Просек (Демир Капија)
„Просек“
| |
Темели на црква и некропола | |
Местоположба | 41°23′31″N 22°15′23″E / 41.39194° СГШ; 22.25639° ИГД |
Основни податоци | |
---|---|
Место | Демир Капија |
Општина | Демир Капија |
Тип |
|
Период | античко време |
среден век | |
Портал „Археологија“ |
Просек, наречено и како археолошко наоѓалиште Кале или Стрезов Град, ― археолошко наоѓалиште од античкото и средновековното време. Претставува утврден град/населба кој било владеан од благородникот Добромир Хрс во преминот од XII кон XIII век.
Географска положба
уредиМагистралниот пат по долината на Вардар преку Подунавјето, ја поврзувал Средна Европа со Егејот и со земјите на Средоземјето. Најтесниот пат на реката Вардар, која јужно од реката Бошава се пробива низ карпестиот терен, создава клисура долга 10 километри, позната под името Демир Капија, што во превод од турски значи Железна Врата. Нејзиниот најтесен дел е северниот крај, каде варовитите карпи се издигаат во височина од 100 до 220 метри.
Етимологија и споменување
уредиВо повеќе прикази во античките географски карти, местото што претставува самата клисура било нарекувано Стенае што значи теснина, клисура, стена. Потоа, во почетокот на XI век, местото се споменува под името Просек. Во два османлиски дефтери, од 1519 и 1530/31 година, местото е нарекувано Демир Капи, буквално значејќи Железна Порта. Името Просек (τον Προσακον) за прв пат било запишано во грамотата за правата на Охридската Архиепископија, издадена од римскиот император Василиј II во 1019 година. Во овие документи Просек спаѓал под Мегленската Епископија. Во хрониката што ја напишал Јован Скилица на крајот на XI век, тој споменува дека Василиј II во 1014 година поминал оттука, за да замине кон самоиловата престолнина Охрид. Најголемото споменување на местото Просек е од страна на хроничарот Никита Хонијат, кога Просек го доживеал најголемиот подем под власта на Добромир Хрс.[1]
Историја за утврдување на наоѓалиштето
уредиАрхеологот Петар Мутафџиев го сместил средновековниот град Просек во Демир Капија на почетокот на 20 век, без да се обезбеди точна местоположба на нејзината тврдина. Во текот на претстојниот период, истражувањата биле согласни со ова идентификување на просторот, додека се обидувале прецизно да ја сместат положбата на населбата и тврдината Просек. Во согласност со најновите археолошки истражувања што се одвиваат на наоѓалиштето Кале - Стрезов Град, кај селото Челевец, се чини дека мислењето на Иван Микулчиќ е најмногу прецизно. Тој го сместил средновековниот Просек на ова место и го идентификувал како најголема доцноантичка/раносредновековна и средновековна тврдина во овој регион. Оваа теорија е поткрепена со описот даден од современикот на настаните поврзани со Просек, римскиот хроничар Никита Хонијат.[2]
Општ опис
уредиСтарата градска населба, што се наоѓала на овие простори, имала посебно значајна стратегиска и воена позиција во минатите епохи. На ова упатува и присуството на цел систем на утврдувања на камените масиви од двете страни на Вардар, меѓу кои најистакнати се Марков Град и Кале-Стрезов Град од левата страна и Рамниште од десната страна на реката. Од сите нив се зачувани остатоци од бедеми. Внатрешната тврдина-акрополот на Марков Град, е изградена од големи квадери од варовник, без малтер. Наодите од керамика од класичното и хеленистичкото време и неколкуте хеленистички монети укажуваат дека таа била користена многу векови пред римската доминација. Иако подигната во архајскиот период, техниката на ѕидањето и самиот карактер на тврдината има пајонски белег. Но, подоцна бил подигнат на доцноантичкиот ѕид, ѕидан од камен и малтер,оставен од надворешната страна, на кои се гледаат остатоци од четири кули.[3]
Кале - Стрезов Град
уредиАрхеолошкото наоѓалиште Кале - Стрезов Град се наоѓа помеѓу Демир Капија и Челевец, односно во Демиркаписката Клисура, во близина каде што се влева Челевечка Река на левата страна на Вардар. Наоѓалиштето е на самите варовнички карпи кои ја створиле клисурата. Тоа било откриено од археологот Иван Микулчиќ во периодот 1988-89. Евидентирањето било преку проектот „Стари градови и тврдини во Средното Повардарие“. Тогаш биле извршени топографски истражувања. Подоцна, во периодот 2015-2017 година, биле извршени сондажни и систематски истражувања во деловите Црква и Кула.[4]
