Совршено сеќавање на смртта
„Совршено сеќавање на смртта“ (српски: Savršeno sećanje na smrt) — роман на српскиот писател Радослав Петковиќ од 2008 година.
Содржина
уредиРоманот се состои од 17 глави:
- Еден летен ден, тројца луѓе патуваат со воена придружба низ Пелопонез: едниот е Филарион, грешен калуѓер кого го протерале од Константинопол; другиот е големиот судија Гемистос, човек на околу 70-годишна возраст кого го сметаат за волшебник; а третиот е еден ученик на Гемистос на кого Филарион никако не може да се сети. Наеднаш, тие застануваат и покрај патот, Гемистос и Филарион пронаоѓаат древна гробница. Потоа дејствието се префрла на последните денови од опсадата на Цариград, кога се појавуваат неколку необични знаци кои ја предвестуваат неизбежната пропаст. Во градот се одржуваат процесии и литургии, а царот веќе ја губи надежта за спас на градот и се збогува со своите најблиски соработници. Султанот Мехмед ја носи конечната одлука и кон крајот на мај 1453 година почнува големиот турски напад на градот, а бранителите успешно се спротивставуваат. Меѓутоа, пресвртот настапува кога во борбата е ранет заповедникот Џовани Лонго, кој го напушта боиштето, а тогаш настапува паника кај бранителите. Сепак, византискиот цар се бори до последниот миг и погинува во битката. По освојувањето на градот, турската војска започнува со грабежи и насилства, а султанот победоносно влегува во големата црква на пресветата мудрост. Оттогаш, во следните векови кружи легендата за судбината на последниот византиски цар.[1]
- Околу 1460 година, Филарион се наоѓа во еден манастир, каде се сеќава на детството: распаднатата палата во која живее неговото семејство, татко му Константин — висок офицер во царската војска, но многу образован, првата војничка обука, неговиот прв учител Схолариј итн. Потоа, тој го чита писмото на Диогенес, еден од учениците на Гемистос, а од еден трговец ја дознава веста дека султанот Мехмед планира голем воен поход на Пелопонез. Најпосле, по разговорот со игуменот, Филарион ги чита Платоновите дијалози кои предизвикуваат да потоне во сеќавањата на својот живот.[2]
- Во 1422 година, како младо момче, Филарион (кој во тоа време има поинакво име) стражари на една кула на ѕидините на Цариград. Градот веќе подолго време е опколен од османлиската војска, која одвреме-навреме со топови ги напаѓа ѕидините. Така, Филарион има можност оддалеку да ја набљудува непријателската војска, иако сè уште нема непосредно борбено искуство. На бедемот, тој стражари заедно со тројца свои другари, кои себеси се нарекуваат со имињата на четворицата евангелисти. Еднаш, Јован ги наговара своите другари да направат нешто за одбраната на градот. Така, во текот на седум ноќи, тие скришум се спуштаат во еден напуштен подземен базен за вода и таму прават магиски обреди. Седмата ноќ, откако Филарион се враќа дома, османлиската војска започнува масовен напад на градот. Филарион учествува во борбата во која го спасува Лука Нотарас, висок војсководач во царската војска. Подоцна, тој дознава дека во битката погинал татко му, а за време на неговиот погреб, Филарион е одликуван од царот.[3]
- Оваа глава претставува опис на 72 демони кои своевремено царот Соломон ги затворил во бронзен сад кој го фрлил во некое длабоко езеро. Но подоцна, Вавилонците го пронашле садот, го отвориле и така повторно ги ослободиле демоните.[4]
- Три дена по смртта на татко му, Филарион е приведен на сослушување, откако претходно еден од другарите го пријавува случајот со правењето на магијата, по што е уапсен Јован, кој целата вина ја презема врз себе. Во текот на мачењето, Јован умира, а Филарион се наоѓа во тримесечен притвор. Иако магијата се смета за тежок прекршок, царот одлучува да го казни Филарион така што го принудува да стане калуѓер.[5]
- Така, кон крајот на 1422 година, Филарион присилно е замонашен и веднаш е испратен во манастир на еден мал остров во Мраморно Море, во близината на Цариград. Таму, кај него постепено се раѓа интересот за религијата.[6]
