овој поджанр. Тој работел со пејачите: Ирма Томас („Кралицата на соулот од Њу Орлеанс“), Џеси Хил, Крис Кенер, Бени Спелман и Ерни К-До. Исто така, заслуга за создавање песни од овој поджанр имаат: Роберт Паркер, Бети Харис и Арон Невил. Иако, издавачките куќи во Њу Орлеанс во најголем дел ги снемало кон средината на 1960-тите, продуцентите во градот продолжиле да создаваат „соул од Њу Орлеанс“ за други издавачки куќи најчесто со седиште во Њујорк и Лос Анџелес.

Чикаго

уреди

Чикаго-соул најчесто имал лесен звук под влијание на госпел-музиката, но многуте издавачки куќи со седиште во овој град се стремеле да произведуваат поразновиден звук од другите градови. Vee Jay Records продуцирале песни од Џери Батлер, Бети Еверет, Ди Кларк и Џин Чендлер. Chess Records, издавачка куќа претежно за блуз и рокенрол музика, продуцирала неколку големи соул музичари, меѓу кои и The Dells и Били Стјуарт. Кертис Мејфилд не само што имал многу хитови со неговата група, The Impressions, туку напишал и многу песни за пејачите од Чикаго и продуцирал хитови од неговите сопствени издавачки куќи за Fascinations, Major Lance и Five Stairsteps.

Филаделфија

уреди

Со седиште во издавачката куќа Филаделфија Интернешнл, Филаделфија-соул (или Фили-соул) имал бујни аранжмани на жичани инструменти и хорна и вокали инспирирани од доу-воп. Том Бел и Кенет Гембл и Леон Хаф се сметаат за основачи на соулот од Филаделфија, кој продуцирал песни за Пети ЛаБел, О'Џејс, The Intruders, the Three Degrees, the Delfonics, the Stylistics, Harold Melvin & the Blue Notes, и the Spinners.

Прогресивен соул

уреди
 
Ајзаак Хејс настапува во 1973 година

До 1970-тите, афроамериканските поп-музичари биле под влијание на тогашниот развој на прогресивниот рок развој. Меѓу најистакнатите претставници на прогресивниот соул биле: Слај Стоун, Стиви Вондер, Марвин Геј, Кертис Мејфилд и Џорџ Клинтон. [26] Подоцна песни со прогресивен соул стил пееле: Принс,[27] Питер Габриел,[28] Мешел Ндегеочело, Џои, Билал, Двел, Ентони Дејвид,[29] Жанел Монае,[30] и Soulquarians.

Психоделичен соул

уреди

Психоделичната соул, понекогаш познат и како „црн-рок“ (black rock), бил спој на психоделичен рок и соул-музика во доцните 1960-ти, што го отворил патот за појавата на фанк-музиката неколку години подоцна.[31] Пионери на овој поджанр на соул-музика се Џими Хендрикс, Sly and the Family Stone, Норман Витфилд и Ајзак Хејс.[32]

Британски-соул

уреди
 
Адел настапува во 2016 година

Во раните 1960-ти, соул-музиката на мала врата почнал да се појавуваат во Обединетото Кралство. Ливерпул имал своја етаблирана црнечка заедница од која произлегле пејачи како Шантс и Стив Алдо. Соулот имал големо влијание врз британската популарна музика уште од 1960-тите, вклучувајќи ги и групите од британската инвазија, а првенствено Битлси.[33] Имало неколку значајни британски пејачи на синоок-соул, како: Дасти Спрингфилд и Том Џонс.[34] Во 1970-тите, Карл Даглас, Real Thing и Delegation [35] имале хит-песни во ОК. Американската соул-музика била исклучително популарна меѓу некои младински субкултури, британската соул-музика јасно се издвоила како поджанр дури во 1980-тите кога неколку музичари, како: Џорџ Мајкл, Сејд, Simply Red, Лиза Стансфилд и Soul II Soul доживеале комерцијален успех.[36] Популарноста на британските соул-музичари во САД, првенствено Ејми Вајнхаус, Адел, Естел, Дафи, Џос Стоун и Леона Луис, довело до тоа да се зборува за „Трета британска инвазија“ или „Британска инвазија на соулот“ во 2000-тите и 2010-тите.

