Смолика
Смолика (грчки: Σμόλικας, Смоликас, влашки: Smolcu) — највисоката планина од венецот Пинд, која ја дели Егејска Македонија на исток, од Северен Епир на запад. Со надморска височина од 2.637 м, Смолика е втората по висина планина во денешна Грција, по Олимп.
Смолика | |
---|---|
Σμόλικας | |
Поглед на врвот на Смолика од југ | |
Највисока точка | |
Надм. вис. | 2.637 м [1] |
Истакнатост | 1.736 м [1] |
Заведена како | ултра |
Друго име | Σμόλικας |
Географија | |
Место | југозападна Егејска Македонија и Северен Епир, Грција |
Покраина | GR |
Матичен венец | Пинд |
Подрачјето на планината го опфаќа севениот дел од округот Јанина во Епир и западниот дел од округот Гребен во Егејска Македонија. Околни планини се Грамошта (Грамос) на север, Тимфи на југ и Пинд на југ и исток. Во поширока смисла сочинува дел од Пинд, под кој се подразбира целиот планински систем на денешна западна Грција.
На планината Смолика се сместени некои од највисоките населени места во Егејска Македонија и цела денешна Грција, како што се гребенското село Самарина, кожанското село Падеж и јанинското село Фурка. Од Смолика извираат две притоки на Бистрица — Венетик (Βενέτικος) и Гребенска Река (Γρεβενιώτικος).
Масивот на Смолика има должина од 15-20 км во правец исток-запад, а ширина 10 км од север кон југ.
Екологија
уредиЗа време на плеистоценот, северните и источните падини, вкл. и соседните долини биле прекриени со ледници. Конечното топење на ледниците се случило пред околу 11.500 години.
Смолика е прекриена со густ растителен свет, каде се вбројуваат црниот бор, муниката, буката и други широколисни растенија. Под највисоките врвови на планината се сместени и двете Змејски Езера (Δρακολίμνη, Драколимни). Помали планински езера има и на други места по планината.
Планинарски патеки
уредиСмолика има низа врвови чија надморска височина надминува 1.600 м. Непосредно на исток од Смолика се врвовите Лемос (2.540 м) и Мосија (Μόσια, 2.610 м). Недалеку од главниот врв на север се сместени Куцуро (Κούτσουρο, 2.318 м ) и Аркудалона (1.798 м). На североисток се наоѓаат врвовите Капетан Цекура (Καπετάν Τσεκούρα, 2.253 м) и Богдани или Вузи (Βούζι, 2.239 м). Други врвови на планината се Конското (Αλογότοπος, Алоготопос, 2.230 м), Палиострунги (Παλιοστρούγγι, 2.221 м), Мисорахи (Μισσοράχη, 2.217 м), Атина (2.106 м), Мугурија (2.080 м), Далијаполи (Νταλιάπολη, 2.077 м), Срнечки Камен (Πέτρα Γκαγκαράντζα, Петра Ганкараџа, 2.045 м), Смилјани (Σμίλιανη, 2.014 м), Скурџа (Σκούρτ, , 1.799 м), Аница (Ανίτσα, 1.700 м), Киркори (Κίρκορη, 1.860 м), Зекири (Ζεκίρι, 1.700 м), Тамбури (Ταμπούρι, 1.878 м), Циганското (Γύφτισα, Гифтиса, 1.752 м), Пророк Илија - Фурка (Προφήτης Ηλίας Φούρκας, Профитис Илијас Фуркас, 1.650 м) и Клифтис (Κλέφτης, 1.846 м).
Популарните патеки одат до врвовите на Смолика од Самарина од исток, од Керасово (Аја Параскеви) од север и од Палиосели и од Падеж од југ.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 "Europe Ultra-Prominences" Peaklist.org. Retrieved 2012-02-19.
Надворешни врски
уреди- Смолика на Ризницата ?
- Галерија со слики од Смолика Архивирано на 1 февруари 2012 г.