- Во писмото, Диогенес го кани Филарион да се пресели во Италија, но тој нема никаква желба за тоа. Писмото го поттикнува да се присети на настаните кои се случиле пред околу 30 години, кога ненадејно во манастирот пристигнува број кој го пренесува во Монемвасија, на Пелопонез, каде го запознава Дигенес со кого постепено станува близок пријател, а од него дознава за Гемистос.[7]
- Еден ден, Филарион и Диогенес одат во Мистра со намера да се сретнат со Гемистос. Патем, тие застануваат во мало рибарско село, каде од еден трговец Филарион дознава дека игуманот на неговиот нов манастир тргува со стари ракописи. Понатаму, непосредно пред Мистра, тие го среќаваат патникот Кутбудин, Турчин-Селџук од Коња, со кого Филарион има кратка философско-теолошка расправа. Подоцна, во 1437 година, Филарион повторно се среќава со Кутбудин, и тоа во куќата на Гемистос во Мистра.[8]
- Во 1460 година, Филарион се сеќава на последниот ракопис на Гемистос, кој во тоа време се вика Плитон, како и на првата средба со него, на предавањата кои ги слуша кај него и на необичните наставни методи. Притоа, по некое време поминато во школото на Гемистос, една ноќ на Фларион му се прикажува Јован, кој му го кажува првото прашање кое тој му го поставува на својот учител по философија.[9]
- Филарион се сеќава на некои од учениците на Гемистос, како: Зое, Ана Нотарас и Деспина Клеопе Малатеста — сопругата на деспотот на Пелопонез, Теодор. Токму Деспина има големо влијание врз деспотот, кој е во лоши односи со своите браќа, а таа е покровителка и на Гемистос. Меѓутоа, таа се разболува и набргу умира, а тогаш кај деспотот Теодор се раѓа желбата да го преземе царскиот престол. На погребот на Деспина Клеопе, Гемистос држи страсен говор, полн со контроверзни ставови. Зое, пак, е млада вдовица, повремена љубовница на Филарион. По мажењето за еден сиромашен писар од Мистра, таа се описменува и станува подобар писар од него и така се зближува со Деспина Клеопе, а на тој начин станува ученичка на Гемистос. За време на еден ненадеен турски напад на Мистра, нејзиниот сопруг погинува, а таа се спасува, но со тешки изгореници и така ја губи убавината. По таа несреќа, Деспина Клеопе станува покровителка на Зое на која ѝ дарува имот и ја поставува за помошничка на Гемистос во библиотеката на деспотскиот двор. Филарион се сеќава и на последната средба со Гемистос, како и на храброста на Зое, која се одликува со борбен дух во времето кога византиската војска претрпува тежок пораз така што кај сите се јавува страв и очај. Една година по смртта на Деспина Клеопе, во Мистра се појавува Лука Нотарас, заедно со својата убава ќерка Ана која, исто така, станува ученичка на Гемистос. Во продолжение, Филарион се сеќава на посетата на вилата на Гемистос во близината на Мистра. Во таа прилика, вилата ја напаѓаат разбојници, а Гемистос ја организира одбраната. Притоа, Зое бара од Филарион да ја убие, ако разбојниците успеат да ја заземат вилата. Во одбраната на вилата зема учество и Филарион, кој убива неколку разбојници и така ги спасува присутните, зашто разбојниците бегаат, но со тоа го прекршува својот монашки завет. По битката, Филарион ѝ раскажува на Зое за ноќта помината во базенот со вода во Цариград, кога му се причинило дека видел некого.[10]
- Оваа глава започнува со извадоци од учењето на Хермес Трисмегистос за усовршувањето на душата, за двојната природа на човекот (природната и божјата) и за начинот на којшто човекот може да го разбере бога. Потоа се прикажани верувањата и искуството на Вилијам Батлер Јејтс за магијата: едно негово присуство на сеанса за повикување на духовите и врската со некој дух кој зборува преку неговата сопруга, а на крајот од главата се дадени стиховите од една песна на Јејтс посветена на Византија.[11]