Оддел Црква
уредиВо 2015 година, на северното плато, била откриена сакрална градба. Со понатамошно истражување во 2016 и 2017 година, била откриена и истражена еднокорабна црква со наос и нартекс со помошните простории А и Б. Црквата како градба е вкопана во карпата за да е прилагодена на теренот. Црквата со пастофоријата (просторија А) биле подигнати во VI век. Просторијата Б била набрзо изградена и служела како крстилница. Во оваа почетна фаза бил користен камен и градежна керамика со варов малтер. Поради рушење до темели за правење на нова градба, не се знае до кога траела и функционирала првичната градба. Обновата, односно новата градба била направена во средниот век. Има археолошки показатели дека новата градба постои од X век, посигурно може да се датира од XII-XIII век. Во ова време наосот и нартексот опстанале со нивната функција, но местата на помошните простории биле претворени во гробишта односно некропола. За оваа доградба биле користени камења и посен варов малтер и покривни ќерамиди од типот тегули и имбрекси. За време на крајот на XV век, следела третата доизградба на одделот Црква. Тогаш била изградена целосно нова еднокорабна црква со трем. Тремот бил вкопан во наосот на двете претходни градби. На тремот постоело ѕидно сликарство. Освен со камења, за оваа временски трета градба, бил користен и кал.[5] Третото градење временски соодејствува со владеењето на феудалниот владетел Добромир Хрс, каде што пишаните извори споменуваат дека ја напуштил својата престолнина Струмица и се преселил во тврдината Просек која дотогаш била напуштена.[6]
Оддел Некропола
уредиПросторот на некрополата се наоѓа северно и јужно од постоечката црква, која содржела 32 погребувања. Поради долготрајната употреба на некрополата, очигледно е преискористување на гробните места и преместување на тогаш старите гробници/скелети. Постојат неколку облици на гробници: тип на две води, слободи укопи со или без маркери на пократките страни, гробни камари создадени со камени плочи со или без покривни плочи. Поради теренот и зафатеноста на просторот со другите поважни градби, закопаните морале да бидат закопувани со главите положени на запад. Според различната демографија на закопаните, јасно укажува дека се работи за некропола на населба. Во гробниците биле откриени бронзени копчиња од облека, како и накит за на раце и глава.[7]
Галерија
уреди-
Гробници
-
Гробницa
-
Темели на северната кула
-
Бедеми на врвот на Стрезов Град
-
Рушевини на врвот на Стрезов Град
Наводи
уреди- ↑ Орданче Петров (2014). „Средновековни каменофрлачки постројки од тврдината Просек во списите на Никита Хонијат“. Историја (1): 137–139. ISSN 0579-0263.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Орданче Петров (2018). „A newly discovered earlu Christian barrel-vaulted tomb in Demir Kapija“. Folia Archaeologica Balcanica. 4: 406. ISSN 2545-4528.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Орданче Петров (2018). „Претходен извештај од археолошките истражувања на локалитето Кале - Стрезов Град, с. Челевец - Демир Капија“. Археолошки информатор (2): 135–136. ISSN 2545-4528.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Орданче Петров (2018). „Претходен извештај од археолошките истражувања на локалитето Кале - Стрезов Град, с. Челевец - Демир Капија“. Археолошки информатор (2): 136–138. ISSN 2545-4528.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Орданче Петров (2018). „Новооткриена ранохристијанска гробница со полуцилиндричен свод од Демир Капија“. Folia Archaeologica Balcanica. 4: 422. ISSN 2545-4528.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Орданче Петров (2018). „Претходен извештај од археолошките истражувања на локалитето Кале - Стрезов Град, с. Челевец - Демир Капија“. Археолошки информатор (2): 139–140. ISSN 2545-4528.
|access-date=
бара|url=
(help)