Нео-соул

уреди

Нео-соул е спој на вокал со инструменти во соул-стил од 1970-тите со современи R&B звуци, хип-хоп ритам и поетски интерлудии. Стилот бил развиен на почетокот од 1990-тите. Клучен елемент во нео-соулот е употребата на електрично пијано врз тивкото тропање на тапаните и пригушен, длабок фанки бас. Звукот на пијаното Fender Rhodes ѝ дава на музиката топол, органски карактер.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. [1] - Encyclopedia.com
  2. [2] - Encyclopædia Britannica
  3. Max Mojapelo (2008). Beyond Memory: Recording the History, Moments and Memories of South African Music. African Minds. стр. 1–. ISBN 978-1-920299-28-6. Посетено на September 11, 2013.
  4. Празен навод (help)
  5. Valter Ojakäär (1983). Popmuusikast. Eesti Raamat.
  6. Paese, Meagan. „Soul Music | The History of Rock and Roll Radio Show“ (англиски). Посетено на 2022-12-05.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 BBC Music, Episode guides to Soul Deep – The Story Of Black Popular Music, 2007.
  8. „Soul music | Definition, Songs, Artists, & Facts | Britannica“. www.britannica.com (англиски). Посетено на 2022-12-05.
  9. Szatmary, David P. (2014).
  10. 10,0 10,1 Maycock, James (October 29, 2003). „James Brown: Soul Survivor“. PBS. Посетено на April 1, 2014.
  11. 11,0 11,1 About Soul, AllMusic.
  12. „Online Etymology Dictionary“. Etymonline.com.
  13. „Soul music“. The New Grove Dictionary of Music and Musicians. 23. London. 2001.
  14. Richie Unterberger, "Little Richard – Artist Biography", AllMusic
  15. Barry Hansen, Rhythm and Gospel, in Jim Miller (ed.), The Rolling Stone Illustrated History of Rock & Roll, 1976, pp. 15–18.
  16. White, Charles.
  17. Frederick Douglass Opie, Hog and Hominy: Soul Food from Africa to America (Columbia University Press, 2008), chapter 7.
  18. Peacock, Tom (1963-02-25). „Ike and Tina to Give with 'Soul Music'. The Province. стр. 2. Посетено на 2023-10-22.
  19. „Ike & Tina Turner | Artist | GRAMMY.com“. www.grammy.com. Посетено на 2023-10-22.
  20. Whitburn, Joel (2004). Top R&B/Hip-Hop Singles: 1942–2004. Record Research. стр. 215.
  21. Dobkin, Matt (2004). I Never Loved a Man the Way I Loved You: Aretha Franklin, Respect, and the Making of a Soul Music Masterpiece. New York: St. Martin's Press. стр. 7–8, 187–188. ISBN 0-312-31828-6.
  22. Rolling Stone 2010, 500 Songs, p. 112.
  23. 23,0 23,1 23,2 „Pop-Soul“. AllMusic. Rovi Corporation. Посетено на July 15, 2012.
  24. . New York. Наводот magazine бара |magazine= (help); Отсутно или празно |title= (help)
  25. Wang, Oliver (2012). „The Comfort Zone“. Во Weisbard, Eric (уред.). Pop When the World Falls Apart: Music in the Shadow of Doubt. Duke University Press. стр. 221. ISBN 978-0822351085.
  26. Hoard & Brackett 2004.
  27. Himes, Geoffrey (October 12, 2011). „Bilal '1st Born Second'. The Washington Post. Посетено на January 23, 2021.
  28. Easlea, Daryl (2018). „18: The Tremble in the Hips: So“. Without Frontiers: The Life & Music of Peter Gabriel (Revised and Updated. изд.). Omnibus Press. ISBN 978-1-787-59082-3.
  29. Lindsey, Craig D. (February 25, 2013). „Bilal's New A Love Surreal Was Inspired by Salvador Dali“. The Village Voice. Посетено на January 23, 2021.
  30. Kot, Greg (April 27, 2018). „Janelle Monae comes back down to earth on 'Dirty Computer'. Chicago Tribune. Посетено на January 23, 2021.
  31. J. S. Harrington, Sonic Cool: the Life & Death of Rock 'n' Roll (Milwaukee, WI: Hal Leonard Corporation, 2002), ISBN 0-634-02861-8, pp. 249–50.
  32. „Psychedelic Soul“. Архивирано од изворникот на September 3, 2018. Посетено на November 26, 2018.
  33. P. Humphries, The Complete Guide to the Music of the Beatles (Music Sales Group, 1998), p. 83.
  34. R. Gulla, Icons of R&B and soul: an encyclopedia of the artists who revolutionized rhythm (Greenwood Publishing Group, 2008), p. xxii.
  35. „Disco Savvy: The Complete Disco Guide to Delegation - disco and funk“. Discosavvy.com. Посетено на September 29, 2018.
  36. G. Wald, "Soul's Revival: White Soul, Nostalgia and the Culturally Constructed Past", M. Guillory and R. C. Green, Soul: Black power, politics, and pleasure (New York University Press, 1997), pp. 139–58.

Дополнителна литература

уреди
  • Гарланд, Фил (1969). Звукот на душата: Историјата на црната музика . Њујорк: Џебни книги, 1971 година, полицаец. 1969 година. xii, 212 стр. 300 стр. + [32] стр. на бел-д фотографии.