- Во мај 1460 година, турската војска ја напаѓа Мистра. Во тоа време, Зое и Гемистос се веќе мртви, а Филарион се грижи за библиотеката во својот манастир во Монемвасија при што има можност да проучува стари ракописи, а поради тоа не е омилен кај новиот игумен. Тој добива писмо од Јован Аргиропулос, поранешен ученик на Гемистос, кој сега живее во Италија. Тогаш, сеќавањето на Филарион го враќа 20 години порано, кога Аргиропулос му раскажувал за црковниот собор за обединување на православната и католичката црква. Во таа прилика, византискиот цар, патријархот и бројни владици и советници, меѓу кои и Гемистос, Аргиропулос и Схолариј, заминуваат на пат за Италија. Притоа, во византиската делегација има две струи: едната е за обединување на двете цркви, а другата остро се спротивставува на тоа, а на таа струја ѝ припаѓа и Гемистос, кој по враќањето од Италија го менува името во Плитон. На соборот, Схолариј е приврзаник на идејата за обединување на црквите, но по враќањето во Цариград ненадејно го менува ставот и се претвора во остар противник на обединувањето поради што се замонашува, а подоцна, по пропаста на Византија, султанот го назначува за патријарх. Филарион се сеќава на една неочекувана посета на Схолариј, кој од него бара совет во врска со точното време на пропаста на светот.[12]
- По разбојничкиот напад на вилата, а особено по враќањето од црковниот собор во Италија, Плитон покажува недоверба кон Филарион. Сепак, во една прилика, тој го кани на патување до гробницата која заедно ја откриле за време на едно патување во минатото. Таму среќаваат еден разбојник, а Филарион го препознава од нападот на вилата. Подоцна, разбојникот го препознава Филарион и тогаш се открива дека тој е еден од четворицата другари од Цариград кого го викале Марко и кој ги поткажал останатите кај власта. Разбојникот му раскажува за своето замонашување и за подоцнежниот разбојнички живот, како и за нападот на вилата при што го споменува Волшебниот стрелец, но Филарион ниту тогаш не му кажува дека токму нему му го должи животот. Ноќта, Плитон прави магиско-религиски обред во гробницата во кој му помагаат Филарион и разбојникот. Потоа, тој му признава на Филарион дека од разбојничкиот напад на вилата го смета за волшебник и дека тоа е причината за заладувањето на нивните односи. Најпосле, Плитон му ја објаснува причината на обредот во гробницата во која е закопан древниот философ Сиријанус, чија реинкарнација е Плитон, додека во другиот саркофаг лежи човекот кој го пронашол мртвото тело на Сиријанус, а Филарион е неговата реинкарнација. На тој начин, судбината ги споила Плитон и Филарион.[13]
- По смртта на Плитон и на Зое, Филарион живее повлечено во манастирот. За време на опсадата на Мистра, Деспина Теодора, сопругата на деспотот, се засолнува во Монемвасија. Таа го повикува Филарион на разговор во кој му раскажува за уништувањето на последниот ракопис на Плитон, а исто така, од неа Филарион дознава дека, откако покажал извонредна стрелачка вештина при разбојничкиот напад на вилата на Гемистос, за него кружат озборувања дека е моќен волшебник.[14]
- Турската војска ја освојува Мистра без борба и Деспина Теодора ја напушта Монемвасија. Наеднаш, Филарион добива потреба да ја посети античката гробница што ја открил со Гемистос. Притоа, тој ја соблекува монашката облека и така заминува на пат. По пристигнувањето, тој заспива во гробницата, а утредента повторно го среќава разбојникот, односно својот некогашен другар од Цариград. Разбојникот му раскажува дека со својата дружина заминал во Цариград каде учествувал во одбраната на градот при што се спасил благодарејќи на Волшебниот стрелец кој убил многу од напаѓачите. За време на разговорот со разбојникот, Филарион, кој претходно зема хашиш, доживува привидение: тој ја гледа последната битка за Цариград во која тој стои на една кула убивајќи многу турски војници, а стрелите му ги подава непознато момче; исто така, во визијата му се појавува и Кутбудин за кого сфаќа дека токму тој е третиот човек присутен на првото патување со Гемистос до античката гробница. Подоцна, кога се освестува, Филарион го здогледува мртвото тело на разбојникот погоден со стрела во устата.[15]
