Оскоруша
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Нерангирано: Евдикоти
Нерангирано: Розиди
Ред: Розовидни
Семејство: Рози
Род: Sorbus
Подрод: Cormus
Вид: S. domestica
Научен назив
Sorbus domestica
L.
Distribution map
Синоними
  • Cormus domestica (L.) Spach[1]
  • Pyrus domestica [2]
  • Pyrus sorbus Gaertn.[2]

Оскоруша (латински: Sorbus domestica) или скоруша — шумско овошно дрво со долги, назабени и мовливи листови со мали жолтозелени и сочни трпкави плодови во вид на круша што се јадат откако ќе нагнијат, како и неговиот плод.[3] Таа е листопаден вид дрво од семејството рози.

Распространетост

уреди

Распространета е во јужна и средна Европа, северна Африка, на Крим и во Мала Азија. Тешко е да се одредат точните граници на нејзината распространетост со оглед дека од дамнина била садена и спонтано проширена. Тежиште на ареалот е на Балканскиот Полуостров, Апенинскиот Полуостров и во јужна Франција.

Изглед

уреди

Оскоруша е дрво високо 15-20 метри, со широка, заоблена јајчеста крошна.

Кората е пепелавосива, црвеникавокафеава до темносива, делумно се лупи, подоцна долгманесто плочесто распукана. Коренот е срцелик со повеќе разгранети, добро развиени жили. Младите гранчиња се жолтеникаво кафеави, голи, делумно покриени со сивкав слој на епидерм, посипени со лентицели. Кратките млади гранчиња се бројни и прстенесто збрчкани.

Пупките се спирално распоредени околу младите гранчиња, долги околу 1 сантиметар, јајчесто конусни, со тапо зашилен врв, покриени со поголем број корички. Коричките на пупките се широки, лепливи, зеленикави, делумно црвеникави, со потемни рабови, голи, сјајни. Врвната пупка е поголема и поиздолжена од страничните, кои се приклонети до гранчето, со отстранети врвови. Лисната лузна на оскорушата е триаголна до полумесечинеста, со пет траги на спроводните снопчиња.

Листовите се долги 15-18 сантиметри, составени од 11 до 21 ливче, кои се тесно долгманести, долги 3 до 8 сантиметри, со симетрична основа, со остар назабен раб, одозгора голи, одоздола мовливи, подоцна голи и синкавозелени. Во есен поцрвенуваат и рано паѓаат.

Цветовите се двополови, ентомогамни, бели, широки околу 1,5 сантиметри, 35 до 75 цвета собрани во соцветие широко 6 до 10 сантиметри. Има пет бели лиски и 20 кремово-бели прашници. Цутењето е во мај и јуни.

Плодовите се сочни, јаболчести или крушковидни, долги до 3 сантиметри, жолтеникаво-зелени до кафеникави, посипани со лентицели, а од сончевата страна црвеникави. Вкусот им е горко- киселкав, а дури после стоење и првите мразови стануваат кафеави, меки, вкусни и слатки. Дозреваат во септември и октомври, содржат 5 до 6 семки кои се долги до 7 милиметри, јајчесто широки, плоскати, со зашилен врв, кафеави, помалку или повеќе сјајни. Семето го разнесува дивечот, птиците и глодачите.

 
Избојак и плодови оскоруше

Еколошки својства

уреди

Оскорушата расте бавно (освен во младоста) и доживува старост од 200 до 300 години. Таа е хелиофилен вид кој само во раната младост делумно поднесува сенка. Претпочита топла и блага клима. Нема посебни барања што се однесува до земјиштето, но најдобро успева на длабоки и плодни земјишта. Добро ја поднесува сушата, но е осетлива на доцни пролетни мразови. Во зима издржува температура до -30 °C. Осетлива е на конкуренција на други видови. Се јавува поединечно или во помали групи на надморска висина до 1400 метри во средоземното подрачје, а во средна Европа до 650 метра.

Употреба

уреди

Тврдите плодови на оскорушата се опори, горки и кисели. Дури после подолго стоење и првите мразови, кога згнијат, стануваат меки, вкусни и слатки. Плодовите се јадат сирови, а може да се преработат во мармалад или компот. Се употребува и како додаток при производството на јаболковача или се преработуваат во ракија од оскоруша. Плодот на оскорушата содржи 11 до 14% шеќер (значително повеќе фруктоза отколку гликоза). Во презреаното овошје има и нешто алкохол и јаболкова киселина (0,6%), танин, азотни материи и доста целулоза. Од витамини, 100 грама оскоруша содржат 8 милиграма аскорбинска киселина и 2,5 милиграма каротин. Плодовите многу ги јадат срните и елените.

Од дрвото на оскорушата се произведува земјоделски алат, кундаци за пушки, кломпи, палици за билјард, модели за ковачки калапи, чембала, шкотски гајди и скапоцен мебел.

Наводи

уреди
  1. „Entry for Cormus“, Index Nominum Genericorum (ING)
  2. 2,0 2,1 USDA GRIN Taxonomy, Архивирано од изворникот на 2020-07-22
  3. „Оскоруша“Дигитален речник на македонскиот јазик

Надворешни врски

уреди