- На Пелопонез доаѓа Сигисмондо Малатеста, владетелот на Римини, со намера да ја протера турската војска од полуостровот. Во тоа време, Монемвасија сè уште е слободен град, но во градот владее страв од можниот турски напад. Манастирот е речиси пуст и во него живеат само Филарион и игуманот. Во Италија, Малатеста слушнал за Филарион од неговиот стар пријател Диогенес, кој работи како секретар на владетелот. Затоа, по пристигнувањето на Пелопонез, Малатеста го повикува Филарион, која ја соблекува калуѓерската мантија и ѝ се придружува на неговата војска, иако не учествува непосредно во борбите. За време на дружбата со Малатеста, Филарион му го објаснува учењето на Плитон, зашто Малатеста е негов голем обожавател, сметајќи го за последниот хеленски философ. По две годишни борби, неговата војска доаѓа до Мистра, но откако не успева целосно да го заземе градот, Малатеста неочекувано наредува војската да се повлече и да се врати во Италија. Токму за време на битката за Мистра, Филарион за првпат учествува во борбите при што повторно се истакнува со извонредната стрелачка вештина, иако е веќе старец. Во таа прилика, по налог на Малатеста, Филарион ги зема посмртните остатоци на Плитон, зашто Малатеста сака да ги пренесе во својата капела во Римини. Потоа, Филарион му се придружува на Малатеста и заминува за Италија.[16]
- Во последната глава на романот е даден мал исечок од последниот ракопис на Плитон во кој се изложени неговите погледи за бесмртноста на душата. Притоа, телото на Плитон почива во капелата на Малатеста во Римини.[17]
- Во додатокот на романот, насловен „“Scholia, авторот дава кратко објаснување на литературата што ја користел при пишувањето на делото.[18]
За делото
уредиПишувајќи за последните денови на Византија, во делото авторот се поигрува со историјата, религијата и магијата. Веднаш по објавувањето, романот се здобил со пофални критики и се смета за ремек-дело на новата српска книжевност. На пример, Миќа Вујичиќ го нарекол „громада од роман“, а според зборовите на Ѓорѓе Деспиќ, структурата на текстот дава впечаток на зборник и го опишува делото како „над-книга, света и магиска истовремено, во која се испреплетуваат алузиите на Платоновите дијалози, старозаветните и новозаветните текстови, но и апокрифните записи, т.е. тоа е книга во која се вкрстуваат фикцијата, историските записи и ониричките сведоштва. За него, авторот ја добил наградата „Борислав Станковиќ“.[19]
Наводи
уреди- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 11-45.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 46-67.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 68-118.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 119-132.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 133-152.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 153-174.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 175-194.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 195-243.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 244-282.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 283-370.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 371-381.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 382-418.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 419-460.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 461-480.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 481-515.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 516-536.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 537-538.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017, стр. 539-542.
- ↑ Radoslav Petković, Savršeno sećanje na smrt. Beograd: Laguna, 2017.